Фото: Макфакс

Основното јавно обвинителство Струга поднело обвинителен предлог против Размиз Мерко за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти Јавното обвинителство, обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31.1.2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа.

-Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот. Така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси – информираат од обвинителството.