„Ројтерс“ неодамна процени дека семејството Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од проекти поврзани со криптовалути откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа во 2025 година

Претседателот на САД, Доналд Трамп, пријави приход од над 1,4 милијарда долари од криптопотфатите на неговото семејство минатата година, што покажува како Трамп сега го добива поголемиот дел од својот приход од дигитални средства што имале корист од неговите политики, според прегледот на најновите извештаи за неговите финансии.
Документите со податоци за Трамп за 2025 година открија дека неговите компании добиле речиси 800 милиони долари од „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial), криптопотфат што тој и неговите синови го основале. Тој приход, што претседателот го дели со членовите на семејството, вклучувал повеќе од 520 милиони долари од продажба на криптотокени и повеќе од 250 милиони долари од продажба на удели во бизнисот „Ворлд либерти“. Трамп пријави уште 635 милиони долари од продажбата на своите мим-монети.
Криптоиндустријата го трансформира богатството на претседателот. Во објавите од пред една година, на пример, претседателот пријави 57,35 милиони долари од продажба на токени во „Ворлд либерти“, што забележа зголемување од девет пати во годинашниот поднесок.
„Ројтерс“ неодамна процени дека семејството Трамп заработило најмалку 2,3 милијарди долари од проекти поврзани со криптовалути откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа во 2025 година.
По преземањето на функцијата, Трамп почна да воведува политики и иницијативи што индустријата ги сметаше за корисни, од спроведување федерални правила за стабилни монети до намалување на контролата врз индустријата од страна на Министерството за правда на САД и Комисијата за хартии од вредност. За 2025 година, претседателот, исто така, пријави приход од над 80 милиони долари од спогодби со разни медиумски компании и приход од 52 милиони долари од неговата компанија што го лиценцира неговото име на странски инвеститори во недвижности, главно поттикнати од договори со партнери од Блискиот Исток.
Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, во соопштение порача: „Ниту претседателот ниту неговото семејство никогаш не се вклучиле, ниту некогаш ќе се вклучат, во судир на интереси. Претседателот Трамп гордо ги направи Соединетите Американски Држави главна криптопрестолнина на светот преку извршни дејствија“.
– Сите дејствија на претседателот Трамп и неговата администрација се преземени во најдобар интерес на американскиот народ и сите таканаречени новинари што се залагаат поинаку го рециклираат истиот заморен и лажен наратив што демократите и традиционалните медиуми го туркаат веќе една деценија – порача Кели.
Иако Белата куќа претходно изјави дека деловните интереси на претседателот во моментов ги надгледуваат неговите деца, претседателот останува корисник на средствата во фондот што на крајот ги добива приходите.

Богатство поттикнато од криптоиндустријата

Иако криптоиндустријата е убедливо најголем двигател на приходите за Трамп, неговите традиционални бизниси – особено голф-терените и одморалиштата – продолжија да му носат милиони. Трамп пријави зголемување од 15 отсто на приходите во своите голф-клубови и одморалишта, на нешто повеќе од 500 милиони долари во 2025 година. Најголемите зголемувања беа во клубовите каде што претседателот помина значително време од неговата инаугурација во 2025 година.
Приходите во неговиот клуб Мар-а-Лаго во Флорида, кој Трамп го нарече зимска Бела куќа, скокнаа на 77 милиони долари од 50 милиони долари во 2024 година, додека приходите во неговиот голф-клуб во блискиот Вест Палм Бич скокнаа за 27 отсто. А приходите се намалија на голф-теренот на Трамп во Лос Анџелес минатата година.
Трамп, исто така, минатата година обезбеди заем од повеќе од 50 милиони долари од банката Чарлс Шваб, покажаа поднесоците, без да се прецизира за што е заемот.
Трамп ги угости победниците на неговиот втор годишен натпревар за мим-монети во Мар-а-Лаго во април. Приходите на Трамп од неговите интереси за недвижности, бизнисот во кој тој се прослави, имаа помалку спектакуларен раст. Тој пријави приход од десетина значајни комерцијални потфати за недвижности, главно интереси во згради што ги изградил или стекнал пред неколку децении. Поднесокот не дава конкретни бројки за кирија за имоти како на пример „Трамп тауер“ во Њујорк, туку повеќе опсези на приходи. За повеќето, опсегот на приходи во 2025 година беше ист или помал од оној што Трамп го пријави пред една деценија.
Портпаролот на семејниот бизнис на Трамп, „Организацијата Трамп“, изјави во соопштение дека „ширината и длабочината на овој поднесок дополнително ја нагласува нашата посветеност на транспарентност. Со речиси илјада страници, тој претставува еден од најсеопфатните извештаи за финансиско објавување досега поднесени и демонстрира ниво на финансиска транспарентност неспоредливо во претседателската историја“.
Портпаролот на „Ворлд либерти фајненшл“ одби да коментира.
Дон Фокс, поранешен вршител на должноста раководител на федералната канцеларија за етика, која ги надгледува етичките прописи за федералните работници и ги разгледува финансиските извештаи, вклучително и оние на Трамп, рече дека претседателите и потпретседателите се ослободени од етичките закони што забрануваат судир на интереси меѓу вработените во извршната власт.
– Секој претседател во ерата по скандалот „Вотергејт“ управувал со своите финансии како да е предмет на судир на интереси. Со Трамп, тие норми се едноставно целосно надвор од сликата. Тој подобро од кој било друг го изнесува аргументот дека е време за дополнителни етички реформи. Мислам дека во однос на законодавството би било добро да се ограничат видовите инвестиции што тој и потпретседателот можат да ги имаат – рече Фокс.