Карикатура: „Нова Македонија“

Кога веќе се направи кармакаша од она што требаше да биде основен правно-политички столб за секоја држава, дилемата што се наметнува во јавноста во последно време е дали земјава е подготвена за носење целосно нов устав, кој нема да биде амандмански мозаик на остварени желби на најголемата малцинска етничка заедница во земјава, како и „желботека“ на соседните земји, кои со години флагрантно се мешаат во внатрешните работи на Македонија и наложуваат какви уставни измени да се направат

Додатоците од измени и дополнувања на највисокиот правен акт го направија список на остварени желби на најмногубројниот малцински етникум

Кога пред нешто повеќе од три децении беше донесен Уставот на Република Македонија, од повеќето европски и светски уставни експерти беше оценет како еден од најдобрите, најдемократските, со најширока палета по европски модел на малцински права и човекови слободи.Но очигледно високите експертски оцени, во кои се вбројува и онаа на Роберт Бадентер, не беа доволно силна причина по никоја цена да не се чепка во највисокиот правен акт во државата, па во годините што следуваа тој стана „пиши-бриши книга“, во која секој си ги исполнува желбите кога и да посака.
Од неговото донесување до денес македонскиот устав има претрпено повеќе амандмански интервенции, промени на преамбулата, која сега дури е тешко читлива и разбирлива, а самиот текст на Уставот веќе е дотолку видоизменет, што воопшто не го отсликува духот на вековните национални стремежи и борба за македонска национална држава, а го загуби и политичкиот компас од времето кога Македонија ја прогласи својата независност и за првпат беше остварен сонот на македонскиот народ за сопствена независна држава.

Во процес на размислување за подготовка на нова закрпа

Сега највисокиот правен акт во државата повторно се наоѓа пред нови преправки, додавки и модификации, по желба на надворешните, но и на домашни фактори, кои го злоупотребуваат секој клучен политички момент да испорачаат нови уставни уцени.
Кога веќе се направи кармакаша од она што требаше да биде основен правно-политички столб за секоја држава, дилемата што се наметнува во јавноста во последно време е дали земјава е подготвена за носење целосно нов устав, кој нема да биде амандмански мозаик на остварени желби на најголемата малцинска етничка заедница во земјава, како и „желботека“ на соседните земји, кои со години флагрантно се мешаат во внатрешните работи на Македонија и наложуваат какви уставни измени да се направат.
Многу европски држави, за да избегнат слични сценарија како македонското, донесоа устави што не се гломазни и во кои се зафатени само основните граѓански демократски права и слободи, додека преостанатите работи се регулирани со специјални закони, како специјален закон за претседателот на државата, за некои институции и слично, кои можат да се менуваат, да се дополнуваат по потреба, без да мора да се интервенира и менува Уставот.
Повеќе од јасно е дека македонскиот устав со многубројните интервенции веќе е целосно непрепознатлив, девалвиран, воопшто не се почитува, а згора на тоа секој си зема за слобода сам да го толкува на начин онака како што му одговара. Причините за тоа треба да се бараат во леснотијата со која се отвораше највисокиот правен акт во земјава, нешто што во развиените демократии речиси никогаш не се случува.
– Ние веќе од нашиот устав направивме во буквална смисла каша-попара, менувајќи го за дневнополитички потреби и „условување“ од страна на политичките партии во Собранието. Ако нема консензус, тогаш не би требало набрзина и сега и веднаш да се менува највисокиот правен акт во државата, туку треба преку една експертска расправа да ги осознаеме сите консеквенции од направените промени – вели Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка.

Треба да почне да се размислува во насока на подготвување нов устав

Имајќи предвид дека Уставот веќе е доведен до непрепознатливост од она што било заложба пред три децении, нашата соговорничка смета дека Македонија е подготвена за носење целосно нов устав.
– Ние како држава веќе сме подготвени за нов устав, на кој би се работело повеќе, како политички, така и содржински, доколку сакаме да си ги почитуваме државата и нејзините закони. Ова не е работа само на една политичка гарнитура, туку на широк државен експертски консензус, на кој сериозно би се работело во еден подолг временски период – констатира Марковска.
Познавачите на уставните состојби се согласни дека Уставот веќе не може да трпи промени и дека треба да почне да се размислува во насока на подготвување нов устав.
– До денес Уставот има претрпено многу амандмански промени и станува нечитлив и нејасен. Човек само преамбулата не може да ја прочита, бидејќи тоа е огромна реченица. Треба да се отвори една поширока дебата, со вклучување на сите уставни експерти, за да се направи нов устав, кој нема да се менува како сегашниот. Кога не се почитува Уставот, не се почитува ниту државата – потенцираат познавачите на уставните состојби.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска констатира дека македонскиот устав е само обична крпеница, а уште една промена, која сега се предлага за внесување на Бугарите, ќе значи само дефинитивно расчистување со Македонија онаква каква што народот ја знаел и посакувал.
– Читам расправи за најавената уставна промена и се нервирам. Ова веќе не е време за академска или стручна дебата. Помина тоа време. И фелата беше поразена – и на академски и на морален план. Прво, Уставот ни е бетер од фустанот на Пепелашка. Крпеница до крпеница. Секој минувач може да побара да се смени под принуда, и ние ќе клекнеме заради „повисоки вредности“ или ЕУ-бајка. Кога еднаш ќе го направиш тоа, после ти станува навика. Затоа, не очекувам изненадувања. Ова може да биде последниот клинец во мртовечкиот ковчег на Македонија каква што ја знаевме или посакувавме – пишува професорката Ванковска.