Фото: „Нова Македонија“

Повод: Почетокот на десетте дена дискусија во Собранието во врска со ребалансот на буџетот

  • Во време кога глобалната економија и натаму се движи низ зона на неизвесност, успешните економски политики се препознаваат по нивната способност навремено да се приспособат на новите околности. Токму затоа, ребалансот на буџетот за 2026 година не треба да се гледа како техничка корекција на бројките, туку како стратешки инструмент преку кој државата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, стопанството, институциите и на граѓаните

Според мислењето на консултиран финансиски експерт од Брисел, вработен во Одделот за финансии на ЕУ, „секоја сериозна економија ги ревидира своите проекции кога се менуваат условите на пазарот. Таквиот пристап не претставува слабост, туку показател за одговорно управување. Буџетската политика мора да биде динамична, затоа што економијата не е статична категорија“.
– Новите инвестиции, промените на меѓународните пазари, инфлациските движења и потребите на домашното производство бараат флексибилност и брзи институционални реакции – истакна тој на почетокот на нашиот разговор, во врска со ребалансот на буџетот на Р Македонија, кој има временска рамка, во согласност со законот, да трае максимално десет дена.

Кон развојни инвестиции

– Економските показатели од изминатите години јасно ја покажуваат разликата меѓу политики што создаваат краткорочен ефект и политики што генерираат одржлив раст. Периодот на високи буџетски дефицити, проследен со слаб економски раст и значително зголемување на јавниот долг, остави сериозни предизвици за јавните финансии. Сега, кога економскиот раст кај вас е над три проценти, се отвора можност јавните средства сè повеќе да се насочуваат кон области што создаваат нова вредност – инфраструктура, индустрија, енергетика, технолошки развој и поддршка на домашните компании. Таквата распределба не претставува само финансиска дисциплина туку инвестиција во идната конкурентност на националната економија – тврди нашиот соговорник, финансиски експерт од Брисел.

Приоритетна поддршка за стопанството, тоа над сѐ значи и сигурност за
граѓаните

– Најсилниот ефект од секоја буџетска политика се мери преку нејзиното влијание врз реалната економија. Кога државата создава услови за инвестиции, за нови производствени капацитети и за поголема ликвидност на компаниите, придобивките не остануваат само во деловните биланси. Тие се претвораат во нови работни места, повисоки плати, поголема домашна продукција и посилна економска стабилност за граѓаните.
Во таа насока, ребалансот препознава дека развојот на индустријата и домашното стопанство претставува најдобра „социјална политика“. Наместо краткорочни решенија, акцентот се става на создавање економија што ќе биде поотпорна на надворешните шокови и поспособна да генерира сопствен раст – тврди нашиот соговорник.

„Институционален билдинг“ за институциите да влезат во кондиција да одговорат на новите предизвици

– Еднакво е важно што измените во буџетот овозможуваат институциите поефикасно да ги извршуваат своите надлежности во услови на променети економски околности. Современата држава не може успешно да функционира со буџетски проекции што не ја следат реалноста. Ребалансот овозможува средствата да се распределат таму каде што потребите се најголеми, а ефектите највидливи. Тоа претставува порака дека јавните финансии не се само механизам за сервисирање на тековните расходи туку и алатка за поттикнување на економскиот развој и зајакнување на институционалниот капацитет – вели нашиот соговорник.

Порака за стабилност и доверба

Испратените материјали во врска со ребалансот, нашиот соговорник педантно ги анализираше и ни го изнесе своето мислење и резимираше со своја куса оценка.
– Предложениот ребаланс испраќа јасен сигнал дека економската политика останува насочена кон раст, инвестиции и финансиска стабилност. Во време кога многу европски економии сè уште се соочуваат со последиците од глобалните кризи, способноста навремено да се препознаат реалните потреби и да се приспособат јавните финансии претставува значајна предност.
Ребалансот, затоа, не е само документ што ги менува буџетските ставки. Тој е израз на економска политика што настојува јавните средства да создаваат нова вредност, да ја зајакнат конкурентноста на домашната економија и да обезбедат подобри услови за работа на стопанството, поефикасни институции и поголема сигурност за граѓаните. Во тоа се препознава суштината на современото буџетирање – јавните финансии да бидат во функција на развојот, а развојот да биде во функција на државата и на секој нејзин граѓанин – вели нашиот соговорник, финансиски експерт, кој долги години работи токму на вакви проблематики во Брисел, во еден од финансиските сектори на ЕУ. Е.Р.


