Во пресрет на промоцијата на монографијата за Универзалната сала

Промоција на монографија по повод 60 години – Универзална сала – Скопје, насловена „Скопскиот симбол на хуманоста“ од авторката Весна Дамчевска, ќе се одржи на 6 март (среда), во 12 часот, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ (прв кат). Книгата е издание на ЈУ Универзална сала – Скопје, а е објавена со поддршка на Град Скопје.
Книгата излегува по повод 60 години од зачетокот на благородната идеја да се изгради сала или културен простор што ќе има универзално значење и функција, наменет за организирање разни манифестации, културно-уметнички и помали спортски настани. Универзалната сала е замислена како мултифункционален простор што ќе служи како културен центар за скопјани. Проектот брзо го привлекува меѓународното внимание, па земјите од сите страни на светот ја нудат својата поддршка за да ја оживеат оваа амбициозна визија. Но низ годините салата станува многу повеќе од објект, таа станува олицетворение на солидарноста на Скопје, стоејќи како светилник на надеж, потсетувајќи ги луѓето дека не се сами во соочувањето со предизвиците. Салата станува домаќин на историски настани, поттикнувајќи го чувството на заедништво и единствена цел.

Објект што го содржи и човековото локално чувство за идентификација

– Терминот солидарност денес добива особено големо значење, токму затоа што сè уште сме далеку од неговата вистинска потврда. Кризата во која запаѓаат идеологиите како последица има длабоко вкоренета недоверба, силен фокус на себе, рамнодушност кон другиот и кон општото добро. Преовладуваат стремежот кон личниот интерес и недоволната отвореност за доброто на заедницата, што е надвор од секоја логика на солидарноста, која, се чини, е во длабока криза. Низ концептите како што се слобода, еднаквост, братство, единство, заедништво, толеранција, хуманост… во голема мера се открива она што денес го разбираме како солидарност. Тоа се прашања што се отвораат пред секоја генерација и таа мора одново да ги поставува и да дава одговори, бидејќи без тоа не е можен развој на едно хумано општество. Еден од најсилните докази за таква вистинска солидарност е Универзалната сала во Скопје, а тоа го потврдува и пораката што е запишана на таблата, која долги години ја пречекуваше публиката на многубројните настани, фестивали и други манифестации пред влезот во објектот – вели авторката.
Објектот е подигнат со помошта што на Скопје му ја упатиле граѓаните, хуманитарните организации и владите на вкупно 35 земји, како и странските туристи што на денот на катастрофата се нашле во тогашна Југославија.
Поголемиот дел од градот бил претворен во урнатини, околу 2.000 луѓе загинале, а неколку стотици илјади ги загубиле своите домови. Меѓународната заедница или, поточно, 87 земји ги здружиле силите за да им помогнат на граѓаните на Скопје и, за првпат од почетокот на таканаречената Студена војна, американските и советските воени сили работеле рамо до рамо во корист на цивилите: градење домови, училишта, болници… Така, Скопје ја добива титулата, која и денес гордо ја носи, град на солидарноста. Универзалната сала, пак, важи за најеклатантниот пример на таа солидарност. Објектот исто така е најдобриот показател дека Скопје станал град со светска мисла, во тоа време и центар на светската урбанистичка и архитектонска јавност.
– Малку се архитектонските примероци на ова постземјотресно Скопје, кое од денешна перспектива ни изгледа како некое одамна минато време, а кои и денес зборуваат за некаков континуитетот, во историска и во архитектонска смисла. Универзалната сала е можеби најголемиот и најблескав симбол на таа хуманост и солидарност, затоа што е изградена со помош од најголем број земји, па оттука и го добива симболичниот назив „универзална“. Токму поради тоа таа не е само „привремена барака“, како што многумина сакаат да ги нарекуваат повеќето од објектите со одредена намена изградени непосредно по земјотресот, туку е една архитектонска реализација и историска целина што во себе, покрај градежен материјал, го содржи и човековото локално чувство за идентификација – вели Дамчевска.

Трајно сведоштво на хуманата акција на дарителите од странство

Изградбата на Универзалната сала како трајно сведоштво на хуманата акција на дарителите од странство започнала со отстранувањето на тешките последици и со обновувањето на градот, непосредно по катастрофата, во 1963 година. Во мигот на катастрофата, Скопје воспоставило низа контакти со светот. Човечката солидарност дошла до целосен и безрезервен израз на сите полиња од животот, особено во областа на културата. Објектот на Универзалната сала е завршен две години по скопскиот земјотрес, во 1965 година, и е платен со средства собрани од донациите на 35 земји, а проектот е изработен и изведен од бугарска фирма.
Салата официјално е пуштена во употреба на 10 јануари 1966 година, со изведба на драмската претстава „Виктор или деца на власта“ на легендарното „Ателје 212“ од Белград. На 16 јануари 1966 година е одржан првиот голем концерт на Македонската филхармонија со пијанистот Александар Унински.
– Оттука, Универзалната сала е незаобиколен дел од културата на паметењето, културниот идентитет и колективното сеќавање како начин за јакнење на припадноста на еден народ. Минатото треба да се користи за да се креира посветла иднина. Како дел од колективното паметење на скопјани таа ги поврзува носителите на овие сеќавања во една жива и сѐ уште витална заедница, која негува посебен однос кон историјата и минатото. Таа се спротивставува на културата на заборавот, која, пак, настојува да создаде низа од историски празнини за да се создаде нова слика на минатото. А за човек да има однос кон минатото, тоа како такво мора да влезе во неговата свест. За тоа се неопходни два предуслова – минатото не смее во целост да исчезне, неопходно е да постојат докази; а доказите мора да поседуваат јасна диференцираност во однос на она што е денес. Сеќавањето на минатото и неговото негување се основна задача на еден народ во неговото време на постоење, затоа што неговиот заборав претставува загуба на благодарноста, одговорноста, солидарноста, правдата. Ако се откажеме од минатото, ќе го изгубиме и моралот. Тесната поврзаност на паметењето, идентитетот и создавањето на традицијата најдобро се огледува во т.н. места на сеќавање (музеи, архиви, споменици, објекти), кои се симбиоза на историографијата и националното паметење и обезбедуваат присуство на минатото во сегашноста. Затоа е неопходно да се реконструира и да се оживее минатото, за нашите потомци да можат да се разберат себеси и да го реконструираат сопствениот културен идентитет – вели Дамчевска.
Многубројните архивски материјали, расфрлани по депоа, и сеќавањата на скопјани, кои остануваат само како усна традиција, со издавањето на оваа книга се материјализираат во трајно сведоштво за овој објект и институција од особено значење за културниот идентитет на градот. Оваа монографија собира на едно место дел од информациите, податоците, архивските материјали, сведоштвата за нејзината историја и културолошко значење, преку текстови, фотографии, интервјуа, одгласи во медиумите… Книгата, покрај историјатот на институцијата, ги опфаќа и многубројните настани што традиционално се одржувале во овој простор, вкупно повеќе од 5.000 манифестации, кои ги проследиле над 5.800.000 посетители.