Златко Ѓелески, селектор на програмата на фестивалот „Преку езерото“

Пет години по своето основање, фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ (8-15 јули) прераснува во препознатлива филмска платформа што ги поврзува авторите, љубителите на филмот и културите од регионот. Годинашното јубилејно издание носи значајни новини, богата филмска програма и за првпат ќе се одржи во три града, Дојран, Струмица и Гевгелија. Покрај разноликата филмска програма ќе понуди и светска премиера, како и фокус на современата иранска кинематографија. Селектор на филмовите на фестивалот е Златко Ѓелески.

Во главната селекција годинава се застапени филмови од различни делови на Балканот и Медитеранот. Колку е важно еден фестивал денес да биде простор каде што се среќаваат различни културни, јазични и општествени искуства?
– Убеден сум дека секој филмски фестивал мора да го оправда називот „меѓународен“ токму поради таа обврска да ги доближи странските култури и светогледи на едно место, да отвори многу прозорци во светови, кои на прв поглед на аудиториумот можеби му изгледале далечни и туѓи, но токму преку амбасадорите на уметноста – филмските остварувања – може да ги согледаме сличностите и универзалните вистини до кои сите имаме пристап, без разлика на кој јазик говориме. Годинава фестивалот оди чекор понапред. Ги поканивме авторите на сите селектирани филмови од официјалната програма не само да ги претстават своите уметнички дела туку и да ги споделат своите животни искуства. Веруваме дека оваа размена на приказни во текот на фестивалската недела дополнително ќе го збогати нашето секојдневие.
Затоа сметам дека културолошкиот диверзитет е космополитско богатство што го краси филмскиот фестивал.

Посочивте дека ниту еден од избраните филмови не наликува на друг. Кои беа клучните критериуми што Ве водеа при селекцијата?
– Бев свесен за стереотипите за медитеранскиот филм, дека мора да биде лежерна приморска семејна приказна, закотвена меѓу песок и море, меѓутоа мојата цел беше да уловам филмови што прераскажуваат многу поразлични приказни, кои исто така се одвиваат на Медитеранот, без да им робуваат на дидаскалиите. Имаме среќа да живееме во поднебје со четири годишни времиња, каде што приказните на ликовите ги надминуваат типичните морски клишеа како што се оди подлабоко во копното. Сепак, медитеранскиот темперамент, убедувањата и табиетите остануваат сеприсутни. И токму тоа ги издвојува луѓето од овој регион – кога ќе се соочат со конфликт, нивните специфични карактери излегуваат на површина преку автентично индивидуално промислување. Барав филмови што имаат сопствен карактер и немаат намера да им се извинуваат на другите, затоа што се такви какви што се, односно немаат потреба да подлегнат на постојните филмски калапи, што формално што структурално. Јасни авторски гласови, кои може да се препознаат од неколку кадри, затоа што знаат како да се изразат со филмскиот јазик и уште поважно – имаат што да кажат. Официјалната селекција има три балкански филма и по еден филм од најзападната, најјужната и најисточната кота на Медитеранот.

Балканот и Медитеранот се региони со богата, но и комплексна историја. Кои теми, прашања или авторски преокупации најсилно се чувствуваат во современата филмска продукција?
– Филмовите што одлучив да ја претставуваат годинашната селекција не само што се двојат еден од друг на тематско рамниште туку покриваат различна демографија на протагонисти што го предводат, и тоа од најмалите девојчиња во потрага по родителска водилка до возрасни жени што имаат илјадници непрераскажани приказни, неброени одминати животи, до исконско неразделно пријателство од момци до возрасни мажи. Единствената заедничка нишка што ја имаат сите е развивањето на чувството за емпатија кај гледачот, односно ја нудат двочасовната телепортациска моќ да зачекориме по туѓите стапки и да ја почувствуваме тегобата што ја носат во нивните животи, со надеж дека ќе бидеме барем малку умствено видоизменети по гледањето на филмот, ќе се отворат прашања што ќе кријат размисли долго по гледањето. Потрагата по среќата и спокојот, наоѓањето излез од незавидни ситуации, предизвиците на родителството, долговечноста на пријателството, тие се човечките димензии што се разглобуваат низ филмовите од официјалната селекција, предводени од ликови кај кои се надевам дека секој ќе пронајде нешто свое.

