Фото: Фејсбук на Гордана Силјановска-Давкова

Европската Унија треба да го забрза пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, не само поради нивните европски аспирации, туку и поради сопствената безбедност и заштита, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Парискиот мировен форум, пренесе МИА.

Говорејќи на панелот „Одбрана на суверенитетот во ерата на хибридните закани“, на кој учествуваа и литванскиот претседател Гитанас Науседа и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, Силјановска-Давкова се осврна на предизвиците за зачувување на државниот суверенитет и справувањето со современите безбедносни закани.

Опишувајќи ги актуелните глобални состојби, таа се повика на мислата на италијанскиот филозоф Антонио Грамши, оценувајќи дека светот се наоѓа во период на транзиција, во кој старите општествени структури исчезнуваат, а новите сè уште не се воспоставени.

– Живееме во нешто што би го нарекла интеррегнум, со зборовите на Грамши. Старото општество е заминато, новото сè уште не се појавило. И чудовиштата нè опкружуваат – истакна претседателката.

Таа посочи дека во услови на забрзана дигитализација и развој на вештачката интелигенција, хибридните закани стануваат помалку видливи, но нивното влијание е значително. Поради тоа, според неа, Европската Унија и НАТО треба да се фокусираат не само на документите, политиките и формалните процедури, туку и на суштинските безбедносни предизвици.

Осврнувајќи се на геополитичката положба на Балканот, Силјановска-Давкова нагласи дека регионот никогаш не претставувал политички вакуум, туку историски бил простор на кој големите сили ги одмерувале своите интереси и влијание.

– Никогаш нема празнина или никогаш нема политички вакуум. Никогаш. Особено, никогаш немало политички вакуум на Балканот. Балканот секогаш бил еден вид лакмус. И големите сили ја мереле својата моќ, за жал, на Балканот – рече таа.

Претседателката оцени дека на земјите од Западен Балкан не им се потребни само повици за трпеливост и отпорност, туку и конкретни чекори за забрзување на нивната европска интеграција.

Таа посочи дека земјите од регионот се тесно поврзани со европската економија, а како примери за постојната меѓународна соработка ги наведе стратешкото партнерство на Македонија со Обединетото Кралство и заедничкото членство во НАТО.

– Ако сме корисни, ако сме кредибилни, ако сме биле толку многу пати промовирани како одлични тркачи, тогаш во право сме и да го завршиме нашиот пат кон Брисел – истакна Силјановска-Давкова.

Притоа, таа направи паралела со драмата „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет, предупредувајќи дека европската перспектива на земјите од регионот не треба да се претвори во бесконечно чекање.

– Тогаш нема да кажам дека нашиот маратон кон Брисел е како чекањето на Годо. Тој никогаш не доаѓа, но ЕУ мора да дојде не поради нас, туку и поради сопствената заштита. Ние сме пристаништето – порача претседателката.

Според Силјановска-Давкова, интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, заедно со нивното членство во НАТО, е значајна и за зајакнување на регионалната отпорност и заедничката заштита од современите безбедносни и хибридни закани.