Љупчо Коцарев / Фото: Маја Јаневска-Илиева

5:29 часот наутро, локално време, 16 јули 1945 година, како дел од проектот „Менхетен“, се детонира првата нуклеарна бомба.
Роберт Опенхајмер – директорот на проектот, се присеќава на настанот – нуклеарниот тест, со кодно име „Троица“:
„Знаевме дека светот нема да биде ист. Неколку луѓе се смееја, неколку луѓе плачеа, повеќето молчеа. Се сетив на два стиха од ’Бхагавад-Гита‘“. „Бхагавад-Гита“ е хиндуистички текст напишан на санскрит, дел од епот „Махабхарата“; првиот стих зборува за прекрасното и величествено појавување на Семоќниот: „Ако илјада сонца одеднаш експлодираат на небото, тоа е манифестација на величественоста на семоќниот“, додека вториот стих зборува за можните последици: „Сега станав Смрт, уништувач на световите“

5:29 часот наутро, локално време, 16 јули 1945 година, како дел од проектот „Менхетен“, се детонира првата нуклеарна бомба. Роберт Опенхајмер – директорот на проектот, се присеќава на настанот – нуклеарниот тест, со кодно име „Троица“: „Знаевме дека светот нема да биде ист. Неколку луѓе се смееја, неколку луѓе плачеа, повеќето молчеа. Се сетив на два стиха од ’Бхагавад-Гита‘“. „Бхагавад-Гита“ е хиндуистички текст, напишан на санскрит, дел од епот „Махабхарата“; првиот стих зборува за прекрасното и величествено појавување на Семоќниот: „Ако илјада сонца одеднаш експлодираат на небото, тоа е манифестација на величественоста на семоќниот“, додека вториот стих зборува за можните последици: „Сега станав Смрт, уништувач на световите“.
01:38:39 часот од почетокот на партијата, 10 март 2016 година, во 37-от потег, машината АлфаГоу (AlphaGo) направи тотално незамислив потег, што ги остави сите професионални коментатори без зборови. Тие не можеа да го утврдат значењето на овој потег и на почетокот се мислеше дека АлфаГоу направи грешка, бидејќи ниту еден професионален играч немаше да го избере тој потег. АлфаГоу пресмета дека станува збор за невообичаен потег, објаснувајќи дека постои веројатност од 1 во 10.000 потези дека токму потегот 37 може да го игра еден човек, иако одигрувањето токму на овој потег е малку веројатно, па сепак одлучи да ги надмине упатствата добиени од луѓето за играта Го и да смисли нешто ново и креативно – машината АлфаГоу го победи, во втората партија, осумнаесеткратниот светски шампион во играта Го.
Двата примера на почетокот од денешниов есеј се поврзани со прашањето: Што, според моето мислење, треба да направи новата влада, којашто, се надевам, ќе се формира по изборите на 8 мај 2024 година? Денес живееме во време на експанзија на науките, во ера во која науката стана главен лост, argumentum ad veritatem на развојот и напредокот на современите општества. Но не и на македонското општество. За статусот на науката во Македонија пишувале многумина, биле организирани голем број трибини, тркалезни маси и разговори. Сепак, еве, да кажам и јас некој збор, оти, нели, „секој според својата ука“. Научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана и сведена под неопходниот минимум. Појавата на квазинаучни трудови, на трудови што се целосно плагијати, на купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот научен квалитет – а секторот наука, веќе триесетина години, е системски, планирано и намерно уништуван.
Одамна требаше овој пристап да се промени, па затоа предлагам новата влада да биде предводник на таа промена. Во повеќето (поточно, речиси во сите) земји во Европа (но и на другите континенти), надвор од универзитетите, постојат истражувачки институции со голем број вработени и огромни буџети за наука, чии финансирање и организација се имплементираат на различен начин. Тука би го издвоил примерот со Германија, каде што четири научни друштва/здруженија („Макс Планк“, „Хелмхолц“, „Лајбниц“ и „Фраунхофер“), во 2021 година, обединуваа 275 истражувачки институти и капацитети во Германија, вработуваа околу 116.000 лица и имаа вкупен буџет од приближно 12 милијарди евра.

