Фото: Пиксабеј

Се чини дека еден математичар го поби она што би можело да биде еден од најдолготрајните митови во историјата откако ги проучувал оптичките илузии и Партенон, познатиот грчки храм што се извишува над Атина. Повеќе од 2.000 години научниците се восхитувале на градбата на ридот Акропол и ги фалеле нејзините архитекти за вештата употреба на геометријата. Се сметало дека нејзините суптилни накосувања се таму за да ги поправат оптичките илузии што инаку би ги нарушиле чистите линии на Партенон. Но, по детално истражување и обемно математичко моделирање, професорот Ален Горили од Универзитетот во Оксфорд (Велика Британија) дојде до неочекуван заклучок. Оптичките илузии што треба да ги корегираат овие накосувања се или бесмислени или практично незабележливи. Накратко, самите тие трикови се всушност – трик. Во својата студија Горили го проследува потеклото на тој мит до римскиот архитект и инженер од 1 век, Витрувиј, кој пишувал за Партенон 400 години по неговата изградба.
Неговите записи влегоа во архитектонски книги и станаа прифатен факт. Дури и денешните четботови базирани на вештачка интелигенција продолжуваат да ја повторуваат таа приказна. Едно од честите тврдења што ги оспорува британскиот математичар се однесува на основата на Партенон. Мерењата покажуваат дека страните на основата не се хоризонтални, туку формираат мал лак што се издига шест сантиметри во средината. Според Витрувиј, тоа ја коригира оптичката илузија што би ја направила основата да изгледа како да се витка надолу во средината. Овој ефект на извиткување им се припишува на два оптички феномена. Првиот тврди дека долгите хоризонтални линии се чини дека се спуштаат во средината, но Горили не најде докази за тоа. Друг сугерира дека илузијата е создадена од мермерните столбови на Партенон.
– Тоа се базира на илузијата на Херинг, каде што паралелните линии на дводимензионална површина можат да изгледаат закривено ако се пресечат со други линии. Сепак, илузијата на Херинг е најизразена кога линиите се сечат под остри агли. Столбовите на Партенон се премногу вертикални за да предизвикаат таква илузија и нема докази за тоа како функционира тоа дури и во тродимензионален простор – истакна Горили.
Според друго тврдење, испакнатините на столбовите на Партенон – кривина позната како ентаза – ја корегираат оптичката илузија што би ги направила столбовите да изгледаат претерано тенки во средината. Сепак, Горили не пронашол докази за да го потврди постоењето на таква измама. Покрај тоа, испакнувањето на столбовите на Партенон е само 18 милиметри, што е тешко забележливо од вообичаените растојанија од кои се набљудува градбата. Горили се сомнева дека архитектите на Партенон имале различни причини за примена на тие архитектонски решенија. Закривеноста на основата можеби го спречила акумулирањето на дождовница, а закривените столбови веројатно им изгледале поприродно и визуелно привлечни на Античките Грци. Студијата е објавена во списанието „Кралско друштво за отворена наука“. Не е јасно зошто овој мит опстојува толку долго. Горили верува дека идејата за Античка Грција како исклучително мудра и генијална цивилизација е делумно одговорна за тоа.