Фото: Маја Јаневска-Илиева

Главната опасност што им се заканува на овие езера доаѓа оттаму што постојано се намалува нивото на водата, особенo на Преспанско Езеро, што доведува до тоа кислородот сè потешко да се пробива до подолните слоеви на езерските води и се создава една бескислородна средина, во која е невозможно опстојувањето на каков било жив свет. Тоа, несомнено, ќе доведе до ситуација кога двете најголеми природни езера во земјава и натаму визуелно ќе постојат, но ќе бидат мртви, односно во нив нема да постои никаков жив свет

Преспанско Езеро умира, Охридско го чека иста судбина

Преспанско и Охридско Езеро забрзано изумираат и ако надлежните не преземат нешто вистинско, без тоа да се само безброј студии на хартија и симболични финансиски средства за мали козметички проекти, тогаш големи се шансите за десетина години овие езера да станат целосно мртви, без никаков животински свет во нив.
Имено, главната опасност што им се заканува на овие езера доаѓа оттаму што постојано се намалува нивото на водата, особенo на Преспанско Езеро, што доведува до тоа кислородот сè потешко да се пробива до подолните слоеви на езерските води и се создава една бескислородна средина, во која е невозможно опстојувањето на каков било жив свет.
Тоа, несомнено, ќе доведе до ситуација кога двете најголеми природни езера во земјава и натаму визуелно ќе постојат, но ќе бидат мртви, односно во нив нема да постои никаков жив свет.
Токму на овој момент предупредува Златко Левков од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет од Скопје, кој тврди дека Преспанско Езеро буквално умира пред нашите очи, додека за многу кратко време истата судбина ќе го снајде и Охридско Езеро.
– Ние гледаме дека Преспанско Езеро буквално умира пред нашите очи. Она што му се случува е класично дојранско сценарио, односно она што му се случуваше на Дојранско Езеро некаде во 80-тите години на минатиот век, сега истите симптоми се случуваат во Преспанско Езеро – појаснува Левков.
Според него, индикациите дека на Преспанско Езеро почнува да му се случува еколошка катастрофа се појавиле уште во 90-тите години од минатиот век, но тоа не било доволно за надлежните да преземат нешто.

– Треба да се има предвид дека во Преспанско Езеро уште во 1995 година беше утврден недостиг од кислород на дното на езерото. Тоа значи дека оние животински организми што дишат кислород, не би можеле да опстанат. Проблемот е што тоа беше инцидент во 95 година, а денес должината на анаеробните услови во езерото се продолжува. Тоа се вика магична спирала, кога еднаш ќе започне тој процес на изумирање, ќе се одвива секојдневно сè побрзо и побрзо – предупредува Левков.
За него, ова што му се случува на Преспанско Езеро е катастрофа од невидени размери, бидејќи станува збор за еден од најзначајните водени екосистеми во светски рамки и центар на биолошката разновидност, која сега е сериозно загрозена.
Професорот Левков, правејќи подолгорочна анализа на случувањата во Преспанско Езеро, истите симптоми ги открива и во Охридско Езеро.
– Она што сега му се случува на Охридско Езеро, тоа е фазата во која Преспанско Езеро беше во 1995 година. Нашите симулации покажуваат дека за девет години од сега, односно во 2031 година, во Охридско Езеро би можеле да се појават анаеробни бескислородни услови. Значи, првиот момент е 2031 година, што е многу брзо. Ако се случи тоа, Охридско Езеро ќе го изгуби епитетот најзначаен воден екосистем во светот – нагласува Левков.
Навраќајќи се на повеќе научни студии, професорот го истакнува фактот дека двете езера никогаш во минатото не доживеале еколошки катастрофи.
– Постојат научни студии што велат дека Охридско и Преспанско Езеро не доживеале еколошки катастрофи во текот на своето постоење. Зборуваме за период од два милиони години. Одеднаш, доаѓа вулканска прашина од вулканите од Италија и предизвикува нарушувања и во двете езера. Периодот за враќање во нормала на Охридско Езеро е 1.000 години, додека периодот за враќање во нормала на Преспанско Езеро е 4.000 години. Ова што сега му се случува на Преспанско Езеро со намалување на нивото и создавањето бескислородна средина во водата, може да се врати во нормала што била пред индустријализацијата, загадувањето, дури по 4.000 години од денес, што е огромен временски период – потенцира Левков.
Според него, ако езерата останат без живот, тогаш не може да се исклучи можноста уште повеќе да станат предмет на узурпација од страна на луѓето.

– Ако дојде до тоа езерата да бидат само водна површина без живот, тогаш некоја локална власт може да помисли дека штом не може да се спаси езерото, нема повеќе потреба да се грижат за него, па уште повеќе да се забрза процесот на урбанизација околу езерото, па дури и во езерото, како што имаше случаи со Охридско Езеро. Па, замислете, ние во 21 век немаме канализација во Охридско Езеро, отпадните води директно се испуштаат во езерските води. Пред десетина години сите камења во езерото беа голи, без вегетација, а сега се забележува дека секој камен е преполн со една зелена алга, која е најдобар показател за комунално-отпадни води – тврди Левков.
Несомнено, покрај климатските промени, најголема закана за природните езера во земјава се човекот и неговото влијание. Пестицидите во Преспанско, урбанизацијата и немањето колекторски систем во Охридско Езеро, само ќе го забрзаат изумирањето на двете најстари езера во светот, што ќе остави несогледлива штета врз биодиверзитетот во овој дел од планетата.