ИЛИРИКОН 2026: Продолжување на македонско-хрватските културни врски

Второто издание на меѓународната конференција „ИЛИРИКОН 2026 ќе се одржи од 25 до 27 септември 2026 година, во Домот на културата во градот Плоче, Република Хрватска. Овој регионален форум, посветен на археолошкото, историското и културното наследство на Илирите и сродните автохтони народи, обединува универзитетски професори, научни работници и независни истражувачи од регионот.

Идејата за ИЛИРИКОН произлезе од потребата да се надминат крутите кабинетски шеми и да се воспостави жив контакт со теренот, спојувајќи ги научните трудови со директно истражување на локалитетите.

• ИЛИРИКОН 2025 (Остров Шолта): Првото издание се одржа во септември 2025 година во Братската куќа во Грохоте на островот Шолта, со фокус врз мегалитските градби и праисториските камени градини (Вела Стража, Доње Село, Рогач). Настанот резултираше со печатен зборник од речиси 300 страници и десет стручни студии.

• ИЛИРИКОН 2026 (Плоче): За овогодишниот собир на копното, организацискиот одбор предводен од Горан Мајетиќ (уредник на порталот за слободни истражувања Будни Див), Мишко Ерак (Здружение на граѓани Обличевац) и Томислав Берониќ, со институционална поддршка на Градот Плоче, Туристичката заедница на Град Плоче и Народното отворено училиште Плоче, подготви капитален Зборник на трудови на повеќе од 550 страници, кој опфаќа 14 обемни научни студии.

Македонското културно-историско наследство на конференцијата ќе биде претставено преку излагањето и научниот труд на истражувачот, публицист и редовен колумнист на весникот „Нова Македонија“, Никола Ристевски. Учеството на Ристевски на „ИЛИРИКОН 2026“ има особена тежина, бидејќи тој е еден од ретките истражувачи во современа Република Македонија кој на овие специфични теми успеа системски да ја пробие приказната надвор од државните граници, пласирајќи ги автентичните македонски истражувања пред пошироката меѓународна и регионална јавност. Крунски доказ за овој долгогодишен пробив е токму неговата интензивна и плодна соработка со колегите и институциите од Република Хрватска.

Хрватската јавност и стручните кругови со години го препознаваат неговиот истражувачки опус:

• Шест гостувања кај Крешимир Мишак во емисијата „На рубу знаности“ (Na rubu znanosti) на ХРТ;
• Неколку гостувања во Атма и Мистериум подкаст;
• Јавни предавања во Сплит и Пула.

Како иницијатор на првите меѓународни неинвазивни археоакустични истражувања на геоглифот во Овче Поле во соработка со европскиот тим „Ес-би рисрч груп“ (SB Research Group), студии забележани и од познатиот британски автор Греам Хенкок во книгата „Magicians of the Gods“, Ристевски преку својата продукција успеа снимките и сознанијата за македонските локалитети да ги пласира не само на регионалните телевизии, туку и на глобални мрежи како „Хистори ченл“ (History Channel) во серијалот „Ејншнт ејлиенс“ (Ancient Aliens). Неговиот настап во Плоче претставува директно продолжување на таа мисија – промовирање на македонските истражувања во поширокиот регионален контекст.

На третиот конференциски ден, во недела на 27 септември во 12:45 часот, Ристевски ќе го одржи своето предавање „Античка Пајонија и мистична Македонија“ (Тематски опфат: Античка Пајонија; Пајон и Пајонците; Пајонија и античка Македонија; Античка Македонија, Илирија и Пајонија; Локалитети и археолошки наоди; Митологија и духовност; Варварите и цивилизираниот свет; Што можеме да научиме од древните Пајонци)

Конференцијата го задржува својот активен теренски фокус: во претпладневните термини се организирани стручни експедиции на праисториските камени градини и гомили (тумули) во Сташевица, Баќина и Плина.

Богатата културна програма опфаќа две филмски проекции, две тематски изложби, четири концерти на традиционална музика и три книжевни средби, заокружени со тркалезна маса посветена на спречувањето на девастацијата и стручната заштита на древното наследство.

Учеството на македонски претставник на „ИЛИРИКОН 2026“ уште еднаш докажува дека автентичното истражување на автохтоното минато е еден од најсилните мостови за трајно културно поврзување во регионот. За значењето на македонското учество на конференцијата во Плоче, еден од главните организатори на „Илирикон 2026“ и претседател на Здружението на граѓани „Обличевац“, Мишко Ерак, упати директна порака за важноста на соработката и историскиот континуитет: „Гостувањето на Никола Ристевски на ‘Илирикон 2026’ е од исклучителна важност за самата конференција, но мислам и многу пошироко и подлабоко за целата заедница на овие простори. Имено, нераскинливи се врските на Македонците и Илирите уште од Александар Македонски и неговиот татко Филип Втори со илирските кралеви, како и нивната соработка и заедничка борба за независност од надворешните освојувачи. За тој континуитет би можело да се каже дека беше непрекинат и продолжен и во поранешната држава, така што искрено се радуваме и го поздравуваме продолжувањето на ваквите соработки. Уште повеќе, Никола на конференцијата ќе одржи едно исклучително интересно предавање за Пајонија и Пајонците, кои се помалку познати за пошироката јавност, па ова е одлична прилика подобро да ги запознаеме. На Македонците можам да им порачам дека станува збор за една од глобалистичките манипулации кои Македонија и Македонците не ги признаваат како држава и народ, туку политички ги припојуваат кон Грците – за што не постојат никакви историски, археолошки, генетски или лингвистички докази. Главна цел на конференциите како што е ‘Илирикон’ треба да биде токму борбата за вистината, бидејќи таа е само една“.