Од експозето на министерката Димитриеска-Кочоска

Буџетот не се ребалансира поради недостиг од средства, туку за да одговори на новите економски околности со повеќе средства за инвестиции и развој

Предлог-ребалансот на буџетот за 2026 година обезбедува дополнителни средства за редовна исплата на зголемените плати, поголема поддршка за земјоделството, социјалната заштита, општините и, пред сè, за забрзување на инфраструктурните инвестиции. Ова беше централната порака од експозето на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Според неа, предложените измени и дополнувања на буџетот претставуваат продолжување на економските политики насочени кон стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, при што позитивните економски трендови веќе ги потврдуваат резултатите од ваквиот пристап.

Ребалансот не е последица на финансиски проблеми

Министерката нагласи дека ребалансот не произлегува од недостиг од приходи или од нарушена ликвидност на буџетот туку од потребата финансиските проекции да се приспособат на новите економски услови.
– Најважно и клучно е дека измените и дополнувањата на буџетот за 2026 година не произлегуваат од недостиг од приходи или од нарушена ликвидност на буџетот. Напротив. Овој ребаланс е резултат на потребата да ги усогласиме буџетските проекции со новите економски услови и да обезбедиме дополнителни средства за законските обврски, за земјоделството, социјалната заштита, општините и за забрзување на инвестицискиот циклус во инфраструктурата – истакна Димитриеска-Кочоска.

Одговор на глобалната неизвесност

Во своето обраќање, министерката посочи дека измените се носат во услови на зголемена глобална економска неизвесност и геополитички предизвици, кои имаат влијание врз економските текови. Според неа, токму затоа било неопходно да се приспособат макроекономските претпоставки и фискалните проекции, особено на расходната страна на буџетот.
– Ребалансот на буџетот не претставува само техничка измена на бројки. Зад него стојат политики што Владата ги насочува кон поддршка на економијата и граѓаните. Тој е одговор на променетите економски околности и инструмент преку кој јавните финансии се усогласуваат со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и на граѓаните – рече министерката.
Таа потсети дека Владата и досега преземала мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, а со ребалансот продолжува политиката на навремено сервисирање на сите законски обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и приоритетно финансирање на развојните политики.

Приходите стабилни, расходите насочени кон приоритетите

Со предложениот ребаланс, вкупните буџетски приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари. Даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и изнесуваат 213,2 милијарди денари, додека неданочните приходи се зголемуваат за околу две милијарди денари, а донациите растат за дополнителни 2,7 милијарди денари.
Вкупните расходи се проектирани на 425,8 милијарди денари, при што дополнителните средства се распределуваат кон области што Владата ги утврдува како приоритетни.

Повеќе средства за земјоделството, социјалната заштита, здравството
и за образованието

Ребалансот обезбедува дополнителни 1,4 милијарда денари за земјоделските субвенции, со што вкупната поддршка достигнува 8,7 милијарди денари.
Дополнителни средства се предвидени и за субвенционирање на железничкиот сообраќај, за спортот, како и за студентскиот и ученичкиот стандард, за кои се издвојуваат уште 500 милиони денари. Во областа на социјалната политика се обезбедуваат дополнителни 1,3 милијарда денари за социјални надоместоци, заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, додека за здравството се предвидени дополнителни 1,2 милијарда денари, од кои половина се наменети за исплата на обврските по породилно боледување.

Фискална дисциплина и силен раст на капиталните инвестиции

Димитриеска-Кочоска истакна дека определбата за фискална дисциплина се гледа и преку намалувањето на расходите за стоки и услуги за околу 837 милиони денари, преку нивна реалокација кон приоритетните потреби. Истовремено, најголем акцент е ставен на капиталните инвестиции. Со ребалансот, капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари, што претставува зголемување од 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти во однос на иницијалниот буџет.
– Првпат корекцијата на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Зборуваме за дефицит што ќе финансира развој. Буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 проценти од БДП, а средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните – нагласи министерката.

Позитивни економски показатели

Во експозето беше посочено дека реализацијата на капиталните расходи во 2026 година е за 53,5 проценти повисока во споредба со истиот период минатата година.
Министерката информираше и дека навремено се сервисирани обврските на домашниот и на странскиот пазар во вкупен износ од 72,7 милијарди денари, што, според неа, ја потврдува стабилноста на јавните финансии.

