Фото: Маја Јаневска Илиева

За да им се излезе во пресрет на жителите кои претрпеа поголеми штети поради неодамнешните обилни врнежи од дожд и невремето што го зафати подрачјето на град Скопје, Општина Кисела Вода отвора постапка за доделување еднократна парична помош за овие граѓани.

Како што се наведува во соопштението од општината, лицата кои ќе аплицираат за оваа помош, потребно е до Архивата на Општина Кисела Вода да достават барање придружено со следната документација: фотокопија од важечка лична карта или пасош, фотокопија од трансакциска сметка, фотографии од настанатата штета, како и записник од надлежен орган за претрпената непогода и доказ за сопственост на објектот.

По приемот на барањата, проценка ќе прави посебно формирана Комисија по што ќе се одлучи за одобрување на финансиските средства.

– Ги повикуваме граѓаните целокупната документација да ја достават во најбрз можен рок до архивата на Општината, за понатамошно постапување од страна на надлежните служби – посочуваат од Општина Кисела Вода.