Фото: Маја Јаневска Илиева

Комисијата за надзор над стручната работа, формирана од министерот за здравство го заврши надзорот над лекувањето на родилката од Струмица и едногласно заклучи дека нејзината невролошка состојба не е последица на спиналната анестезија применета при породувањето, ниту на лекарска грешка во која било од здравствените установи во кои била лекувана.

Во Комисијата која беше формирана на 19 август 2026 година, по предлог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, учествуваа пет експерти од различни специјалности, од кои двајца од странство: д-р Игор Самарџиски, гинеколог-акушер, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство Скопје (претседател); д-р Горан Рондовиќ, анестезиолог, началник на Клиника за анестезиологија на Воено-медицинска академија Белград; д-р Дејан Георгиев, невролог, раководител на оддел за неврологија на Универзитетски клинички центар Љубљана; д-р Миќун Миќуновиќ, неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ Охрид; и д-р Дејан Даскалов, радиолог, ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија Скопје.

Комисијата ја разгледала целокупната медицинска документација од трите установи, снимките од магнетната резонанца и дополнителните појаснувања побарани од болниците, а секој член се изјасни поединечно за својата област, додека заклучоците биле донесени со согласност на сите членови.

– Комисијата за надзор над стручната работа формирана од моја страна го заврши надзорот над лекувањето на родилката од Струмица и едногласно заклучи дека нејзината невролошка состојба не е последица на спиналната анестезија, применета при породувањето, ниту на лекарска грешка во која било од здравствените установи во кои била лекувана. Лекувана е во Општата болница Струмица, во Клиничката болница Штип и во Клиниката за неврологија во Скопје. Во основа, јас лично сметам и тоа неколку пати го изјавив, дека секој случај, посебно ваков случај на наводи за можна лекарска грешка кај родилка, заслужува највисок степен на внимание и највисок степен на претпазливост за како наш личен однос кон пациентката, пациентот, може да биде, и пристапивме многу сериозно во оваа работа – рече на прес-конеференцијата министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој додаде дека лично ги избрал докторите за стручниот надзор, водејќи сметка ниту еден од нив да нема никаков личен контакт со предметот на пациентката, само за да се обезбеди максимална објективност.

– Од таа причина, сметав дека треба да имаме невролог надвор од Клиниката за неврологија. Му благодарам многу на д-р Георгиев што се нафати да биде во таа улога и значително придонесе. Исто така, бидејќи фокусот беше на можна грешка на анестезиологот од Клиничката болница Штип, многу сум благодарен што д-р Рондовиќ се нафати да биде дел од стручниот надзор – додаде Клековски.

Комисијата ја разгледала целокупната медицинска документација од сите установи.

– Магнетните резонанци беа побарани, дополнителни објаснувања од болниците, надвор од тоа што ДСЗИ го обезбеди во нивниот вонреден надзор, и ги добија тие појаснувања. Секој од членовите посебно се изјасни за сопствениот дел: д-р Самоџиски за гинеколошкиот дел, Рондовиќ за анестезиолошкиот дел, Даскалов за радиолошкиот дел, Мичуновиќ за неврохируршкиот дел и д-р Георгиев за невролошкиот, меѓутоа сите заедно се согласија за севкупниот извештај и го одобрија – појасни тој.

Според наодите од Комисијата, грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и следењето по операцијата се спроведени според важечките протоколи и добрата клиничка пракса.

Спиналната анестезија била дадена во лумбалниот, долниот дел на рбетот, со стандарден лек и стандардна доза, додека промената во рбетниот мозок била утврдена значително повисоко во градниот дел од рбетниот столб.

– Значи, анестезијата е дадена на вообичаената локација, тоа е лумбално, каде што завршува рбетниот мозок и нема што да се повреди, а промената која ги предизвикала невролошките промени е на градно ниво. Постоперативниот тек бил уреден, пациентката е отпуштена без документирани невролошки симптоми, а тие се појавиле неколку дена подоцна – рече министерот.

Според комисијата, најверојатна причина е спонтано крварење од ретка малформација во крвните садови на повисоко ниво, која не може да се утврди со ангиографија која е направена на Клиниката за неврологија. Причината сè уште не е дефинитивно утврдена.

