Фото: ЕПА

Светот пред ново преструктурирање

 

  • Трамп ја брани американската моќ, светски лидери бараат пат кон мир, а балканските земји зборуваат за безбедност, суверенитет, интегритет, но и за заедничка иднина во поширок контекст… Од говорницата на Обединетите нации повторно се слушаат различни визии за светот: од американското инсистирање на сила за мир, преку бразилскиот повик за мултилатерализам, до европското барање за дипломатско решение на војните. Во следните денови, во фокусот ќе бидат Украина, Блискиот Исток, Иран, вештачката интелигенција, реформата на ОН и идниот
    поредок. Од Балканот, пак, пристигнуваат пораки за европската интеграција, регионалната стабилност и за местото на малите држави во новата геополитика

Годинашната генерална дебата на ОН започна под една од најнеизвесните меѓународни атмосфери во последните години. Во Њујорк се собираат 193 држави, но зад протоколот и дипломатскиот јазик стои суштинското прашање: како да се управува со свет во кој старите правила сè потешко произведуваат согласност?
Темата на 81. сесија е „Враќање на довербата, управување со трансформацијата: Обединетите нации што испорачуваат за сите“. Новиот претседател на Генералното собрание, бангладешкиот дипломат Калилур Рахман, ја постави токму кризата на довербата во центарот на годишната агенда. Но уште на почетокот се покажа колку е тешко таа доверба да се обнови.
На говорницата се сретнаа две различни визии: едната, која инсистира на суверенитет, национална сила и директно дејствување; другата, која предупредува дека без мултилатерализам, меѓународно право и институции, светот може да стане уште понепредвидлив. Најсилно се виде тоа во настапите на Антонио Гутереш, Луиз Инасио Лула да Силва и на Доналд Трамп.

Доналд Трамп: Додека другите зборуваа, јас дејствував

Американскиот претседател Доналд Трамп во Њујорк настапи со порака што во голема мера ја потврди неговата поширока надворешнополитичка доктрина: Соединетите Американски Држави се подготвени сами да дејствуваат кога проценуваат дека нивните витални интереси се загрозени.
Во 37-минутниот говор, Трамп најголемо внимание посвети на Иран. Тој ја бранеше американско-израелската воена операција и предупреди дека, доколку не се постигне договор, Вашингтон би можел да преземе уште посилни мерки. Најостриот дел од говорот беше неговото предупредување дека САД би можеле да го „уништат“ иранскиот режим доколку не биде постигнат договор. Истовремено, Трамп остави простор за дипломатски исход, наведувајќи дека договор би можел да биде постигнат по американските конгресни избори во ноември. Украина остана втор голем столб на неговата порака. Трамп повтори дека Вашингтон разговара со Москва и Киев и дека очекува решение на конфликтот, без да понуди конкретен нов механизам или рок.
Посебен дел беше посветен на американската улога во западната хемисфера. Трамп ја бранеше американската операција во Венецуела како доказ дека Вашингтон повеќе нема да дозволува безбедносни закани во своето непосредно соседство. Тој остро го критикуваше и Меѓународниот кривичен суд, барајќи државите да се повлечат од неговата надлежност, особено кога станува збор за американски војници. Трамп повторно ја нападна и бирократијата на ОН, повикувајќи на намалување на трошоците и реформа на институцијата. Но истовремено порача дека ОН имаат „голем потенцијал“ доколку се трансформираат.
И уште една тема доби значајно место: вештачката интелигенција. Трамп рече дека Вашингтон нема да го задушува развојот на технологијата со прекумерна регулација и ја претстави американската технолошка предност како дел од националната моќ.
Со тоа, неговиот говор ја постави основната дилема на годинашната генерална дебата: дали глобалните проблеми ќе се решаваат преку институциите или преку најмоќните држави што директно ги штитат сопствените интереси?

