Националната установа ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ продолжува со својата меѓународна мисија за презентација и чување на македонското културно наследство. На 15 ноември, ансамблот ќе одржи целовечерен концерт во театарот „Сент Винсент де Пол“ во Лука, Малта. Пред публика од македонската дијаспора и многубројни меѓународни гости, подиумските уметници, хорот и оркестарот на „Танец“ ќе претстават репрезентативна програма од антологиски кореографии, изворни ора и народни песни. Концертот ќе опфати дел од најпрепознатливите бисери на македонското фолклорно творештво, истакнувајќи ги богатството на ритмите, изворните носии и автентичниот музички израз што со децении го воодушевуваат светот.
– Патувањето во Малта е уште еден значаен чекор во нашата меѓународна агенда за поврзување на нашата дијаспора со корените, но и за промовирање на македонскиот културен идентитет пред европската публика. Горди сме што преку моќта на ритамот и песната ги пренесуваме долгата традиција и енергијата на нашиот народ – изјавија од раководството на НУ „Танец“.
Гостувањето во Малта претставува дел од редовната меѓународна активност на ансамблот во насока на промоција на македонското културно наследство на светските сцени.
































