ЕУ како алатка на современиот малцински национализам во Македонија

Во Македонија никогаш не ги проучивме малцинскиот национализам и неговото влијание врз територијалниот интегритет на државите, а за волја на вистината никогаш не беше сериозно третиран и од политиката во Македонија. Затоа толку лесно дозволивме Македонија да биде реконфигурирана со решенија наметнати однадвор, со цел да се решат малцинските националистички барања за самоопределување и автономија, менувајќи го Уставот и вградувајќи малцински и какви не се дивоградби во него

И сега по триесет години од градењето независна држава, Македонија ќе се преуредувала по хрватскиот модел на национална држава? Како не. Откако „државотворните“ комунисти го продадоа националниот карактер на македонската држава, сега ми изгледа малку задоцнето да зборуваме за уставни измени со кои би си ја вратиле асномска Македонија. Особено не со оваа власт. Премногу долго се молчеше и пазареше со националните интереси на македонскиот народ за да ни се случи оваа хермафродитна државна структура денес: држава на политичко и морално пропаѓање. А сѐ започна од наследството на конститутивниот наратив врз кој се засноваше општествениот проект на социјализмот, кој не го препознаваше концептот на мнозинство и малцинство. Затоа кога се пишуваше Уставот на Република Македонија терминот малцинства исчезна од текстот на Уставот како премногу политички и емоционално токсичен збор и беше заменет со безличниот збор националности од поранешната држава. А со толку посветени теоретичари на самоуправувањето во Македонија визијата на Тито за иднината на Југославија од Конгресот на Комунистичката партија од 1978 г. лесно беше да се преслика во Уставот на независна Македонија во 1991 и поимите мнозинство и малцинство да исчезнат од правниот вокабулар на новата држава.
Не знам зашто кај нас „малцинство“ звучи како погрден и омаловажува збор иако зад него стои меѓународно прифатен концепт на недоминантни групи население во општеството што се бројчано инфериорни во однос на мнозинското население во државата и поседуваат етнички, религиозни, јазични или културни посебности што се обидуваат да ги одржат. Очигледно концептот на малцинства никогаш не се ослободи од лабораторијата на безличниот социјализам со човечки лик, носејќи со себе сè што е грдо и дрско за тоа што во оваа земја кому му припаѓа. Затоа зборот малцинство го изгонивме од јазикот на правото и политиката во Македонија. По прашањето на малцинствата Македонија од својата независност подложена е на масовен експеримент: таа се движи кон мултиетничка држава (и општество) и демократија, нешто што малку општества некогаш го направиле. Затоа малцинствата во Македонија, кои не се уставна категорија, се математички и историски неодговорни. Секој обид да промените нешто во тој поглед предизвикува авторитарни реакции што ги загрозуваат самите основи на нашиот политички систем. Или веќе тоа што остана од него. И оди сега спасувај ја демократијата! Или поточно: како да излеземе од овој политички кошмар што ни се случува? Како да излеземе од периодот на владеење на малцинствата?
Менаџирањето на промените во меѓуетничките односи во Македонија не ги следеа историските лекции од минатото, особено не научивме ништо од катастрофални настани од 1930-тите, кога малцинските прашања беа киднапирани од нацистите и поновите етнички конфликти во делови од поранешниот социјалистички блок (пред сè, во поранешна Југославија), кои ​​го зајакнаа ставот за малцинствата како аномалија во модерната држава. Ниту знаевме ниту можевме да ја согледаме опасноста што малцинското прашање ја носи со себе. Која денес се покажува погубна за иднината на унитарниот карактер на државата. Манипулацијата со концептот на малцинства и неговата замена со националност беше успешно трансформирана во инсистирање на различност со таква ригидност, гнев и слепило и со исклучување на можноста за општо знаење и заеднички споделени решенија. Апокалиптичната реторика следена со агресија како самоодбрана и реакција на наводната неправда што ја трпи одредена националност во Македонија, како и отсуството на доследност во разбирањето кој е малцинство во државата стана манипулативно уценувачко средство не само за целосно и ефективно остварување на човековите права согласно меѓународно правните стандарди туку и надвор од нив, тестирајќи различни експерименти во решенијата на малцинското прашање, кои денес сѐ повеќе ги доживуваме како тиранија на малцинството.
Во Македонија никогаш не ги проучивме малцинскиот национализам и неговото влијание врз територијалниот интегритет на државите, а за волја на вистината никогаш не беше сериозно третиран и од политиката во Македонија. Затоа толку лесно дозволивме Македонија да биде реконфигурирана со решенија наметнати однадвор, со цел да се решат малцинските националистички барања за самоопределување и автономија, менувајќи го Уставот и вградувајќи малцински и какви не се дивоградби во него. Затоа доцна е да се навраќаме на модел на национална држава како што е Хрватска, особено сега кога ги снабдивме малцинствата, или етничките заедници, или деловите од народ со институционални механизми и овластувања, кои на крајот, не дај боже, ќе резултираат со распад на државата (сецесија), или во најдобар случај со нејзина федерализација. Конечно, можеби треба сериозно да размислиме до кој степен ЕУ се користи како алатка за истакнување на граѓанската природа на современиот малцински национализам кај нас и дали со тоа се сака да се нагласи дека современиот малцински национализам не е етнички и ексклузивен, туку инклузивен и космополитски. Па затоа можеби се формира оној безалтернативен европски блок што ќе нѐ носи кон ЕУ. Кој ќе го знае.

Проф. Звонимир Јанкулоски