Лула да Силва: Бразил не е ничиј двор

Непосредно пред Трамп говореше бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва. Неговата порака беше речиси спротивна по политичкиот тон. Лула ги стави суверенитетот, демократијата и мултилатерализмот во центарот на својот настап. Најголем дел од вниманието посвети на предупредувањето против странско мешање во бразилските избори, кои следуваат во октомври. Тој ја бранеше бразилската изборна инфраструктура како модерна и отпорна и предупреди дека дезинформациите можат да ја нарушат демократската дебата. Лула директно ја отфрли идејата дека борбата против организираниот криминал треба да биде доверена на странски сили. Неговата порака беше дека Бразил сака меѓународна соработка, но не и странска интервенција. Во поширок план, тој ја критикуваше неспособноста на ОН да ги запре современите конфликти и повика на реформа на Советот за безбедност. За Лула, кризата на ОН не е доказ дека мултилатерализмот е непотребен, туку дека мултилатерализмот треба да се обнови. „Војната“, според суштината на неговата порака, не е продолжување на политиката, туку нејзино откажување. Така, првиот ден веќе произведе јасна поделба во тоновите: Вашингтон ја нагласува моќта како инструмент на политиката; Бразилија инсистира дека решението треба да се бара преку меѓународниот систем.

Антонио Гутереш: последниот говор како предупредување

Годинашниот настап на генералниот секретар Антонио Гутереш има и симболична тежина: ова е неговото последно обраќање до Генералното собрание во својство на генерален секретар, бидејќи неговиот мандат завршува на 31 декември годинава. Гутереш говореше за свет во кој конфликтите се шират, меѓународното право сѐ почесто се оспорува, а глобалните институции тешко ја следат промената на односите на моќ. Тој повика на прекин на борбите на Блискиот Исток, непречен хуманитарен пристап и почитување на правото на слободна пловидба. Повтори дека решението со две држави останува патот кон траен излез од израелско-палестинскиот конфликт. Но една од неговите најзначајни пораки беше за вештачката интелигенција. Гутереш побара глобална рамка за управување со ризиците од вештачката интелигенција, со независен надзор и меѓународни механизми за процена на ризиците. Тоа е тема што допрва ќе станува уште поважна: технологијата веќе не е само економско прашање туку и прашање на безбедност, воена моќ и политичка стабилност. Неговата завршна порака беше дека мирот е можен и дека, и по напуштањето на функцијата, ќе продолжи да ги брани принципите на Повелбата на ОН.

Емануел Макрон: Европа сака да биде актер, а не само сојузник

Францускиот претседател Емануел Макрон во Њујорк пристигнува со една од најјасните европски амбиции: Европа мора да има сопствен глас во кризите што директно ја погодуваат нејзината безбедност. Неговата агенда во пресрет на говорот покажува дека Париз не ја гледа генералната дебата само како место за говори туку како простор за конкретна дипломатија. Макрон во Њујорк разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, енергетската безбедност и Блискиот Исток. Според неговото известување по средбата, двајцата разговарале за можноста за мораториум врз нападите врз енергетската инфраструктура и цивилните објекти во Украина, како и за зајакнување на украинската противвоздушна одбрана. Но во овој момент Макрон не ја гледа европската безбедност само низ украинската војна. Затворањето или нарушувањето на слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец го поврзува директно со европската економија, цените на енергијата и глобалната стабилност. Франција, според „Ројтерс“, веќе работи на иницијатива во Советот за безбедност на ОН за меѓународна мисија, која би ја гарантирала слободата на пловидба во Ормуз. Тука се гледа пошироката француска концепција: Европа не може да биде геополитички автономна ако нема сопствена способност да ги заштитува транспортните и енергетските артерии од кои зависи нејзината економија. Макрон истовремено настојува да ја задржи дипломатската нишка со Вашингтон. Средбата со Трамп покажува дека Париз не се откажува од трансатлантскиот канал, но сака Европа да биде соговорник со сопствена агенда. Францускиот претседател, пред заминувањето за Њујорк, јасно најави дека ќе зборува и за Украина, ќе се сретне со Володимир Зеленски и ќе разговара со повеќе лидери од Африка, Латинска Америка и од Блискиот Исток. Во фокусот му е и заштитата на океаните и меѓународниот поредок заснован врз правила. Во суштина, пораката на Париз е дека мултилатерализмот не смее да остане само збор, туку мора да произведува механизми за дејствување – од Украина и Ормуз до климатската политика и морската безбедност. И токму затоа Макрон е еден од европските лидери чиј настап во Њујорк треба да се чита и како обид за дефинирање на улогата на Европа во светот во кој американската политика сè повеќе ги нагласува сопствените интереси. П.Р.


