Неколку милиони луѓе денеска се придружија на погребната поворка за починатиот ирански врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, во Техеран, објави државната агенција ИРНА, без да наведе точен број.
Многумина од учесниците во поворката скандираа „Одмазда, одмазда“, како и „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“. Некои поддржувачи на свештеникот држеа транспаренти на кои американскиот претседател Доналд Трамп беше прикажан како цел.
Хамнеи беше највисокиот политички и религиозен авторитет во Иран, со последен збор за сите стратешки прашања во земјата. Тој беше убиен во израелски воздушен напад насочен кон неговата официјална резиденција во Техеран на првиот ден од американско-израелската војна со Иран на крајот на февруари.
По неговата смрт следеа повеќе од пет недели борби меѓу Иран, Израел и САД, во кои беа вклучени групи поддржани од Иран, вклучувајќи го и либански Хезболах, пред претставниците на САД и Иран да се договорат за прекин на огнот на почетокот на април.
Поддржувачи од целиот регион, вклучувајќи ги Авганистан, Сирија, Либан и Ирак, се собраа во Иран за да учествуваат во поворката, која беше дел од повеќедневниот јавен настан за жалост што започна во саботата.
Церемониите за жалење се планирани за среда во ирачките градови Кербала и Наџаф. Потоа, следниот ден Хамнеи ќе биде погребан во неговиот роден град Машхад во североисточен Иран.
Иран денеска го затвори воздушниот простор над Техеран од безбедносни причини. Привремени и локализирани ограничувања за летови ќе бидат во сила и утре и до погребот на Хамнеи во четврток.
За иранското раководство и поддржувачите на Хамнеи, државниот погреб е и збогување со долгогодишниот врховен лидер на земјата и демонстрација на политичко единство по војната. Владата постојано повторуваше дека Иран го издржал конфликтот и покрај тоа што се соочил со воено супериорни противници.