Во споредба со Германија, Македонија заостанува светлосни години. Оттука, во секторот науката, потребни се сериозни заложби за поголеми издвојувања за науката – без науката Македонија нема да постигне економски раст и да обезбеди благосостојба за своите граѓани. Затоа предлагам: прво, воведување министерство за наука, иновации и технолошки развој, во чиј состав ќе влезат, освен постојниот Фонд за иновации и технолошки развој, и новоформираните субјекти: фонд за наука и институт за вештачка интелигенција, и второ, целосна департизација на трите институции: двата фонда и институтот. Тоа значи, меѓу другото, да се разгледа можноста за донесување закон со кој: (1) ќе му се одземат ингеренциите на новоформираното министерство да изготвува стратегии за развој на науката, иновациите и технолошкиот развој; (2) стратегиите да ги подготвуваат, во синергија, МАНУ, универзитетите и стопанските комори; и (3) новоформираното министерство да биде обврзано да ги имплементира изготвените стратегии.
Вештачката интелигенција е една од најголемите и најдлабоки предизвици во науката, кои ќе влијаат на секој аспект од човечкиот живот, па, оттука, произлегува потребата од формирање институт за вештачка интелигенција. Тука, накусо ќе сумирам одредени заклучоци од две студии, објавени во 2023 година. Во „Годишниот извештај за индексот на вештачка интелигенција за 2023 година“, изработен на Универзитетот „Стенфорд“, Калифорнија, се наведуваат следните заклучоци: (1) Кина предводи во вкупниот број публикации објавени во списанија, презентирани на конференции и поставени на ризници (складишта), додека, пак, поголемиот дел од големите јазични модели (54 отсто во 2022 година) се произведени од американски институции; (2) До 2014 година, најзначајните модели за машинско учење беа објавени од академската заедница, а оттогаш, индустријата го презеде водството; (3) Бројот на инциденти во врска со злоупотребата на вештачката интелигенција рапидно се зголемува, па оттука интересот за етиката на вештачката интелигенција вртоглаво расте; (4) САД, во 2022 година, го предводеа светот во однос на вкупниот износ на приватни инвестиции во вештачка интелигенција; (5) Кина доминира со инсталации на индустриски роботи: во 2021 година, Кина инсталираше повеќе индустриски роботи отколку остатокот од светот заедно. Едно истражување на „Пи-даблју-си“ (PwC), во 2023 година, покажа дека: (1) Глобалниот БДП би можел да биде до 14 отсто повисок во 2030 година како резултат на вештачката интелигенција, или пораст од дополнителни 15,7 трилиони американски долари, што условува вештачката интелигенција да биде најголемата комерцијална можност во денешната брзоменлива економија; (2) Најголемите придобивки од вештачката интелигенција веројатно ќе бидат забележани во Кина (зголемување до 26 отсто на БДП во 2030 година) и во Северна Америка (потенцијално зголемување од 14 отсто).

Така, според моето мислење, потребата од институт за вештачка интелигенција – институт што мора да биде непартизиран, е повеќе од очигледна. Меѓутоа, изградбата на најсовремени системи за вештачка интелигенција сè повеќе бара големи количества податоци, компјутерска моќ и ресурси, кои инхерентно ги поседуваат индустриските актери, во споредба со академската заедница, па, затоа, формирањето таква институција треба да се направи мудро и во согласност со реалните можности на државата.
Сите научни и технолошки откритија имаат две страни – тие може да придонесат за благосостојба на човештвото, но и да бидат злоупотребени, па оттука, денешниов текст ќе го завршам со два цитата. Мечот помеѓу машината АлфаГоу и светскиот шампион во играта Го беше организиран во Сеул, во Јужна Кореја, помеѓу 9 и 15 март 2016 година. По втората партија од мечот, дописникот за нови технологии на весникот „Њујорк тајмс“ напиша: „Постоеше силна тага на целиот кат, и вие можевте да ја почувствувате за време на играта… Се чувствувате радосно, но и малку уплашено. Има нешто, мислам, застрашувачко во врска со машината што учи самостојно“. Во последната сцена од филмот „Опенхајмер“, Опенхајмер, прашувајќи го Алберт Ајнштајн дали се сеќава на размислувањата дека атомската бомба може да предизвика бескрајна верижна реакција што ќе го уништи светот, по неговиот потврден одговор, морничаво изјавува: „Верувам дека ние тоа го сторивме“.
Завршната сцена на филмот и изречените зборови предупредуваат за денешната состојбата во современиот свет, којашто, во блиска иднина, може, со развојот на вештачката интелигенција, да биде уште позагрижувачка. Оттука, предизвиците на човештвото треба да бидат адресирани во синергија меѓу математиката, природните, медицинските и техничките науки, од една страна, и уметноста, општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна. Името на споменатиот нуклеарен тест „Троица“ го предложил Опенхајмер, инспириран од првата строфа на „Светиот сонет XIV“ (Џон Дон), којашто се обраќа кон Светата Троица: Господ-Отецот, Исус Христос и Светиот Дух. Случајно или не, што мислите?