Мерц не отпатува во Њујорк, но Германија останува во играта

Германскиот канцелар Фридрих Мерц првично требаше да биде еден од значајните европски говорници во Њујорк. Сепак, неговото патување е откажано. Од германската влада беше соопштено дека, спротивно на првичните планови, Мерц нема да патува во Њујорк бидејќи неговото присуство во Берлин е потребно. Наместо него, германската делегација ја претставува министерот за надворешни работи Јохан Вадефул, чиј настап е предвиден за 26 септември. Ова е важен детаљ за европската слика од годинашната генерална дебата: најголемата економија во Европа нема да биде претставена на највисоко ниво во моментот кога европската безбедност и улогата на Европа се едни од централните теми. Германската политика во последниот период силно се концентрира врз Украина, европската одбрана, односите со САД и иднината на европската безбедносна архитектура. Истовремено, Берлин настојува да ја одржи поддршката за Израел, но и да инсистира на политички процес што би овозможил палестинска држава во рамките на преговарано решение со две држави. Отсуството на Мерц затоа е повеќе од протоколарна белешка. Тоа покажува колку силно домашната политика може да ја промени меѓународната агенда на една голема европска држава. Германија сепак ќе биде присутна. А нејзината порака, преку Вадефул, ќе биде дел од поширокото европско настојување да се одржи трансатлантската врска, да се поддржи Украина и да се зачува меѓународниот систем заснован врз правила. П.Р.


Балканот во Њујорк: Различни гласови, еден простор

Интересно е што Балканот во ОН годинава не зборува со еден глас.

  • Белград ги става во центарот резолуцијата 1244 и Косово.
  • Сараево ги нагласува меѓународното право и Сребреница.
  • Софија ги нагласува безбедноста на Црно Море и реформата на ОН.
  • Атина го става акцентот врз морското право, Кипар, Источниот Медитеран и енергетиката.
  • Загреб настапува од позиција на членка на ЕУ и НАТО што сака активна улога во европската
    безбедносна политика.
  • Тирана ја претставува европската интеграција како трансформациски проект.
  • Подгорица ја нагласува својата европска
    и мултилатерална ориентација.
  • Скопје ја нагласува потребата европскиот интеграциски процес да не биде на сметка на идентитетските прашања и инсистира на предвидливост и долгорочни гаранции.
  • А Турција, која географски и политички стои на самиот раб на Европа и Блискиот Исток, испраќа многу поголема порака: светот не може да остане организиран според правилата од 1945 година ако реалноста на 2026 година е радикално различна.

Што велат сите овие говори ако се читаат заедно?

Кога се тргнува од дневната политика и се читаат овие настапи на балканските лидери како една поголема дипломатска слика, се појавуваат неколку јасни линии.

1. Првата е кризата на довербата во меѓународниот поредок

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара реформа на Советот за безбедност. Јотова зборува за потребата од нови решенија и компромис. Гутереш, во својот последен настап како генерален секретар, предупреди дека големите сили сами не можат да ги решат глобалните проблеми и повика на реформи на застарената архитектура на глобалното управување.

2. Втората линија е безбедноста

Францускиот претседател Емануел Макрон зборува за Украина и заштита на енергетските коридори. Бугарија го става Црно Море во европската безбедносна равенка. Грција зборува за слободата на пловидба од Источниот Медитеран до Ормуз и Црвено Море. Хрватска ја поврзува сопствената политика со евроатлантската безбедност. Балканот повеќе не може да се гледа изолирано од европската безбедносна архитектура.

3. Третата линија се Газа и поширокиот Блиски Исток

Ердоган бара поголемо меѓународно признавање на Палестина. Грција ја поддржува идејата за две држави. Франција продолжува да ја поставува палестинската државност во центарот на својата блискоисточна дипломатија, додека истовремено ја нагласува потребата од безбедност за Израел.

