Ентузијасти и љубители на независната култура попладнево се собраа на платото пред Младинскиот културен центар во знак на протест против политизирањето на културната установа. Собирот што е предвидено да трае до 16 часот, е организиран од колективот „Гола планина“.
„МКЦ не е партиска цицка“ и „Културата е скапа! Некултурата поскапа!“, гласат дел од паролите истакнати на протестот.
Организаторите го истакнуваат незадоволството од одлуката за кратење на буџетот на МКЦ. Тие како мотив ја посочуваат и борбата за квалитетни услови на уметничка креација која не спаѓа во ексклузивно популарната сфера, како и за одржување на фестивали и концерти по кои е препознатлив МКЦ.
Реакцијата доаѓа по смената на сега веќе ексдиректорот на МКЦ, Ванчо Богоев, кој беше заменет, како што истакнува програмскиот колектив на МКЦ, поради тоа што не подлегнал на притисоците од страна на Град Скопје.
Вработените се пожалија на финансиски инспекции, ревизии и намален буџет како дел од притисоците што се вршат врз нив. Програмскиот колегиум посочи и дека новиот директор назначен од градоначалничката Данела Арсовска е дипломиран детектив, без поранешно работно искуство во културата.
На протестот беше посочено и дека одлуката што е донесена е „тотално чудна“, а нејзината законитост во моментот се испитува.
Организаторите велат дека се потпишува и петиција која ќе биде доставена до Град Скопје и Министерството за култура.
Фото: Н.Б.З.