- Учесници се шестмина играчи, по еден од секој населен континент, предводени од поранешниот предизвикувач за светската титула, Најџел Шорт, сега директор за развој на шахот во ФИДЕ. „Поларната шаховска експедиција“ ќе се обиде да постави рекорд за најјужен шаховски турнир во историјата
Првиот шаховски турнир на Антарктикот, со рејтинг од Светската шаховска федерација (ФИДЕ), ќе се одржи за време на претстојното антарктичко лето, во јануари 2027 година. Шестмина играчи, кои ги претставуваат сите шест населени континенти, ќе патуваат кон ледениот континент, а на крајот и до самиот географски Јужен пол. „Поларната шаховска експедиција“ ќе опфати турнир во забрзан шах, кој ќе се игра на повеќе локации, изјавија организаторите за шаховскиот портал „Чес“. Воведните кола ќе се одржат на мразот на Антарктикот, а настанот ќе кулминира на 90-от степен јужна географска широчина, во обид да се постави рекорд за најјужен шаховски турнир во историјата.
Учесници се шестмина играчи, по еден од секој населен континент, предводени од поранешниот предизвикувач за светската титула, велемајсторот (ВМ) од Англија, Најџел Шорт, сега директор за развој на шахот во ФИДЕ. Шесте играчи претставуваат различен континент, и тоа шахистките Дамарис Абарка Гонзалез, ФИДЕ-мајстор (Чиле, Јужна Америка), Џеси Фебруари, меѓународен мајстор (Јужна Африка, Африка), и Трис-Ан Ричардс, кандидат мајстор (Света Луција, Северна Америка), и шахистите Аунг Кјав Мое, кандидат мајстор (Мјанмар, Азија), Најџел Шорт, велемајстор (Англија, Европа), и Шон Прес, ФИДЕ-мајстор (Папуа Нова Гвинеја, Океанија).
– Освојував турнири на шест континенти. Антарктикот е оној што уште недостига – рече Шорт, пишува „Чес“.
Аунг стана главниот двигател на оваа експедиција. Тој соработуваше со националните шаховски федерации од сите шест континенти за да ги собере учесниците и да ја претвори идејата на Шорт во турнир признаен од ФИДЕ.
– Најџел ја имаше идејата, а мојата задача беше да ја спроведам во дело. Сега таа е реалност и ја носиме на крајот од светот – вели Аунг, пренесе „Чес“.
Ова сигурно е еден од ретките шаховски турнири во историјата каде што точниот распоред зависи од временските услови. Организаторите соопштија дека уште ги финализираат локациите за играње во соработка со логистичката компанија на експедицијата. Планирано е секое коло да се пренесува во живо, а точната временска контрола, форматот на турнирот и деталите за преносот уште не се објавени. Г.И.
