4. Четвртата е енергетиката

Од Ормуз и Црвено Море до Црно Море и Источниот Медитеран, енергетските и транспортните коридори стануваат геополитичка тема. Грција сака да биде енергетски мост. Франција сака слободата на пловидба да биде меѓународно гарантирана. Бугарија ја гледа безбедноста на Црно Море како европски интерес.

5. Петтата е Европа

Од настапите на Макрон, Пленковиќ, Мицотакис, Рама, Мицкоски и другите европски и балкански лидери произлегува една важна слика. Имено, Европската Унија повеќе не се доживува само како економски проект. За источниот и југоисточниот дел на континентот, ЕУ станува и безбедносна, енергетска и геополитичка рамка.

Реџеп Таип Ердоган: Турција бара ново место во новиот поредок

Ако еден говор особено јасно ја артикулираше кризата на сегашната институционална архитектура, тоа беше настапот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Од говорницата на ОН Ердоган директно го нападна сегашниот модел на Советот за безбедност, оценувајќи дека системот во кој волјата на повеќе од 190 држави практично зависи од одлуките на пет постојани членки не е доволно правичен ниту способен да создава доверба. Тоа не е нова турска позиција. Но, во контекст на актуелните војни, блокади и геополитички поделби, таа добива поголема тежина. За Анкара, проблемот со ОН не е само институционален. Тој е и прашање на репрезентација: дали светот од 2026 година може да се управува со архитектура создадена по Втората светска војна? Најостриот дел од говорот на турскиот претседател беше посветен на Газа. Тој го критикуваше меѓународното недејствување и повторно побара пошироко признавање на палестинската држава. Турскиот претседател ја нагласи и симболичната тежина на тоа што палестинскиот претседател Махмуд Абас повторно не е физички присутен во салата на Генералното собрание. Ердоган со тоа ја позиционира Турција како глас на дел од земјите што сметаат дека глобалниот поредок станал нерамномерен и дека реформата на ОН мора да оди подлабоко од административни промени. Турција, во исто време, се обидува да ја задржи улогата на мост меѓу Европа, Блискиот Исток и поширокиот муслимански свет. Пораката од Њујорк затоа е двојна: Турција сака поголема улога во глобалното одлучување и сака палестинското прашање да биде една од главните точки околу кои ќе се преобликува меѓународната дипломатија.

Андреј Пленковиќ: Хрватска ја врзува европската безбедност за меѓународното право

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Њујорк настапува како лидер на земја што својата меѓународна политика сè појасно ја врзува за Европската Унија, НАТО, поддршката за Украина и меѓународното право. Хрватската влада потврди дека Пленковиќ во рамките на 81. генерална дебата ќе одржи говор и ќе се сретне со генералниот секретар Антонио Гутереш. Неговата агенда вклучува и состаноци посветени на мултилатерализмот, Кримската платформа, океаните, економската соработка со САД и повеќе билатерални средби. Пленковиќ во Њујорк настапува во момент кога Хрватска сака да ја нагласи сопствената трансформација – од држава што некогаш барала меѓународна поддршка за сопствената безбедност во држава што денес настојува да придонесува кон европската и евроатлантската безбедносна политика. Во хрватскиот дипломатски дискурс Украина има централно место, но паралелно со неа стои и прашањето за стабилноста на Југоисточна Европа. Затоа Загреб својата политика ја гради во две рамки: силна евроатлантска интеграција и активна регионална политика. За Балканот е значајно што Хрватска настојува своето искуство од европската интеграција да го претставува како модел за другите кандидати од регионот. Тоа особено го разликува хрватскиот пристап од позициите на некои други балкански лидери, кои кон европската интеграција гледаат повеќе како на политички процес во кој националните интереси мора постојано да се бранат од условувања.

