Фото: Игор Бансколиев

Во март 2020 година, Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Албанија и со Македонија. Проширувањето е процес заснован на заслуги и двете земји испорачаа. Ставот на ЕУ останува јасен. Го очекуваме официјалниот почеток на пристапните преговори со двете земји, како и одржувањето на првите меѓувладини конференции што е можно поскоро, велат за „Нова Македонија“ од канцеларијата на ЕУ

Во контекст на новиот предизвик што го постави албанскиот премиер Еди Рама, како на Македонија така и на ЕУ, со најавата дека ќе упати барање до ЕУ за издвојување на неговата земја од воспоставениот пакет-принцип за заеднички почеток на пристапните преговори, доколку Бугарија до јуни не го повлече ветото за македонските евроинтеграции, Редакцијата на „Нова Македонија“ упати прашање за став до Делегацијата на ЕУ во Скопје. Нашиот интерес беше насочен кон позицијата на ЕУ во однос на неколку прашања: што би значело за Македонија издвојувањето на Албанија од пристапниот пакет за ЕУ, доколку се угоди на барањето на Еди Рама; постои ли некој правен момент до кој ЕУ треба да се придржува во однос на проширувањето во пакет; колку е реално да се очекува позитивен одговор од ЕУ на барањето на Еди Рама.
Од канцеларијата на ЕУ добивме одговор на нашите прашања.
– Во март 2020 година, Европскиот совет одлучи да отвори пристапни преговори со Албанија и со Северна Македонија. Проширувањето е процес заснован на заслуги и двете земји испорачаа.
Ставот на ЕУ останува јасен. Го очекуваме официјалниот почеток на пристапните преговори со двете земји, како и одржувањето на првите меѓувладини конференции што е можно поскоро.
Го поздравуваме обновениот поттик меѓу Бугарија и Северна Македонија. Ги охрабруваме двете страни да го одржат позитивниот моментум и да продолжат за да најдат заемно прифатливо решение за преостанатите билатерални прашања – е ставот од официјалното претставништво на ЕУ за почетокот на пристапните преговори за членство во Унијата, на Македонија и на Албанија. Ј.П.