САД, Данска и Гренланд потпишаа договор за надминување на тензиите
- Договорот со САД, за кој е потребно одобрение од парламентите на Данска и на Гренланд, означува промена во однос на претходните
амбиции на американскиот претседател Трамп за целосно преземање на Гренланд - Спогодбата нема краен рок, им овозможува на американските авиони и бродови широк пристап низ Гренланд и неговите територијални води и им забранува на државите што не се членки на НАТО да поставуваат воени инсталации на островот, а исто така ги ограничува и странските инвестиции
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и премиерите на Гренланд и на Данска завчера потпишаа договор што овозможува поголемо американско воено присуство на Гренланд и може да ги реши тензиите околу овој стратешки важен остров богат со минерали.
Договорот, потпишан за време на посетата на Трамп на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, не предвидува исполнување на барањето на американскиот претседател за анектирање на Гренланд од страна на САД, што тој го правдаше со „спречување на растечкото присуство на Русија и Кина на Арктикот“. Спогодбата сепак го формализира поголемото американско воено присуство на оваа ледена територија – опција што се појави откако лидерите на Гренланд се спротивставија на идејата за целосно преземање на островот од страна на САД. Гренланд претставува полуавтономна територија на Кралството Данска што се наоѓа меѓу Арктикот и Северна Америка и поседува огромни енергетски ресурси.
СПОГОДБАТА МОЖЕ ДА „ТРАЕ ВЕЧНО“
Во текстот на договорот се наведува дека САД можат да воспостават одбранбен систем „Златна купола“ на Гренланд како штит против заканите од балистички ракети. Најкратката рута од Европа до Северна Америка минува преку овој арктички остров, каде што се наоѓа и најсеверната американска воена база.
Во својот говор пред светските лидери во ОН, одржан пред церемонијата на потпишување, Трамп изјави дека договорот им дава на САД „трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на таа територија“.
– На ниту еден противник на САД повеќе нема да му биде дозволено да воспостави воено присуство на Гренланд или да прави чувствителни инвестиции таму без наше категорично писмено одобрение – рече Трамп.
Американскиот претседател го потпиша договорот заедно со данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, на трилатерална церемонија одржана по неговиот говор во ОН. Фредериксен го опиша договорот како спогодба што може да „трае вечно“ и истакна дека тој ја нагласува важноста на НАТО и го почитува правото на Гренланд на самоопределување.
ИСТАКНАТА ВАЖНОСТА НА НАТО
Нилсен ја нагласи важноста на НАТО во Арктичкиот Регион.
– Сметаме дека е од витално значење да се одржи силен НАТО, вклучувајќи и на Арктикот, каде што Алијансата има клучна улога – рече премиерот на Гренланд.
На прес-конференцијата по потпишувањето, Нилсен изјави дека жителите на Гренланд сега мора да поминат низ процес на обновување на довербата со САД, откако најавите на Трамп дека САД со сила ќе ја преземат контролата врз островот ги нарушија односите со Гренланд и со Данска.
– Верувам дека кризата сега е завршена, но не мислам дека конфликтот е завршен во смисла дека овој договор би можел лесно да се искористи, доколку Американците го сакаат тоа, како платформа за изнудување дополнителни отстапки – изјави Микел Ведби Расмусен, професор по политички науки на Универзитетот во Копенхаген.
САД веќе управуваат со вселенската база Питуфик во оддалечениот северозападен дел на Гренланд. Договорот отвора две нови воени локации: Нарсарсуак, поранешна воздухопловна база од времето на Студената војна чие население се свело на само неколку десетици луѓе, и Местерсвиг, која моментално ја користи патролата со кучешки впрегнати санки „Сириус“ – единица на данските специјални сили.
– Веднаш ќе започнеме со процесот на воспоставување големо воено присуство на соодветната локација. Ќе изградиме две многу големи воени бази – рече Трамп во својот говор во ОН.
Одбивањето на Трамп да ја исклучи можноста за употреба на воена или економска сила за стекнување контрола врз Гренланд предизвика дипломатска криза во рамките на НАТО во јануари и ги принуди Данска и владата на островот на повеќемесечни интензивни преговори.
ШТО СОДРЖИ ДОГОВОРОТ?
Во текстот на спогодбата се наведува дека таа го изменува одбранбениот договор од 1951 година, кој служел како правна основа за американското присуство. Исто така, се додава дека Вашингтон во иднина би можел да побара дополнителни бази, при што деталите би се утврдувале со заеднички договор. Договорот нема краен рок, им овозможува на американските авиони и бродови широк пристап низ Гренланд и неговите територијални води и им забранува на државите што не се членки на НАТО да поставуваат воени инсталации на островот.
Договорот исто така ги ограничува странските инвестиции, со што ефективно ги спречува државите и инвеститорите од земји надвор од НАТО, партнерите на НАТО и Европската Унија да имаат контрола или значително влијание во секторите што се сметаат за особено чувствителни, вклучувајќи ги и критичната инфраструктура и експлоатацијата на ресурси.
Договорот, за кој е потребно одобрение од парламентите на Данска и на Гренланд, означува промена во однос на претходните амбиции на Трамп за целосно преземање на Гренланд – остров трипати поголем од американската сојузна држава Тексас, со население од само 57.000 луѓе распрснати по должината неговиот суров брег. Но тоа претставува прво значително проширување на американската воена инфраструктура на Гренланд уште од Студената војна, кога САД таму одржувале 17 објекти и ангажирале повеќе од 10.000 припадници на персоналот. Р.С.
































