Тихомир Топузовски, директор на МСУ

Првично замислена и прикажана во „Кунстхале Виена“, минатата година, изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“, од утре ќе биде отворена и во Националната галерија во Прага.
Во изменета верзија, изложбата е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од самата НГП, која му донираше на МСУ 12 дела од класичниот модернизам. Годинава МСУ одбележува и значаен јубилеј, 60 години постоење, а по тој повод разговараме со Тихомир Топузовски, актуелен в.д. директор на Музејот на современата уметност.

Какво е значењето на изложбата во Виена и на претстојната во Прага и кои се Вашите планови понатаму за претставување на оваа збирка?
– Изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ обезбедува синергија на новосоздадени дела на уметници со дела од колекцијата, истражувајќи ги начините на кои одредени дела од збирката можат да прикажуваат нови релации, идеи и значења. Изложбата, како и соработката со значајни институции како „Кунстхале Виена“ или Националната галерија во Прага, го покажува потенцијалот на колекцијата на МСУ за изложби што имаат цел да ги обноват претставите за солидарноста, како и да ја инспирираат нашата имагинација за тоа што би можело да се направи денес. Во оваа насока, подготвуваме изложба што повторно ќе се темели на колекцијата, овој пат на читањето на нејзините маргини, што подразбира критичка анализа на географски и етнографски другости застапени во делата од збирката на МСУ, кои можат да се поврзат со глобалниот југ, земјите во развој или неразвиените региони лоцирани во Африка, Латинска Америка и во Азија. Исто така, овие дела овозможуваат релација со различни раселени групи што потекнуваат од овие земји, етнички малцинства, бегалци и мигранти, кои опстојуваат во состојби на општествена нестабилност.
Годинава МСУ-Скопје одбележува 60 години. Што е значајно да се спомене по повод јубилејот?
– Настанувањето e непосредно поврзано со катастрофалниот земјотрес, кој на 26 јули 1963 година разурнува голем дел од градот Скопје. Визијата за нов град вклучува и музеј на современа уметноста, идеја особено поттикната од актите на солидарност на меѓународните уметници, кои донираат голем број уметнички творби, на тој начин овозможувајќи го материјалот за формирање музеј. Солидарноста на светската и тогашната југословенска заедница во обновата на Скопје се изразува и со првите донации на уметнички дела. Такви се примерите на донациите на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо, германскиот графичар Хап Грисхабер, како и познатиот црногорски и српски уметник Петар Лубарда, кој ги подарил сите дела што ја сочинувале неговата самостојна изложба одржана 1963 година во градот Ниш. Оваа пракса се интензивира кога Меѓународното здружение на ликовни уметници упатува апел до своите членови за поддршка во создавањето збирка на уметнички дела, кога повторно преку солидарноста се поттикнува културната обнова на Скопје, создавајќи релевантен и неопходен материјал за идниот музеј на градот. Праксата на подарување уметнички дела продолжува со голем број автори, како на пример Виктор Вазарели, Бернар Бифе, Александар Калдер, Ана-Ева Бергман или Пабло Пикасо, но во продолжение на историското оформување на колекцијата, и понатаму уметници што изложувале или соработувале со МСУ и многу декади подоцна продолжуваат со донирање свои дела, како што се примерите со делата на Дан Пержовски, Ана Бругуера или рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“. Оттаму, солидарноста од која е обликувана колекцијата на самите почетоци продолжува да претставува двигател за континуирано дополнување на уметничката збирка на музејот, која денес има над 5.300 дела.

Она по што е препознатлив музејот е „Големото стакло“. Од каква важност е постоењето на ова списание?
– „Големото стакло“ за првпат е публикувано во 1995 година, иницирано од Соња Абаџиева, тогашна главна и одговорна уредничка на списанието, како и поранешна директорка на МСУ. Списанието во континуитет е издавано во 24 броеви, до 2009 година. По повеќегодишна пауза, списанието се обнови во 2018 г. со различен концепт во однос на претходното издание, обидувајќи се да ги адресира новите предизвици. Списанието, кое сега се издава на англиски јазик, овозможува музејот да соработува уште поинтензивно со меѓународни автори, кои се застапени со свои текстови, како и изданијата да бидат презентирани и дистрибуирани во меѓународни културни, уметнички и академски центри и институции како: музејот „Реина Софија“ од Мадрид или Универзитетот „Голдсмит“ од Лондон. На овој начин МСУ ја проширува својата меѓународна репутација и ја потврдува својата институционална позиција да претставува референтен издавач во областа на современата уметност и теорија. Основните определби на списанието се да публикува квалитетни истражувања, теоретски и емпириски анализи и студии, како и да презентира визуелен материјал во пошироките области на современите уметнички практики. Започнувајќи од 2018 година, списанието вклучи повеќе од 100 реномирани светски автори, кои со свои оригинални прилози ги адресираат актуелните предизвици во уметноста заедно со историските, политичките, социјалните, економските и културните контексти.
Што успеавте да опфатите во новиот број на „Големото стакло“?
– Новиот број е поттикнат од изложбата на колекцијата МСУ-Скопје во „Кунстхале Виена“. Надоврзувајќи се на оваа претставување, изданието се насочува кон актуелните дебати во критичката музеологија и пристапите кон преиспитувањето на музејските колекции, кураторските практики, стратегиите на репрезентација во галериските простори, како и застапеноста на публиката. Во оваа насока се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, изразувањето културни различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти, кои ги адресираат и вончовечките простори. Во ова преиспитување на улогата на музеите, со свои текстови се застапени авторите: Катажина Муравска-Мутезиус, Соња Абаџиева, Јесус Педро Лоренте, Бојана Пишкур, Марија Ѓорговиќ, Фиона Камерон, Адам Ночек, кураторскиот колектив „Даблју-ејч-даблју“ и други.
Во која насока продолжува да работи МСУ, кои се Вашите стремежи?
– До денес МСУ ја носи солидарноста во наследство, што подразбира практикување и споделување на оваа вредност по принципот на отвореност и дијалог, продуцирајќи програми и работа заснована не нужно само на културни и уметнички настани туку, пред сѐ, на општествени процеси. Сосредоточени сме на општествената одговорност на МСУ во однос на отворањето теми поврзани со актуелните предизвици денес, како и вклучување на граѓаните во работата на музејот без оглед на нивните економски, социјални, политички и културни разлики. Идните програмски активности како изложби, презентации, предавања, перформанси, публикации итн. произлегуваат од оваа општествената нужност, позиционирајќи го МСУ како место со постојано влијание и важна институционална улога.