Европската Унија со загриженост ги следи најавените планови на Соединетите Држави за забрана за извоз на дизел, вклучувајќи го и извозот во Унијата, изјави денеска портпаролот на ЕК, Олоф Гил.
– Соработката меѓу ЕУ и САД во областа на енергетиката е силна, стабилна и взаемно корисна. Секое нарушување би можело негативно да влијае на двете страни – рече Гил, додавајќи дека ЕУ очекува „блиските партнери меѓусебно да се консултираат пред преземањето мерки што влијаат врз заедничките пазари“.
Европската Унија е голем увозник на дизел од САД, од каде што увезува околу половина од својата потрошувачка.
Гил рече дека се во тек контакти на високо ниво меѓу претставниците на ЕУ и американската администрација.
Портпаролката за енергетски прашања, Ана Каиса Итконен, рече дека Комисијата внимателно ја следи состојбата на пазарите, истакнувајќи дека „во моментов во Европската Унија нема недостиг на дизел“.
Според медиумските извештаи, администрацијата на Трамп подготвува план за забрана за извоз на дизел во времетраење од 90 дена, обидувајќи се да ги намали цените на енергенсите кои претставуваат товар за републиканците пред изборите на средината од мандатот. Меѓутоа, според истите извештаи, околу ова прашање постои поделеност во самата администрација.
На забраната за извоз на дизел ѝ се спротивставуваат и американските производители, кои се плашат дека краткорочните добивки би можеле да бидат поништени со повисоки цени на горивата во иднина.
