Буџетот како платформа за економски раст

Во завршниот дел од експозето, Димитриеска-Кочоска порача дека буџетот останува најважниот стратешки документ преку кој Владата ги реализира своите економски политики.
– Буџетот е платформа за просперитет, насочена кон стабилност за економијата и за граѓаните. Тој обезбедува стабилност на јавните финансии, но истовремено создава услови за повеќе инвестиции, поголема економска активност и подобар животен стандард – истакна таа.
Според министерката, предложениот ребаланс ја задржува среднорочната траекторија на фискалната политика и претставува инструмент за поттикнување на економскиот раст, инвестициите и на развојот, со крајна цел – посилна економија и повисок животен стандард за граѓаните. Е.Р.


Од редакциски агол

Ребаланс за избор на економски приоритети

  • Охрабрува фактот што дополнителните средства се насочуваат кон капиталните инвестиции. Тоа значи дека секој денар вложен денес, утре треба да создаде уште нови патишта, нови железнички линии и индустриски погони од реалната економија, кои ќе понудат нови работни места, а сето тоа ќе го следи подобра јавна услуга. Таквата логика создава мултипликативен ефект – државата инвестира, стопанството расте, а придобивките ги чувствуваат граѓаните

Во економијата постои едно непишано правило. Имено, добрата фискална политика не се оценува според тоа колку троши, туку според тоа каде ги насочува средствата. Токму во тоа треба да се чита и предложениот ребаланс на буџетот за 2026 година.
На прв поглед, ребалансот е финансиски документ исполнет со бројки, ставки и проекции. Но зад тие бројки стои нешто многу поважно – избор на економски приоритети. А тие приоритети овој пат се јасно препознатливи, како што се – повеќе инвестиции, поголема поддршка за производството, сигурност за граѓаните и финансиска стабилност на државата.
Во услови кога глобалната економија сè уште се соочува со неизвесност, најголемиот ризик би бил државата да остане пасивен набљудувач. Затоа ребалансот не е реакција на слабост, туку одговор на новите околности. Тој покажува дека јавните финансии не смеат да бидат статичен документ, туку динамичен механизам што се приспособува на реалните потреби на економијата.
Особено охрабрува фактот што дополнителните средства се насочуваат кон капиталните инвестиции. Тоа значи дека секој денар вложен денес треба утре да создаде уште нови патишта, нови железнички линии, индустриски погони од реалната економија, кои ќе понудат нови работни места, а сето тоа ќе го следи подобра јавна услуга. Таквата логика создава мултипликативен ефект – државата инвестира, стопанството расте, а придобивките ги чувствуваат граѓаните.
Истовремено, ребалансот не го занемарува социјалниот аспект. Зголемените средства за плати, земјоделството, здравството, образованието и социјалната заштита испраќаат порака дека развојот има смисла само ако неговите резултати се чувствуваат во секојдневниот живот на луѓето.

Фото: „Нова Македонија“

Особено е значајна и определбата дел од дополнителниот дефицит да биде насочен кон инфраструктурни инвестиции. Тоа е суштинската разлика меѓу дефицит што финансира тековна потрошувачка и дефицит што создава нова економска вредност. Кога јавните средства се претвораат во капитални проекти, тие не претставуваат трошок, туку инвестиција во идниот економски потенцијал на државата.
Овој пат ребалансот испраќа уште една важна порака – дека економската стабилност и развојот не се спротивставени цели. Напротив, тие се дополнуваат. Финансиската дисциплина, рационалната распределба на средствата и зголемените капитални вложувања можат истовремено да обезбедат стабилни јавни финансии и побрз економски раст.
На крајот, секој буџет е повеќе од збир на бројки. Тој е огледало на визијата што една држава ја има за сопствениот развој. А ребалансот за 2026 година покажува определба јавните финансии да бидат во функција на инвестициите, домашното стопанство, институциите и граѓаните. Во време кога светот бара отпорни економии и брзи адаптации, тоа е порака што влева доверба – дека развојот не е случајност, туку резултат на јасно поставени приоритети и одговорни економски политики.


Клучни показатели

Приходи: 379,5 милијарди денари

Вкупни расходи: 425,8 милијарди денари

Капитални инвестиции: 46 милијарди денари (раст од 14,5%)

Буџетски дефицит: 4,1% од БДП, насочен пред сè кон развојни инвестиции. Е.Р.