• Бидејќи сте многу љубопитни и желни за знаење, за учење и за откривање на непознатото, во соработка со Македонското еколошко друштво ја воведовме рубриката „Откриј ги тајните на живиот свет“, со цел преку интересни факти да ви ги претставиме македонските природни богатства

Знаете ли дека латинското име на белоглавиот мршојадец Gyps fulvus во буквален превод значи „жолт мршојадец“? Gyps е латински термин за родот на мршојадци и опфаќа повеќе видови во Европа, Азија и Африкa. Терминот fulvus, пак, значи жолтеникав или бледокафеав и добро ја опишува бојата на пердувите кај возрасните птици, кои се во контраст со белата глава и темните летачки пердуви.
Белоглавиот мршојадец е навистина величествена птица. Со распон на крилјата меѓу 2,3 и 2,8 метри, тој е меѓу најголемите птици што можат да летаат. Тој е еден од четирите вида мршојадци што се среќаваат низ европскиот континент, а заедно со египетскиот мршојадец е еден од двата преостанати вида во нашата земја.
Се исхранува со мртви животни, диви и домашни, поради што спаѓа во групата на т.н. некрофагни птици. Колку често и колку многу ќе јаде зависи од тоа дали ќе си најде храна. Во природа, белоглавиот мршојадец не јаде секој ден и може да преживее без храна од пет до седум дена. Но, кога ќе најде храна, може да изеде и до пет килограми, што претставува речиси половина од неговата вкупна телесна тежина. Токму затоа, честопати, откако ќе се најаде, станува толку тежок, што му треба залет за да полета.

Белоглавиот мршојадец ги населува најнедостапните карпести предели, а гнездата ги поставува на тераси или на засеци во карпите. Кај нас се среќава во Демиркапискиот Регион. Станува збор за моногамна птица, што значи дека партнерите остануваат заедно цел живот. Живеат во колонии и храна бараат заедно, во групи.
Како и сите други видови мршојадци, така и белоглавиот е незаменлив чистач во природата! Неговите желудочни киселини се толку силни што лесно уништуваат бактерии како антракс, салмонела и бруцелоза. Со тоа што прв ги пронаоѓа мртвите животни и целосно ги отстранува за кратко време, оваа птица ни обезбедува здрава и чиста средина и го спречува ширењето на болестите меѓу дивиот свет, добитокот и луѓето.

Белоглавите мршојадци некогаш биле вообичаена глетка низ Балканскиот Полуостров, па и кај нас. Арно ама, до крајот на 20 век биле доведени до работ на истребување поради труењето, прогонот, недостигот од храна и смртноста предизвикана од енергетската инфраструктура. Иако според глобалната Црвена листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН) белоглавиот мршојадец не е загрозен вид, сепак кај нас популацијата е многу мала и изолирана. Ако пред речиси половина век на македонска територија летале околу 40 гнездечки пара, во 2018 година биле изброени само шест, поради што белоглавиот мршојадец го вбројуваме меѓу најретките птици гнездилки во Македонија. Оттогаш, популацијата расте, па годинава имаме 19 гнездечки пара.
Сакајќи да ја зачува и зголеми овдешната популација на белоглавиот мршојадец – кој, патем, е вид заштитен со закон – Македонското еколошко друштво ќе донесе нови белоглави мршојадци! Замислете си само каква глетка ќе биде тоа!

Текст: MЕД