Меѓународниот маратон во 24-часовно цртање стрип ќе се одржи на 28 и 29 ноември 2026. Станува збор за традиционален предизвик во кој автори, аматери и професионалци имаат задача да создадат оригинален стрип во рок од 24 последователни часа на зададена тема. Настанот паралелно се организира во повеќе градови низ Македонија, Хрватска, Словенија, Србија и Црна Гора, со цел да се поврзе и промовира регионалната стрип-сцена.
Техниката и должината на стрипот се по сопствен избор на авторите. Иако традиционалниот концепт предвидува 24 страници, постигнувањето на оваа бројка не е задолжително – примарна цел на акцијата се масовно учество, стручна размена и поддршка на креативниот процес.
– Освен две локации за цртање во живо во Скопје, овозможено е и отворено онлајн учество, со кое заинтересираните можат да творат оддома и да ги испратат своите дела електронски – сподели Томе Трајков, стрип-работник од Велес.
Трајков изрази големо задоволство што регионалните партнери позитивно одговориле на неговиот предлог од пред неколку години, овозможувајќи им на домашните автори простор за рамноправна соработка и афирмација.
– Инаку клучни информации и пријавување има на наменскиот сајт ttps://www.24satnocrtanjestripa.com/. Време на одржување: од 28 ноември (сабота) во 12 ч. до 29 ноември (недела) во 12 ч. Темата е тајна и ќе биде соопштена на почетокот на настанот. За истакнување е податокот дека годинашното графичко решение е на уметницата Гаја Смилевска од Скопје – споделува Трајков.
Пријавувањето е најдоцна до 25 ноември, кога треба е да се испратат основните податоци на учесниците. По завршувањето на маратонот, готовите страници се препраќаат на истата адреса.
































