Летечкиот килим на хуморот

Виц број 1. Зошто мундирите на британската војска биле црвени? Затоа што во честите битки со африканските племиња имало многу ранети и осакатени, па крвта на униформата да не предизвика дополнителен шок и парализа кај војникот. Затоа и пантолоните на француските војници се кафеави. Виц број 2. Зошто има толку дрвореди во Париз? Затоа што Германците сакале да маршираат под сенка.
Секогаш ме восхитува вонвременскиот англиски хумор. Кога последен пат имаше сонце во Лондон? Лани, во четврток. Мојата љубов кон него започна со „Монти Пајтон“ и… и тие ќе се сакаат до крајот на животот. Сите народи си имаат различна смисла за хумор, но кај Англичаните навистина има нешто посебно. Двата гореспоменати вица се производ на вековниот ривалитет меѓу Французите и Англичаните, кој предизвикал многу конфликти, војни и жртви. Но Англичаните во тој ривалитет родиле и многу хумор, кој кулминира со ремек-делото „Ало, ало“. За разлика од нив, Французите не можат многу да се пофалат со успеси на ова „бојно поле“. Не дека не се духовити, но искрено мислам дека никој не може да си го мери чаламот со Англичаните.
За разлика од чистиот хумор, британскиот политички цинизам воопшто не е смешен. Не мислам на политички вицови, туку на реална политика, а војната е продолжување на политиката со други средства. Кога се скараа британскиот крал, рускиот цар и германскиот кајзер, инаку први братучеди (кога првпат им ги видов суратите мислев браќа се), започна Првата светска војна и Французите го кркаа. Огромниот француски фронт, речиси ист како денешниот во Украина, стана машина за мелење човечко месо. Патем, Русите кратко учествуваа во војната, затоа што (моја претпоставка), Британците им ги сместија Ленин и Октомвриската револуција, која почна во ноември, односно во февруари (народот излезен од под шинелот на Гогољ, има чудна смисла за хумор кога станува збор за времето и просторот). Како и да е, братучедите ја спукаа, светот гадно го јадеше стапот, а најдебелиот крај го извлекоа Германците, Русите и Французите. Англичаните веројатно арогантно се кикотеа, иако многу брзо дојде Втората светска војна во која и покрај фактот што беа во победничката коалиција, загубија огромен дел од својата империја.
А историјата се повторува како фарса. Освен во Нордистан каде што фарсата се повторува како историја. Макрон најави испраќање копнени сили што ќе се борат против Русија. Кремљ веднаш одговори дека тоа е армагедон. И наеднаш, ништо веќе не е смешно, бидејќи армагедон означува крај на светот, а поврзано е со древниот израелски град крај истоимената планина, Мегидо. Според Откровението (грчки, апокалипса) на Свети Јован Богослов војната меѓу доброто и злото пред крајот на овој, за нас познат свет ќе почне на планината Мегидо или армагедон, во оригинал хар-мегидо (градината Мегидо).

Како и да е, по изјавите на Париз и Москва, ако Франција почне војна со Русија, доаѓа крајот на оваа цивилизација. И повторно, како што тоа вообичаено бидува, Французите се, на чуден начин, насанкани од Англичаните. Како тоа? Брзо по руската инвазија на Украина, (Лондон веднаш започна со наративот дека Русија ќе биде фрлена на колена) сфаќајќи, претпоставувам, дека меѓусебната касапница е ќор-сокак, Русија и Украина во Истанбул дојдоа до мировно решение со кое војната завршува, украинската територија (без Крим) останува цела, рускозборувачките Украинци ги добиваат назад одземените права и автономија, а официјален Киев останува неутрален. Е, ама, Британците (Борис Џонсон) го минираа овој договор како гасовод и пениспијанистот одби да потпише, иако ќе беа спасени Украина и 200-300.000 човечки животи. И сега Макрон се топори да влезе во војна со нуклеарен џин и народ за кој историјата учи дека не е паметно да војуваш со него. Замислувам просечен Англичанец, седнат во паб некаде во Лондон или Бирмингем, срка „гинис“ и меѓу два спортски журнала, чита вест: „Франција маршира против Русија“, па си коментира, „А-ха, на Французите им треба нов мост во Париз“.
Знам, не е смешно, планетарното мнозинство нормален свет, воопшто не е расположено за трета, најверојатно и последна војна, ама фарсава станува смртно здодевна, па на есхатолошки расположени циници како мене им доаѓа да викнат, аман доста е, дајте го ваму тој посран армагедон и да завршиме со нашава приказна, оти не се трпите веќе, на крајот на краиштата, смртта е нераскинлив дел од животот, макар тоа било и смртта на една цивилизација, а постоењето, нели, си има свои правила и едното од нив вели дека по секој хаос, се раѓа космос и тоа веројатно воопшто не е лошо, бидејќи ние сегашниве и не се покажавме многу арни во главите.

Информациите, точни или неточни, не знам, можеби не толку прецизни, но плус минус, ужасно застрашувачки, велат дека изминатава недела во Газа загинале 30.000 цивили од кои 13.000 деца и вас, нормалните, сигурно ви се превртува утробата од помислата за една глобална војна во која човештвото повторно ќе влезе во крвава оргија каде што воздишките стануваат крикови на убиени, искасапени, силувани, ама простете, циникот во мене, седнат во пабот на светската гротеска, додека пие англиски хумор и гледа низ валканите стакла од излогот на нашава цивилизација, се прашува, а кого тоа Макрон ќе регрутира? Легија на странци? Па тие се веќе таму, на фронтот, и не си поминуваат убаво. Астерикс и Обеликс? Секако не, некој им подметна нова нормалност во волшебниот напиток. Е па, кој? Што знам, еве може да ги регрутира земјоделците што го сардисаа Париз, па да се договори со Урсула, да ги соберат и фармерите што го запалија Брисел, оти аздисаа бе, сè нешто они незадоволни, а ваму жители на рајска градина и ај што медиумите од петни жили се трудат да ни докажат дека овие луѓе и протести не постојат, ама и такви измислени, им го рушат раатот на Ману и Урси по што следува логиката што вели, ако Русите се тепаат со лопати во кои ставаат чипови од миксери, тогаш треба да им се испратат фармери со копачи и комбајни. Туку, некако ми се чини дека Французите не се баш среќни од авантурата што им ја замислил нивниот нов Наполеон.
Уф, пак ништо за Нордистан, ама, без паника (Даглас Адамс), јас секако своите „записи од мртвиот дом“ (Достоевски) залеани со англиски хумор (главниот лик се вика Џемсбонд Мак Дониан) ќе ги сместам во роман со наслов „Нордистан“, (планирам да ѝ дадам интересен предлог на редакцијата), каде што ќе се занимавам со духовниот (сега веќе и физички) концлогор среде кој смрди на гнилеж и распаѓање, а единствен начин да се побегне од него е летечкиот килим на хуморот.