Александар Вучиќ: Косово повторно ќе биде во центарот на српската порака

Според најавите од Белград, говорот на српскиот претседател Александар Вучиќ ќе биде силно концентриран врз меѓународното право, Повелбата на ОН и положбата на Србите на Косово и Метохија. Српската страна особено ја нагласува Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност. Тоа значи дека Белград во Њујорк ќе продолжи да го користи единствениот форум во кој Косово не е полноправна членка на ОН како најважна дипломатска сцена за својата позиција. Вучиќ во Њујорк пристигнува и со поширока агенда. Пред патувањето тој зборуваше за сложената ситуација околу српската нафтена компанија НИС, во која руското сопствеништво создава проблеми со американските санкции. Тој посочи дека Белград разговара и со Русија и со САД, како и со Унгарија. Токму тука се гледа карактерот на српската надворешна политика: одржување повеќе канали истовремено. Србија сака да напредува кон ЕУ, но не сака да ги прекине врските со Русија; сака економска соработка со Западот, но истовремено сака простор за сопствена политика кон Косово; сака да биде дел од европските економски текови, но и да го задржи маневарскиот простор во глобалното геополитичко натпреварување. Вучиќ во Њујорк, според тоа, ќе се обиде повторно да ја претстави Србија како држава што инсистира на сопствена интерпретација на меѓународното право и на политичка неутралност во услови на силен притисок. А централното прашање ќе остане Косово.

Илијана Јотова: Бугарија го внесува Црно Море во европската безбедносна агенда

Бугарската делегација оваа година ја предводи претседателката Илијана Јотова, а не Румен Радев. И тука има една особено интересна порака: Црно Море станува една од клучните безбедносни теми на бугарската надворешна политика. Јотова веќе најави дека во својот говор ќе зборува за безбедноста во Црно Море, предупредувајќи на нарушувања на пловидбата, безбедносни закани и зголемени проблеми со осигурувањето на бродовите. Таа го опиша регионот како прашање од пошироко значење за безбедноста на цела Европа. Нејзината порака е и институционална. Јотова смета дека светот мора да бара нови начини за функционирање на ОН и дека блокадите во Советот за безбедност се проблем што мора да се адресира. Во пресрет на генералната дебата таа порача дека мирот е можен и во свет со повеќе војни и дека решенијата мора да се бараат преку дипломатија, компромис и заедничка безбедност. Тоа ја става Софија во еден поширок европски безбедносен контекст: Црно Море повеќе не е периферна тема, туку дел од линијата што ги поврзува Украина, Кавказот, Турција, Балканот и европската енергетска безбедност.

Кирјакос Мицотакис: Грција ја брани идејата за правила, море и регионална стабилност

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис треба да се обрати на 24 септември. Иако неговиот годинашен говор сè уште не е одржан, позициите со кои Атина пристигнува во Њујорк се веќе доста јасни. Грција го врзува својот меѓународен настап за меѓународното право, Законот на морето, слободата на пловидба, Кипар, Источниот Медитеран и енергетската безбедност. На неодамнешниот состанок со Кипар и Египет, Мицотакис ја опиша тројната соработка како модел на стабилност во Источниот Медитеран. Во исто време ја нагласи поддршката за решение на кипарското прашање во рамките на ОН и релевантните резолуции на Советот за безбедност. Грција исто така ја поврзува безбедноста со енергетската инфраструктура: гасот од Источниот Медитеран, електроенергетските интерконекции со Египет и поширокиот вертикален коридор кон Југоисточна и Централна Европа. Атина со тоа испраќа порака дека Источниот Медитеран не е само простор на конфликти, туку може да стане и енергетски мост меѓу Европа и Северна Африка. Во однос на Газа, грчката позиција е поддршка за решение со две држави, спроведување на договорените фази на прекинот на огнот и непречена хуманитарна помош. Ако се земат предвид и минатогодишните настапи на Мицотакис во ОН, во кои силно инсистираше на Повелбата на ОН, меѓународното право и мирното решавање на споровите, може да се очекува дека и годинава Атина ќе ја гради истата основна линија. За Балканот тоа е значајно бидејќи Грција настојува да се позиционира како една од главните европски држави на јужното крило на НАТО и како енергетска и транспортна врата кон Југоисточна Европа.