Годинава фестивалот за првпат во фокус ја става современата иранска кинематографија. Со што изненадува оваа кинематографија?
– Мислам дека ниту јас, ниту сите ние не сме свесни што значи да се биде ирански режисер во денешницата, односно соочувајќи се со мноштво пречки што се непоимливи за нас. Да се твори под цензура доколку авторот одлучи да се изразува во рамките на државата или, пак, да се напушти сопствениот дом, само за да може да се прераскаже својата филмска приказна. Соочувањето со борбата да се комплетира снимачкиот ден, но и со последиците од војната во која е затекната земјата, се огромни и животозагрозувачки предизвици за режисерите во Иран. Сепак, самото режирање бара луцидност и подготвеност за ризик – кој во овие околности, понекогаш е ризик по сопствениот живот. Надвор од државата, иранската кинематографија ја красат маркантните ремек-дела на Киаростами, Панахи, Фархади и на нивните наследници, белосветските бедуини, жители на светот, оддалечени од родното огниште, кои се вешти прераскажувачи на моралните дилеми на модерниот човек, застанат насреде неповолен животен крстопат. Филмскиот фестивал „Фажр“ го брани бедемот на иранскиот филм во рамките на својата држава и затоа стапивме во контакт со раководителите на фестивалот за да го доближиме современиот ирански филм до нашата публика.

Дали денес гледаме нова генерација автори што носат поинакви естетики и наративи?
– Многу ме радува што младите филмски автори од Медитеранот сфатија дека нема потреба да му се додворуваат на Западот или на Истокот, ниту да создаваат пастижи на своите недостижни идоли. Напротив, тие се завртија кон себе и извлекоа интимни приказни и доживувања, уникатни за својот светоглед. Овие автентични приказни неизбежно стануваат препознатлив белег и вистински синоним за културата на овој регион.
Сведочиме на навидум вообичаени интеракции меѓу членови на семејство или пријатели, кои умеат да бидат иницијална каписла, односно појдовна точка за создавање бесмртни ликови што во иднина можеби ќе инспирираат други автори да се охрабрат да земат камера во рака. Границите меѓу жанровите се бришат, нема повеќе чувари на филмските тајни, кои свирепо ќе го попречат пренесувањето на занаетот на наредните генерации, напротив, поискусните ги споделуваат своите снимачки кошмари за другите да ги избегнат потенцијалните замки на снимање на немилосрдно сонце и непроѕирната ноќ, како и лимитациите на снимање во ентериери. Континуитетот е еднакво важен од инцидентниот пробив и тој подразбира јасна стратегија за доближување на филмот до широката популација, за да се сфати дека на сите ни е потребен за да се справиме со себеси и другите.

Фестивалот „Преку езерото“ веќе пет години гради свој препознатлив идентитет. Според Вас, што е она што го издвојува од другите регионални фестивали?
– Оваа година фестивалот прави смел и ризичен преседан на многу рамништа, но најочигледното е тоа што нема да се одвива само во Дојран, каде што секако дека ќе бидат забетонирани официјалната селекција, детската програма и вечерта посветена на нашиот лауреат, туку станува регионален филмски епицентар на југоистокот, каде што оваа година ќе ги заживееме платната со помош на филмовите од нашата краткометражна, студентска, иранска и посебни проекции, кои несомнено дека ќе го збогатат кинорепертоарот на овие градови и ќе ја испишат новата филмска историја на фестивалот. Моментално е планирано прикажување на над 45 филма, од кои повеќе од половина се од домашната актуелна филмска продукција, што сметав дека е еден мал гест на заблагодарување на домашните филмски работници, чие дело е инспирирано од ова парче земја на кое живееме и треба да го вреднуваме нивниот труд, сега и овде, наместо да чекаме странските љубители на филм да ги пофалат нивните успеси. Рефлекторот е завртен кон нив оваа година, со надеж дека ќе посведочиме на раѓање на некоја идна ѕвезда на македонскиот филм, а „Преку езерото“ да биде нивен горд родител, каков што е случајот со работилницата на која се финансира реализирањето на студентските и од оваа година дебитантски филмови.