Во периодот од 21 до 25 септември во Скопје гостува украинскиот писател Иван Андрусјак, кој ќе ја промовира својата книга „28 дена од животот на Бурундук“. Во рамките на неговата посета во Скопје се планирани повеќе настани. Промоцијата на романот за тинејџери на украинскиот писател Иван Андрусјак се одржа во галеријата „Чудна шума“, а за делото разговараа писателот Андрусјак, преведувачката на делото Вера Чорниј-Мешкова и уредничката Билјана Црвенковска. Вчера се одржаа средби на Андрусјак со Здружението на Украинците во Македонија и со најмалите членови.
Повеста на Иван Андрусјак „Осум дена од животот на Бурундук“ (прв дел од романот „28 дена од животот на Бурундук“), со илустрации на Гана Осадко, е едно од најпрочуените дела во современата украинска книжевност за помлади тинејџери. Во 2013 година таа влезе во престижниот каталог на најдобри детски книги во светот „Бели гаврани“.
Иван Андрусјак е украински поет, автор за деца, прозаист, литературен критичар и преведувач. Тој е прогласен за еден од водечките поети на генерацијата од 1990-тите, со свој препознатлив поетски манир заснован на употребата на метафори. Прозата на Андрусјак се карактеризира како силно симболична и метафорична, со користење дијалекти. Од 2000 година тој активно се занимава со литературна критика, главно анализирајќи поезија, бранејќи ги моралните принципи во литературата и правејќи разлика помеѓу книжевна фикција и поп-литература. Со првиот дел од оваа книга, објавен оригинално под насловот „8 дена од животот на Бурундук“, едно од најпрочуените дела во современата украинска книжевност за помлади тинејџери, влезе во престижниот каталог на најдобри детски книги во светот „Бели гаврани“ за 2013 година.