Со изведување докази на одбраната, која најавила сослушување на 240 сведоци, денеска во судницата во затворот „Идризово“, при Основниот кривичен суд Скопје, продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На претходното рочиште, Јавното обвинителство изрази сериозни забелешки за трите вештачења, како и за стручноста и методологијата на градежниот вештак Петре Русески, кој го изработил градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети, пренесе МИА.
Обвинителството оцени дека Русески не ги исполнува законските и стручните услови, ниту методолошките стандарди потребни за неговото вештачење да биде прифатено како објективно и веродостојно доказно средство.
Во меѓувреме, одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка во фирмата „Венци проект“, преку исказот на техничкиот советник Османли Јорго отвори прашања за правната валидност и значењето на основниот проект од 2012 година.
Јорго, кој го изготвил вештиот наод и мислење на барање на Едровска, пред судот посочи дека документот насловен како „Основен проект“, изработен во 2012 година преку „Венци проект“, претставува делумна и нецелосна проектна документација. Според неговото образложение, документот не ги содржел сите фази предвидени со Законот за градење и не бил ревидиран.
Тој, исто така, тврдеше дека внатрешното уредување и организацијата на објектот биле извршени пред изработката на документацијата од страна на Едровска.
Одбраната преку ова сведочење настојуваше да ја оспори улогата на предметната документација во процесот на добивање лиценци, но исказот предизвика реакции кај родителите на загинатите во пожарот. Тие изразија незадоволство од тврдењата на техничкиот советник, особено во делот што се однесува на времето на изработка на проектната документација во однос на реконструкцијата на дискотеката.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судскиот процес започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по трагичниот пожар што избувна на 16 март 2025 година, за време на настапот на музичката група ДНК. Во несреќата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
































