Состојбата со движењето на слепите лица е тешка и во Скопје и во Македонија. Во другите метрополи и во околината не е така. Во Белград, Софија, Загреб има вакви патеки. И во Скопје имаше, но се уништија…
Забот на времето ги уништи патеките за слепи лица во Скопје
Времето ги уништи тактилните патеки што беа поставени пред повеќе од десетина години во главниот град. Лицата што ги користат, кои имаат реална потреба од нив, велат дека им прават повеќе штета отколку корист, бидејќи тие на многу места се оштетени до тој степен што ги сопнуваат наместо да ги насочуваат. За среќа, во наредниот период градските власти ќе обрнат внимание и на овој проблем, па слепите лица ќе добијат нови тактилни патеки, по терк и мера токму на нивните корисници.
ТАКТИЛНИТЕ ПАТЕКИ ГИ НЕМА, НО ИМА ВОЛЈА БРЗО ДА СЕ ИЗГРАДАТ НОВИ
Оштетени, искривени, подигнати, искинати, се само мал дел од епитетите што им следуваат на тактилните патеки поставени уште пред повеќе од десетина години. Граѓаните за кои се наменети велат дека не само што немаат никаква корист од нив, туку и им прават штета доколку се водат по нив, а дополнително голем проблем е тоа што тактилни патеки во градот едвај и да има. Со текот на времето многу од нив се извадени и воопшто не постојат.
Слепите лица за кои се наменети овие патеки за полесно движење во главниот град велат дека патеки за нив нема и тоа е реален проблем и во Скопје и во целата држава.
– Состојбата со движењето на слепите лица е тешка и во Скопје и во Македонија. Во другите метрополи и во околината тоа не е така. Во Белград, Софија, Загреб има вакви патеки. И во Скопје имаше, бевме задоволни од нив. Беа поставени од Триумфалната порта, беа релативно добри, но се уништија – вели Зоран Костадиновски, член на Здружението на слепи на градот Скопје.
Тој додава дека со години ништо не е направено и покрај нивните барања.
– Добро би било да имаме тактилни патеки од Здружението, па до Партизанска, но не знам колку ќе се изведе тоа, бидејќи станува збор за еднонасочна улица. Исто така, добро би било да имаме од Даре Џамбаз до централното градско подрачје, до болниците во Скопје, до железничката и автобуската станица – вели Костадиновски.
ГОЛЕМ БРОЈ ПРОБЛЕМИ ЗА СЛЕПИТЕ ЛИЦА
Голем проблем за слепите лица и нивното и онака отежнато движење е и сообраќајот, а особено паркираните возила, кои им причинуваат огромни проблеми.
– Не се проблем само тактилните патеки, проблем се паркираните возила, кои дополнително ги уништија тактилните патеки. Како што беа направени велосипедски патеки, така треба да има и патеки за слепите лица – вели тој.
Дополнително, Костадиновски потенцира дека проблем имаат и кога чекаат автобус, бидејќи не знаат кој автобус доаѓа, па мора да прашуваат за да знаат дали да се качат.
– Има лица што имаат краток вид и не можат да го видат бројот на автобусот што доаѓа. Затоа, потребно е да има и звучна најава, која ќе ги информира патниците за тоа кој автобус доаѓа – вели тој.
НОВИТЕ ТАКТИЛНИ ПАТЕКИ ДА БИДАТ НАПРАВЕНИ ПО ТЕРК НА НИВНИТЕ КОРИСНИЦИ
По долгогодишни проблеми, на овој проблем наскоро се чини дека ќе му дојде крајот.
Градските власти во брифинг за „Нова Македонија“ истакнаа дека имало преговори и дека се размислува и за оваа категорија граѓани.
Оттаму истакнаа дека градоначалничката веќе имала остварено средба со претставници на слепите лица, токму за поставување нови тактилни патеки.
Оттаму информираа дека е планирано да се работи на поставување нови тактилни патеки, меѓутоа во соработка со претставниците и здруженијата на слепи лица, кои ќе кажат каде имаат потреба од нив. Значи, тактилните патеки да се постават по терк и желба на оваа категорија граѓани, за да одговорат на нивните потреби.