Еди Рама: Европската интеграција како национален проект

Албанскиот премиер Еди Рама ќе зборува на 25 септември. И неговиот настап е сè уште пред нас, но Тирана веќе ги објави основните пораки со кои пристигнува во Њујорк. Албанија сака да покаже дека европската интеграција и одржливиот развој не се две одделни политики, туку еден процес на трансформација на државата. Рама во пресрет на генералната дебата посочи дека целите за одржлив развој се дел од секојдневниот државен план и дека се неразделни од патот на Албанија кон Европската Унија. Тирана истакнува и конкретни показатели: дигитализација на јавните услуги, обновлива енергија, намалување на сиромаштијата, учество на жените во институциите и постепено приближување кон европскиот институционален модел. Во политичка смисла, албанската порака е доста јасна: ЕУ не е само надворешнополитичка цел туку и рамка за модернизација на државата. Рама во Њујорк истовремено ќе се обиде да ја задржи регионалната позиција на Тирана како силен поддржувач на европската интеграција на Западен Балкан. Во неговиот политички дискурс се присутни и Косово, регионалната стабилност и евроатлантската интеграција, но официјалната порака оваа година особено ја става во преден план идејата дека реформите треба да произведуваат мерливи резултати, а не само политички ветувања.

Денис Беќировиќ: Босна и Херцеговина ја враќа Сребреница во глобалниот
дискурс

Од балканските настапи на 22 септември посебно се издвојува оној на претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ. Пред генералната дебата тој се сретна со генералниот секретар Гутереш и ја нагласи важноста на резолуцијата на Генералното собрание на ОН за геноцидот во Сребреница. Беќировиќ ја опиша резолуцијата како чин на меѓународна правда и како важен инструмент против негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам. Тој истакна дека почитувањето на правосилните пресуди на меѓународните судови е важно за кредибилитетот на меѓународното право. Со тоа Сараево настојува да ја постави Босна и Херцеговина во рамката на глобалната расправа за одговорност, сеќавање и спречување на повторување на масовните злосторства. Но во балкански контекст ова е и порака за иднината на меѓународниот поредок: ако меѓународното право треба да биде универзално, тогаш и неговите пресуди мора да се почитуваат без политички исклучоци. За Босна и Херцеговина, ОН остануваат многу повеќе од дипломатска сцена. Тие се дел од институционалната меморија на државата.

Јаков Милатовиќ: Црна Гора ја гради приказната за мала, но европски поврзана држава

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ ќе учествува на генералната дебата во Њујорк и ќе има повеќе билатерални средби. За Подгорица годинашната сесија има и симболичен карактер: Црна Гора одбележува 20 години членство во ОН, откако во 2006 година стана членка како 192-та држава. Црногорската политика во ОН е тесно поврзана со европската интеграција, мултилатерализмот и позиционирањето на земјата како конструктивен член на евроатлантскиот простор. Во поширока смисла, Подгорица сака да покаже дека големината на државата не ја одредува нејзината дипломатска тежина. Црна Гора настојува да биде присутна во темите што се однесуваат на одржлив развој, климатските политики, регионалната стабилност и реформата на меѓународните институции. Во балканскиот мозаик, тоа е позиција на држава што својата иднина ја гледа во што поблиска интеграција со европските институции, а не во геополитичко балансирање меѓу различни центри на моќ.

Христијан Мицкоски: Скопје во Њујорк ја врзува европската интеграција за
прашањето на идентитетот

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски престојува во САД во рамките на генералната недела и, покрај активностите поврзани со ОН, веќе настапи на самитот „Конкордија“ во Њујорк. Таму главна порака му беа европската интеграција на Македонија и спорот околу условите што земјата ги гледа како поврзани со идентитетот и уставните промени. Мицкоски говореше за долгогодишниот пат на земјата кон ЕУ и за, како што го опиша, фрустрирачкиот процес во кој Македонија во минатото правела низа отстапки, а членството сè уште не е реализирано. Пред патувањето во САД, Мицкоски најави и голем број билатерални средби со државници, американски институции и претставници на земјите од Заливот. Особено е значајно што тој најави дека македонската страна ќе биде фокусирана и врз соседството и врз развивање економски и политички односи со земјите од Блискиот Исток. За Скопје, затоа, њујоршката агенда има две паралелни линии: европската интеграција како стратешка цел и настојувањето за поголема дипломатска и економска диверзификација. Во регионален контекст, најчувствителен дел остануваат односот со Софија и прашањето на европската интеграција. Мицкоски и понатаму ја претставува позицијата на владата како долгорочна политика, која, според него, не треба да се менува „прекуноќ“. П.Р.