Претседателот на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима и македонски писател со светско реноме, Јордан Плевнеш беше специјален гостин на акaдемската церемонија на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, каде што беше избран новиот ректор, Франтишек Петрович. Како што е познато, меѓу двата универзитети има доллгогодишна соработка и размена на професори и студенти во областа на аудиовизуелните уметности.
Во присуство на голем број претставници од светски и европски високобразовни институции и видни личности од јавниот и културниот домен, како и од дипломатскиот кор, на овој настан посебно значење ѝ беше оддадено на вековната поврзаност помеѓу Словачка и Македонија, од времето на Моравската мисија на Св. Кирил и Методиј, преку Охридската книженва школа на хуманизмот што ја продолжија нивните ученици Св. Климент и Св. Наум, до бројните актуелни релации во науката, образованието и културата.
Познатиот европски теолог, Вилијам Јудак, Бискуп на Катедралата во Нитра и голем пријател на Македонија, му упати покана на Јордан Плевнеш да биде гостин на фестивалот „Денови на Кирилометодијевската меморија“ со неговата драма „Кирил и Методиј Who are you?“, која во превод на словачки од страна на проф. д-р Звонко Таневски ќе ја објави „Матица Словачка“.
Во контекст на историската поврзаност на Нитра и Охрид, како центри на сесловенската култура и писменост, во Катедралата во Нитра, во која прв словенски Епископ бил Св. Методиј, на Плевнеш му беше укажана честа да ги допре реликвиите на Св. Кирил – Константин филозоф, за да продолжи нивната визија за цивилзацијата на љубовта и носталгија по единството, поради која беа прогласени за заштитници на Европа 11 векови по нивната бесмртна мисија, која и денес е ненадмината и за целото Словенство и за целиот свет.






































