Во рамки на Проектот за модернизација на земјоделството, претставници на Светска банка денеска го посетија објектот во кој се одвива реконструкцијата и адаптацијата на новите простории на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
За време на посетата, заедно со директорката на Агенцијата, Даниела Иротова Лазарева, беше извршен увид во досегашниот тек на градежните активности и напредокот постигнат во изминатиот период.
Претставниците на Светска банка позитивно го оценија видливиот напредок на реконструкцијата, како и ангажманот и посветеноста на Агенцијата во следењето на реализацијата на проектот.

Претставници на Агенцијата секојдневно го следат текот на работите и се во континуирана комуникација и координација со надзорот, проектниот менаџер и изведувачот. Преку навремено решавање на административните прашања и континуирано инсистирање на почитување на договорената динамика, Агенцијата активно придонесува за непречено одвивање и забрзување на реализацијата на предвидените активности.
– Зад видливиот напредок стои секојдневна работа, координација и посветеност на сите вклучени во процесот. За нас е особено значајно што овој ангажман беше препознаен и позитивно оценет од претставниците на Светска банка. Продолжуваме со истата посветеност да ја следиме реализацијата сè до целосно завршување на реконструкцијата – истакна директорката Даниела Иротова Лазарева.
Во текот на посетата позитивно беше оценета и организацијата на градилиштето, особено почитувањето на еколошките и социјалните стандарди, како и уредноста и безбедноста при изведувањето на работите.
Реконструкцијата на новиот објект е значајна за Агенцијата и понатамошното јакнење на административните и институционалните капацитети, особено во услови на реализација на обврски поврзани со спроведувањето на ИПАРД III програмата, активностите поврзани со исполнување на поставените цели и приоритети кон Агенцијата од DG AGRI како и подготовките за акредитација на дополнителни ИПАРД мерки.
