Комисијата препорачува, кога состојбата на пациентката ќе дозволи, да се заврши дијагностиката за конечно утврдување на причината, како и да продолжи рехабилитација со редовно невролошко следење.

– Поради заштита на личните и здравствените податоци избегнуваме користење на премногу детали во оваа комуникација. Ја посетив во универзитетската Клиника за рехабилитација во Козле. Таа беше таму 30 дена после исписот од Неврологија – истакна тој.

Нејзината состојба се подобрувала и имала вертикализација со помош на лонгитуд, значи дека може да стане на нозе.

– На нејзино барање… значи на неколку пати во текот на лекувањето има постапување на нејзино барање за да биде поблиску до семејството, е испишана, вратена во Струмица и работиме лекувањето и рехабилитацијата да биде продолжена понатаму во „Цар Самоил“ во Банско, што ќе биде доволно блиску до домот и до детето – рече тој.

Комисијата препорачува кога пациентката ќе се согласи да се дозавршат медицинските истражувања за да се утврди точната причина за тоа што го предизвикало невролошкиот проблем во висина на градниот кош.“

Самарџиоски појасни дека се работи за пациентка којашто е префрлена регуларно од болница од понизок степен заради одлуката на стручниот тим од таа болница поради нејзината клиничка состојба, а заради започнување на раѓањето, коешто спаѓа во група на ризична бременост.  Пациентка била со една претходна операција, односно претходен царски рез, обезна, и со започнато породување нешто порано од терминот. Стручниот тим проценил дека таа треба да се препрати, со претходна најава, до повисокиот степен — тоа е Клиничка болница Штип, каде што е прифатена, и оперативниот зафат е регуларно направен, без никакви проблеми во текот на операцијата.

– Што се однесува до постоперативниот тек и денот на исписот, после регуларните, протоколарни четири дена постоперативно, значи, се испишува во добра општа состојба, се испишува, значи, вертикализирана, без документација, ниту жалба од нејзина страна за невролошки проблеми. Сакам да кажам дека тој дел во суштина е, да речеме, најлесниот дел за објаснување. Понатака, она што се случува после два дена со појавата на тие клинички симптоми на дефицит на невролошкиот систем, односно појава на клиничка симптоматологија на слабост на движење, веќе преминува во областа на невролошкиот дел, каде што започнува лекувањето во Општата болница Струмица, бидејќи сепак таа се врати дома, и понатака е препратена на Клиниката за неврологија во Скопје по влошување на состојбата – рече Самарџиоски.

Миќуновиќ рече дека сѐ уште не е утврдена причината зошто настанало крварење во рбетниот мозок во градниот дел. По приложената документација од ДСЗИ и севкупната медицинска документација се сомнева на постоење нарушено оформување на крвни садови коишто прокрвариле инцидентно, сосема неповрзано со актот на анестезијата и царскиот рез.

И доктор Миќуновиќ рече дека се потребни дополнителни доистражувања. На магнетната резонанца видено е крварење, но секогаш има потреба од контролни снимања после некој одреден временски период, бидејќи вели, за многу невролошки состојби првичните дијагностики не можат да донесат до јасна етиологија на невролошкото страдање.

– Но, во ниту еден случај не постои причинско-последична поврзаност на лумбална пункција, тоа е спинална анестезија во слабинскиот дел, и крварење во градниот дел на рбетниот мозок. Ова со право можам и да го земам бидејќи спиналната анестезија што се аплицира како лумбална пункција – боцкање во рбетот за земање на мозочна течност, го прават и неврохирурзите во дијагностички цели и поставување на дренаж. Така што тоа е еден дел и од нашата пракса.И консултирана е и  странска литература, затоа што нашата едукација не завршува со специјализацијата, туку тука се конгреси, работилници, стручни списанија… Никаде како компликација не е опишано крварење во граден дел на рбетниот мозок после лумбална пункција или спинална анестезија – додаде Миќуновиќ.

Министерот Клековски додаде дека ова не е проблем што може да биде дијагностициран однапред, а кога настанал проблемот, направена е ангиографија која е, вели, златен стандард.

Доктор Димитров посочи дека нема документација, дека пациентката се жалела и претходно.