ШАХ

Дејан Панделески е нов претседател на ШФМ

Македонскиот менаџер и генерален директор на АД „Пелистерка“, Дејан Панделески, е новиот претседател на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ). Тоа е епилогот на одржаното Вонредното изборно собрание на ШФМ, кое се одржа во Скопје, со присуство на 31 делегат од клубовите, од кои 29 со право на глас, на кое Панделески едногласно ја доби довербата на делегатите, велат од ШФМ.
Во својата програма и во излагањето за време на Собранието, Панделески изјави дека ќе се залага за понатамошен развој на шахот, подобрување на условите во македонскиот шах и за подобрување на функционалноста на федерацијата. Неговата мисија ќе биде: Да создадеме современ, достапен и конкурентен шаховски систем, кој ќе овозможи масовна вклученост на деца, млади и возрасни, развој на врвни шахисти и промоција на шахот како алатка за образование, интелектуален развој и општествена интеграција, информира ШФМ.
Досегашен претседател на ШФМ беше Саша Богдановиќ, кој беше избран во февруари во 2022 година. Г.И.


ХОКЕЈ НА МРАЗ
Овечкин потпиша договор со Вашингтон за 22. сезона во НХЛ

  • Тој е рекордер според вкупниот број голови во НХЛ-лигата (929), а ги држи и рекордите за најмногу погодоци со играч повеќе (331) и за победнички голови (141)

Александар Овечкин не е подготвен да се повлече од хокеарската НХЛ-лига и сега добива шанса да го направи својот рекорд на постигнати голови во кариерата уште потежок за соборување, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Овечкин потпиша договор за да се врати за 22. сезона и можност да го зголеми својот вкупен број од 929 гола.
Откако постигна 32 погодока на 40-годишна возраст, Овечкин има 35 повеќе од второпласираниот Вејн Грецки, чиј рекорд од 894 гола го собори во 2025 година. Тој во претходните месеци изјави дека чека до меѓусезоната за да одлучи дали да се врати или да се пензионира од единствениот НХЛ-тим за кој играл, пишува АП.
– Ви благодарам на сите што ни дадовте време мене и на моето семејство да ја донесеме оваа одлука. Здрав сум. Обожавам да играм хокеј и да се натпреварувам за победа. Возбуден сум што се враќам и им се придружувам на моите соиграчи за да можеме да се бориме за место во плејофот и да имаме шанса да победиме – рече Овечкин, пренесе АП.
Овечкин, исто така, ги држи рекордите во НХЛ-лигата за најмногу голови со играч повеќе, 331, и победнички голови, 141. Тој постигна барем 30 погодока во една сезона 20 пати, придружувајќи им се на членовите на Куќата на славните, Горди Хау, Џони Буцик и Тиму Селан, како единствените играчи што го достигнале тој број на 40 години или повозрасни, пишува АП. Н.М.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ПОЧНА 113. ТУР ДЕ ФРАНС

Вингегор победи во првата етапа

  • Данецот Вингегор лани победи на Вуелта, а годинава на Џиро д`Италија. Трет по првата етапа е Словенецот Погачар, кој се обидува да стане еден од најуспешните возачи во историјата на оваа трка

Двократниот победник на најпрестижната велосипедска трка во светот Тур де Франс, Данецот Јонас Вингегор, ја заврши хронометарската етапа од 19,6 км за 21 минута и 47 секунди, осум секунди пред Италијанецот Филипо Гана, а фаворитот за вкупната победа, Словенецот Тадеј Погачар, е трет, 12 секунди зад Вингегор. Погачар (27) се обидува да стане еден од најуспешните возачи во историјата на оваа трка, заедно со Жак Анкетил, Еди Меркс, Бернар Ино и Мигел Индуреин, кои славеле по пет пати.
Вингегор (29), специјалист за хронометар, се врати во врвна форма по повредата во 2024 година во подготовките за оваа трка. Како дел од неговото закрепнување за да може да се натпреварува со експлозивниот стил на возење на Погачар, Вингегор ги освои другите две тринеделни големи трки во велосипедизмот, вклучувајќи ги ланската Вуелта и Џиро д’Италија во мај, пишува „Би-би-си“.
Иако ланскиот победник Погачар не е премногу загрижен поради стартот, тој, сепак, знае дека се трка против својот главен ривал во модерната ера, кој, пак, е во најдобра форма од 2023 година.
Вчера се возеше втората, од предвидените 21 етапа (со вкупна должина од 3.320,7 км), во должина од 168 км, а во третата етапа трката ќе премине во Франција. Г.И.