Сакаме среќни или специјални семејства?

Неодамна на првоодделенци им беше сервирано наставно ливче со илустрација на која еден белец и еден Афроамериканец или можеби Абориџин држат детенце в раце, што е очигледна пропаганда за еднополови бракови, а сликата беше толкувана како „татко со синови“. Со малку напор може да се види дека наставното ливче со таквата илустрација, кое им беше дадено на првоодделенците за наводни семејни вредности, е всушност преземено од австралиската веб-страница „Твинкл“, која содржи наставни материјали што може да ги користат наставниците за време на нивните предавања. Единствената разлика меѓу оригиналното наставно ливче и ливчето што им е дадено на првоодделенците е насловот, односно во оригиналот пишува „Рецепт за специјално семејство“, додека другото е насловено „Рецепт за среќно семејство“

Многу интересен феномен се случува денес, кога сме веќе добро загазени во 21 век, кога светот е сериозно загрижен од напливот на вештачката интелигенција, која се заканува дека може да се претвори од верен слуга во суров господар. Е, во една таква констелација, некои луѓе во Македонијава наша мислат дека народот овде пие мастило. Односно дека уште живееме во некој доцен 19 или ран 20 век, па го чекаме селскиот барабанџија да застане на тумбата сретсело и да удри неколкупати во барабанчето што го носи со себе, за да нѐ извести дека од следната недела ќе се собира данокот и сите да се подготват да го платат, затоа што казните се големи, дека лекарот ќе помине идната сабота во селската задруга и ќе ги прегледува болните. Патем и дека водарината ќе се плаќа во натура. Ете така некако нѐ гледаат луѓето што упорно ни продаваат магла, небаре се правнуци на Итар Пејо.
Наспроти тоа, имаме млади луѓе во земјава што креираат софтвер што им се продава низ светот на вистински корпорациски гиганти, кога илјадници деца работат како фриленсери исклучиво за странски компании, па да не одам дотаму дека и некои некогашни „Титови деца“ денес се во кондиција да се снаоѓаат на интернет и во пребарувањето бидејќи тоа е единствениот начин ако сакаат да опстанат во ова ново време.
Е, во едно такво опкружување некој да пласира илустрација во јавноста на која еден белец и еден, ајде да речеме Афроамериканец или можеби Абориџин, држат некое детенце в раце, што е очигледна пропаганда за еднополови бракови, а притоа да ја толкува како „татко со синови“ е навистина изненадувачки. Со малку напор може да се види дека наставното ливче со таквата илустрација, кое им беше дадено на првоодделенците од основното училиште „Св. Кирил и Методиј“, за наводни семејни вредности, е всушност преземено од австралиската веб-страница „Твинкл“, која содржи наставни материјали што може да ги користат наставниците за време на нивните предавања. Конкретното наставно ливче може да се пронајде во пребарувачот доколку напишете „LGBT history month happy family 2023“ или во превод „месец на ЛГБТ-историјата среќно семејство 2023“, на самиот врв ќе ви се појави токму оваа слика на „татко и син“, велат од Коалицијата за заштита на децата.
Единствената разлика меѓу оригиналното наставно ливче и ливчето што им е дадено на првоодделенците е насловот, односно во оригиналот пишува „Рецепт за специјално семејство“, додека другото е насловено „Рецепт за среќно семејство“.
И сега, што правиме? Ќе градиме среќни или специјални семејства?
Секој има право на избор, нека му е со среќа. Меѓутоа, да ѝ се наметнува еден таков избор на целата популација, почнувајќи од првоодделенци, навистина не е среќен избор.
Но да се вратиме на оние што уште мислат дека живееме во времето на барабанџиите што со душа ги чекаме да дојдат сретсело за да ни кажат што се случува во земјата и светот.

Во ситуација кога македонската железница е потоната во кал, па возовите веќе одамна не возат, а кога ќе тргнат тоа не го знае ниту господ, во интерес на коалицијата што, нели, „не смее да падне“, како Прозор некогаш што не паднал, за директор на ова јавно претпријатие се носи конобар или слаткар, сеедно. Нека ми простат сите припадници на овие две чесни професии, но верувам дека ќе ме разберат кога велам дека за директор на едно од најпроблематичните јавни претпријатија во земјава, кое со децении се дави во проблеми, крајно време е да се донесе менаџер со врвни организаторски и претприемачки карактеристики.
И повторно да се вратиме на основната тема. Зарем некој мислеше дека податокот дека за директор поставуваат човек што до вчера бил угостителски работник ќе остане затскриен, дека никој нема да ѕирне во социјалните мрежи, каде што буквално за 30 секунди можеш да ја имаш како на тацна биографијата на секој од нас? Веднаш штом се спомна името на новиот директор се појавија во јавноста негови фотографии од досегашното работно место.

Социјалните мрежи си ја извршија својата функција. Едноставно, не можам а да не се запрашам, зошто некому не му светне црвената сијаличка во ситуација кога вработените се во штрајк, кој се повторува на секои неколку месеци, кога бројот на вработените е далеку од потребниот минимум, кога… Проблемите се неброени и во таква ситуација наместо да се најде човек чиј работен профил би можел барем делумно да помогне, некој повторно носи човек со несоодветни квалификации. Или барем досега нема таква информација, како демант на сите укажувања по медиумите и на социјалните мрежи дека кандидатот нема потребни квалификации, освен тоа дека е партиски кадар. А од партиските кадри се знае што се очекува – најнапред да го смени персоналниот состав на својот кабинет, да купи комплетно нов мебел за канцеларијата, сигурно и нов луксузен автомобил, па нема белки да се вози во оној стариот од претходниот директор. Останува да веруваме дека новиот директор на железница, поточно на „МЖ транспорт“, нема да тргне по нивните стапки. Затоа што, според досега објавените податоци, од никого недемантирани, „МЖ транспорт“ должи неверојатни 70 милиони евра.