Да се врати буџетот на Младинскиот културен центар (МКЦ) на истото ниво на кое до сега бил финансиран со години наназад и да се спроведе фер и коректен конкурс за избор на директор, на кој ќе се избере најквалитетниот професионален профил кој ќе се пријави на истиот бара неформалното движење „Сите за МКЦ“, организирано од здружението „Гола Планина колектив“. Оттаму подготвиле петиција која може да ја потпишат подржувачите на барањата.
-Ве известуваме дека со нашите пријатели уметници, активисти, новинари и луѓе кои им значи МКЦ направивме една иницијатива преку која што ќе продолжиме активно да се бориме. Овој проблем е поголем од Гола Планина колектив, а и колективот има за цел да ја застапува и брани македонската млада музичка сцена. Бидејќи МКЦ не е само музика, МКЦ е дом на сите уметности, би сакале да ви го претставиме движењето „Сите за МКЦ“. Ова е неформално здружение на музичари, уметници, активисти, филмски и културни работници кои се борат за зачувување на еден од последните јавни културни простори каде што истите можат слободно да се изразуваат организира потпишувањето на петицијата „Да го зачуваме МКЦ“. Со потпишувањето се приклучувате кон борбата да се зачува културата, независната сцена и животот во Скопје. Под закана на искасапен буџет и партиско мешање во внатрешната структура на оваа институција, МКЦ не би можел да продолжи како што го знаеме и сакаме – стои во соопштението до медиумите.
Во неделата ентузијасти и љубители на независната култура се собраа на платото пред Младинскиот културен центар во знак на протест против политизирањето на културната установа. „МКЦ не е партиска цицка“ и „Културата е скапа! Некултурата поскапа!“, гласеа дел од паролите истакнати на протестот.
Реакцијата дојде по смената на сега веќе ексдиректорот на МКЦ, Ванчо Богоев, кој беше заменет, како што истакнува програмскиот колектив на МКЦ, поради тоа што не подлегнал на притисоците од страна на Град Скопје.
Вработените се пожалија на финансиски инспекции, ревизии и намален буџет како дел од притисоците што се вршат врз нив. Програмскиот колегиум посочи и дека новиот директор назначен од градоначалничката Данела Арсовска е дипломиран детектив, без поранешно работно искуство во културата.
На протестот беше посочено и дека одлуката што е донесена е „тотално чудна“, а нејзината законитост во моментот се испитува.