Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан, а безбедноста на Европската Унија е нераздвојно поврзана со безбедноста на регионот, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Парискиот мировен форум.
Во обраќањето на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“, таа истакна дека светот минува низ период на длабоки промени, во кој досегашните модели се исцрпуваат, додека новите сè уште не се воспоставени.
Осврнувајќи се на концептот „interregnum“ на италијанскиот филозоф Антонио Грамши, Силјановска-Давкова предупреди дека ваквите транзициски периоди создаваат простор за политички вакуум и дополнителни геополитички ризици.
– Политичкиот вакуум никогаш не трае долго, а тоа особено важи за Балканот, нагласи претседателката.
Говорејќи за европската перспектива на регионот, таа порача дека земјите од Западен Балкан не се периферија на Европа, туку нејзин природен географски, историски и културен дел.
Притоа, потсети дека Македонија веќе 21 година има кандидатски статус за членство во Европската Унија и зад себе 17 позитивни извештаи, но сè уште не ги започнала пристапните преговори.
Силјановска-Давкова се осврна и на бројните уставни измени, отворајќи го прашањето за суверенитетот и демократскиот легитимитет. Таа нагласи дека Уставот не претставува само највисок правен акт, туку и општествен договор меѓу граѓаните.
– Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така – порача претседателката, повикувајќи на почитување на владеењето на правото, човековите права и слободи.
Според неа, Европската Унија не треба само да бара од земјите од Западен Балкан да ја зајакнуваат сопствената отпорност, туку и самата треба да придонесе за тоа преку забрзување на нивната интеграција во Унијата.
Таа предупреди дека во услови на забрзан развој на вештачката интелигенција, дигитализацијата и појавата на нови форми на хибридни закани, справувањето со безбедносните предизвици бара повеќе од надворешна отпорност. Потребни се и силни демократски институции и внатрешна општествена стабилност.
Одговарајќи на прашање за протестите во повеќе европски земји, во кои активно учествуваат младите, претседателката истакна дека младите не треба да се третираат само како иднината, туку и како рамноправни чинители во сегашноста и во процесите на одлучување.
Таа нагласи дека односот кон младите треба да се заснова на почит, еднаквост и охрабрување, како и на нивно активно вклучување во креирањето и донесувањето одлуки.
Според Силјановска-Давкова, меѓугенерацискиот дијалог е неопходен за опстанок и развој во современиот свет, кој сè помалку може да се гради врз изолираност.
На панел-дискусијата учествуваа и претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан.
































