Може ли Македонец да биде на чело на ДУИ?

Најголемата и најмоќна албанска партија е со полна уста за мултиетничко општество, за граѓанска демократија, за меѓунационален мир и разбирање, но партијата е строго еднонационална. Таа за овие две децении има изградено цврсти бедеми со затворен (забранет) влез за која било друга етничка припадност во нејзиниот замок чуван од надворешни погледи и влијанија. Од националната и верска партиска мултетничност, ДУИ бега како ѓавол од крст

Прашањето е многу просто: Може ли Албанец да биде на чело на Владата на Република Северна Македонија? Одговорот е уште попрост: Секако дека може.
Прашањето дали Албанец може да биде на чело на Владата повторно е актуелно, но не е ново. Него неколку години го афирмира и „турка“ во јавност Демократската партијата за европска интеграција (ДУИ). Дебатите добија поголем интензитет неодамна, кога, којзнае по кој пат, беа споменувани вонредни собраниски избори. Посебна сласт и енергија на застапниците на таквата идеја им дадоа околностите околу изборот на Риши Сунак за премиер на Обединетото Кралство, кој по потекло е Индиец, и на Хамза Јусеф, новоизбран премиер на Шкотска, Пакистанец по род.
Во некои домашни кругови нивните именувања се наведуваат како позитивен пример за можностите на помалите национални заедници што може да се примени и во Македонија. Тоа би значело да се избере премиер Албанец (македонски Албанец) без никакви национални, рационални, верски и други предрасуди. Тие кругови не се само албански, такви ставови имаат и пропагаторите на граѓанското општество и повеќето невладини организации предводени главно од Македонци. Меѓународната заедница не би имала против. Тој чин би го поздравила како врв на демократијата и усогласеност во меѓунационалните односи меѓу Македонците и Албанците.
Како поттик за отворање нова дискусија за националната припадност во политичките врвови деновиве е протнат пробен балон преку навидум наивното прашање дали е можно Турчин да биде на чело на СДСМ, а особено на ВМРО-ДПМНЕ, двете најголеми партии од македонскиот политички блок. Колку уфрлувањето на „Турчинот“ во овој меѓунационален комплекс може да биде општествен амортизер, исто толку може да предизвика нови бранувања што би ја покажале кревката зрелост на македонското „едно општество за сите“.
Како противтежа или како рамнотежа на погорните дилеми нужно е да се постави прашањето: Ако може Албанец од ДУИ да ја води Владата, зошто на чело на ДУИ да не може да биде Македонец по род и националност? Може ли да се случи и такво чудо, меѓу многуте чуда во шарениот политичкиот живот на Македонија? Најголемата и најмоќна албанска партија е со полна уста за мултиетничко општество, за граѓанска демократија, за меѓунационален мир и разбирање, но партијата е строго еднонационална. Таа за овие две децении има изградено цврсти бедеми со затворен (забранет) влез за која било друга етничка припадност во нејзиниот замок чуван од надворешни погледи и влијанија. Од националната и верска партиска мултиетничност, ДУИ бега како ѓавол од крст.
Може само да се претпоставува што би се случувало кога Македонец би бил претседател на таа партија и кога во неа би се слеале членови и функционери од повеќе националности. Најверојатно Македонија би била подобра и побезбедна држава. Надежта не се губи иако никој не верува дека тоа може да се случи во некоја далечна, предалечна иднина.

Прашањето за избор на претседател на Владата (премиер) од редовите на албанската етничка заедница во неколку наврати, откако е на власт, го има отворено ДУИ. Нивниот лидер Али Ахмети повеќепати го веел знамето за таа не само можност туку неминовност.
Во свежи сеќавања се впечатоците од собирот во автокампот Крани на Преспанско Езеро, одржан пред собраниските избори во 2020 година. На таа песоклива плажа, на тој митинг, на таа конвенција, поранешниот министер за труд и социјална политика Насер Зибери беше промовиран како кандидат за прв премиер Албанец на Македонија номиниран од ДУИ. Навистина, ретко кој очекуваше да се случи тоа, покрај лажливиот Заев, кој ги имаше дадено тие ветувања. Обидот со Зибери не се покажа ефективен, што не значи дека ДУИ и Али Ахмети се откажале од таа идеја што сакаат да ја претворат во стварност. Остана запишана пораката испратена до СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека двете партии, односно нивните лидери не се сопственици на оваа земја.
Во рок од три децении македонскиот повеќепартиски систем доживуваше сериозни уставни, законски, економски и други трансформации. Тие се испреплетени и со низа кадровски поместувања кон врвот во корист на албанската национална заедница. Со изборот на Талат Џафери на 27 април 2017 година (под возбудливи околности, при насилниот упад на демонстранти) веќе е надминато прашањето за тоа може ли Албанец да биде претседател на Собранието. За волја на вистината, последен претседател на македонското собрание во социјализмот беше исто така Албанец, докторот Вулнет Старова. Но во тоа време функцијата го немаше националното значење што го има сега.
Што се однесува до учеството во другите, условно речено пониски кадровски постави, Албанците како актери биле застапени во сите досегашни влади. Биле именувани кадри речиси од сите поранешни и од сите новоформирани партии, но со голема предност за ДУИ. Партиите од албанскиот политички блок имале министри во сите клучни и помалку клучни министерства. Стигнаа да имаат и прв заменик на претседателот на Владата. Немале само за внатрешни работи, од причини што не се познати, но за кои сигурно може да се најде посериозно објаснување. Но, секако, таквите околности нема да бидат причина утре да не биде урнат и тој ѕид што го одржува МВР.

Во целиот овој контекст е и прашањето каде се најголемите македонски партии. ВМРО-ДПМНЕ и со самото име и со вербалните настапи не крие дека е национална (со националистички примеси) партија на Македонци и игра на таа карта. СДСМ засега е единствената мултиетничка и мултиконфесионална партиска организација. Таквата определба му прилега на модерно демократско, организирано граѓанско општество, какво што не е македонското.
Но токму во тие такви и слични околности треба да се бараат причините за сознанието дека СДСМ полека -полека го губи својот национален идентитет како партија што ги штити интересите на своето најголемо гласачко тело, а тоа се Македонците. Со самото тоа вртоглаво ја намалува довербата и останува без влијание врз мнозинството од граѓаните, факт што го посочуваат не само анкетите туку и обичните граѓани.

[email protected]