Низ улиците во општината Кисела Вода почна градежна офанзива. Започна решавањето на децениските проблеми со дотраената или, на некои места, непостојната подземна или надземна инфраструктура.
Општина Кисела Вода интервенира во сите месни и урбани заедници, а од соработката со Град Скопје произлезе реализација и на повеќе крупни проекти што се во негова надлежност, како што е темелната реконструкција на улицата Славка Динкова.
Ние како општина ги решаваме сите пристапни споредни улици во населбата Драчево, паралелно во изминатиов период работиме и во Црниче и во Пржино. Рилски Конгрес добива целосна реконструкција. Интензивно се работи на промена и на атмосферската канализација на Св. Наум Охридски во Црниче. Следува градежна офанзива, која ја започнуваме и со Град Скопје, кој вложува сериозни суми на пари за подобрување на условите за живеење на жителите на општината Кисела Вода. Темелната реконструкција на улицата Славка Динкова, заедно со проектот за Димо Хаџи-Димов, ќе чини над 100 милиони денари. Дополнително, над 200 милиони денари чини реконструкцијата на булеварот Борис Трајковски, која активно се одвива. Во напредна фаза е и проектот за реконструкција на Живко Фирфов, а претстојниот период ќе биде обележен и со низа капитални проекти од страна на Општина Кисела Вода. Во моментов, ќе ги издвојам асфалтирањето на сите улици низ Пржино, изградбата на водоснабдителен систем во населбата Каменик и изградбата на повеќе паркови, за што јавноста ќе биде дополнително известена. На мое големо задоволство, граѓаните по 30 години ќе добијат достојни услови за живот. Она што им недостигаше со години, во оваа година ќе успееме да го надминеме – изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.