Фото: ЕПА

Холандија и Португалија преку дополнителни квалификации се пласираа на ЕП, во 2004, односно во 2012 година, а и двете селекции на тие европски првенства потоа стигнаа до полуфиналињата. Од селекциите што преку плејоф се пласираа на ЕП имаше уште три учесници во четврт-финале… Утре на програмата се годинашните баражи, по кои три селекции ќе играат на ЕП 2024

ФУДБАЛ – ИСТОРИЈА НА БАРАЖИТЕ, ВО ПРЕСРЕТ НА ДОПОЛНИТЕЛНИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Од вкупно 12-те репрезентации, кои утре ќе играат во плејофот за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП), три ќе се најдат на континенталниот шампионат годинава во Германија, со надеж дека ќе остварат успех сличен на тој на селекциите на Холандија од ЕП 2004 и на Португалија од ЕП 2012. Тие две репрезентации играа во плејоф-дуелите за пласман на европските првенства, и тоа Холандија во 2003 година и Португалија во 2011 година, а и двете селекции подоцна стигнаа до полуфиналињата на соодветните европски шампионати следните лета, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА), на својата интернет-страница.
УЕФА неколкупати го смени системот на квалификации со плејоф, кој првпат беше воведен за ЕП 1996. Тогаш се сретнаа двете второпласирани репрезентации со најмалку бодови по групната фаза (другите шест директно се пласираа на тоа ЕП), во еднократниот натпревар на неутрален терен, одигран на стадионот „Енфилд“, во Ливерпул (Холандија ја победи Република Ирска со 2-0, а Патрик Клајверт го постигна првиот гол во историјата на плејофот за пласман на европските првенства).
За ЕП 2000 беше воведен двомеч, играа осумте најслаборангирани второпласирани селекции во квалификациските групи. За континенталното првенство во 2004 година во по два натпревара играа сите десет второпласирани во квалификациите.
За ЕП 2008 немаше плејоф, а за ЕП во 2012 и во 2016 година одново се играше како во форматот за ЕП 2000. За шампионатот во 2020 година пак имаше четири места на ЕП за најуспешните во баражот, овој пат репрезентациите учествуваа врз основа на нивниот настап во Лигата на нациите во сезоната 2018/2019, наместо врз основа на настапот во квалификациските групи за ЕП. Вкупно 16 репрезентации се натпреваруваа во по два единечни меча (полуфинале и финале), а еден од победниците беше и репрезентацијата на Македонија, која со тоа во 2021 година дебитира на европските првенства.
На ЕП 2024 има три места за репрезентации што ќе играат во плејофот, чии полуфинални натпревари се утре, а учесниците и овој пат беа одредени врз основа на перформансите во Лигата на нациите, но во ова издание играат 12 селекции во по два единечни меча (полуфинале и финале).
Утре во плејофот на лигата А ќе играат Велс – Финска и Полска – Естонија, во лигата Б се среќаваат Израел – Исланд и БиХ – Украина, а двојките за лигата Ц се Грузија – Луксембург и Грција – Казахстан.
Во вторник треба да се играат финалињата на трите баражи, а домаќини на тие средби ќе бидат победниците на дуелите Велс – Финска, БиХ – Украина односно Грузија – Луксембург. Од 12-те учесници половина играат за деби-настап на европските првенства. Н.М.


УСПЕСИ НА ЕП НА РЕПРЕЗЕНТАЦИИТЕ ПО ОДИГРАН ПЛЕЈОФ

Полуфинале Холандија (2004), Португалија (2012)
Четврт-финале Холандија (1996), Турција (2000), Чешка (2012)
Осминафинале Унгарија (2016), Република Ирска (2016)
Извор: УЕФА