Игор Талевски, директор на фестивалот на планински филм „Ехо“

  • Планината често ја сведуваат на врвови што треба да се искачат, рекорди што треба да се соборат или убави предели што треба да се фотографираат. Сето тоа е дел од нејзината привлечност, но планината е многу повеќе од тоа. Таа е и дом, работно место, културен простор, екосистем, место на традиции, но и простор во кој се судираат различни интереси. Затоа сакаме да прикажуваме филмови што доаѓаат од различни перспективи, вели Игор Талевски

Годинашното 17-то издание на фестивалот на планински филм „Ехо“ почнува денеска и ќе трае до 30 октомври во Младинскиот културен центар, славејќи ја вљубеноста на човекот во природата. Петдневната програма ќе се одвива во киното „Фросина“ и на други локации, за време на која ќе има 49 проекции на филмови, повеќе презентации од гости од странство и домашни презентери, детски работилници и други настани.
– Повторно има огромен интерес раскажувањето преку филмот да дојде и пред македонската публика – речиси 250 автори од педесетина земји аплицираа преку две платформи понудени за таа цел од нашиот фестивал. Изразуваме голема благодарност до сите нив! Најмногу апликации пристигнаа од автори од Шпанија, Франција, Италија, САД, Канада и Швајцарија, но географијата на годинешните пријави се протега многу пошироко… Од сите пристигнати апликации, официјалната програма ќе се состои од 49 филма. Тоа се 49 приказни со голема шареноликост во темите: за планините, за луѓето, за авантурите, истражувањата, спортот, природата и културата… За многуте начини на уживање на нашата љубов со неверојатниот свет што нѐ опкружува – најавуваат организаторите.
Годинашното издание ќе го отворат членовите на спелеонуркачкиот клуб „Врело“.
– Во киното „Фросина“ денеска во 19 часот членовите на спелеонуркачкиот клуб „Врело“ ќе ни споделат многу повеќе детали околу целата експедиција за време на која беше постигнат светски рекорд на достигнување на најдлабока подводна пештера што ја има истражено човек – пештерата Врело, на Матка, во нашата сакана Македонија. Гоце Димитриевски ни кажа дека мотото на меѓународната експедиција, во која покрај Македонци учествуваа и Полјаци и Италијанци, било „How deep is your love“ – споделија од „Ехо“.
На отварањето на „Ехо“ ќе биде прикажан и филмот „Нанга Парбат – ехо од Сизиф“. Новото остварување на Том Дауер и Кристоф Грипентрох е приказна што го следи германскиот алпинист Давид Гетлер, кој по пет експедиции во период од дванаесет години, конечно успева да стигне до врвот на Нанга Парбат. Давид тешко стигнува до својата цел поради тешкиот стил со кој сака да ја реализира: без користење кислород од боци, без фиксирање на јажиња, без поставување систем од кампови и без поддршка од носачи.
Подетално за годинешното „Ехо“ разговараме со директорот Игор Талевски.

Како ја склопивте годинашната програма на „Ехо“ и кои беа главните критериуми при изборот на филмовите? Што ви е особено драго што влезе во програмата?
– Програмата ја склопуваме со желба да понудиме што е можно поширока слика за планината и за односот на човекот кон неа. Секако, квалитетот на филмот е прв критериум, но за мене е важно и дали зад филмот има приказна што вреди да се раскаже, дали авторот успеал да ни понуди нешто повеќе од убави кадри и спортски подвиг, дали филмот отвора прашања или нè тера да размислуваме за нешто на поинаков начин.
Годинава особено ми е драго што имаме исклучително силна селекција на филмови поврзани со алпинизмот во неговата најчиста форма. Има филмови што навлегуваат во суштината на алпинизмот, во односот кон ризикот, во пријателството, во истрајноста и во причините поради кои луѓето се враќаат на планините и кога знаат колку тоа може да биде тешко. Имаме и навистина добра селекција на филмови посветени на жените во планината, нивните достигнувања и нивните приказни, кои сè уште не се доволно застапени во пошироката планинска култура, и поради тоа киното „Фросина“ в среда ќе биде целосно посветено на овие приказни.
Драго ми е и што овие теми не се изолирани. Тие ги надополнуваат еколошките филмови, приказните за планинските заедници и културата, како и квалитетната селекција на скијачки филмови. Мислам дека токму таа разновидност, кога е поврзана со квалитет, е една од најголемите вредности на „Ехо“.

Планината е простор за авантура, предизвик, лична трансформација, но и место каде што се судираат природата, човекот и општеството. Колку ви е важно програмата да понуди поразлични перспективи и да ја надмине вообичаената претстава за планината? Какви наслови ви е важно да проектирате?
– Тоа е многу важно. Планината често ја сведуваат на врвови што треба да се искачат, рекорди што треба да се соборат или убави предели што треба да се фотографираат. Сето тоа е дел од нејзината привлечност, но планината е многу повеќе од тоа. Таа е и дом, работно место, културен простор, екосистем, место на традиции, но и простор во кој се судираат различни интереси.
Затоа сакаме да прикажуваме филмови што доаѓаат од различни перспективи. Некогаш тоа е приказна за сериозен алпинистички потфат, некогаш за човек што се обидува да го зачува својот начин на живот, за научници што ги истражуваат климатските промени или за жени што ги поместуваат границите во средини во кои традиционално доминираат мажите. Интересни ни се и филмовите што ја поврзуваат планината со уметноста, историјата и културата.
Не мислам дека секој филм мора да носи голема општествена порака. Понекогаш една искрена, добро раскажана човечка приказна може да направи повеќе од филм што експлицитно се обидува да нè убеди во нешто. Важно е да има автентичност, авторски пристап и причина поради која таа приказна треба да ја видиме на големото платно.

Во време на климатски промени и сè поголем притисок врз природните предели, каква улога има планинскиот филм – да ја документира реалноста, да поттикне општествени промени…
– Мислам дека планинскиот филм може да ги направи и двете, но и многу повеќе. Пред сè, има можност да документира нешта што се случуваат пред нашите очи, а кои понекогаш не ги забележуваме или не сакаме да ги видиме. Промената на глечерите, исчезнувањето на снегот, притисокот од туризмот, уништувањето на природните живеалишта – сето тоа не се апстрактни теми. Тоа се промени што веќе влијаат врз планините и врз луѓето што живеат во нив.
Но филмот има и една друга важна улога: може да нè натера да се поврземе со некој проблем на човечко ниво. Едно е да прочитаме податок за климатските промени, а друго е да ја видиме приказната на човек чиј живот, работа или култура се менуваат поради нив. Тогаш проблемот престанува да биде нешто далечно.
Не очекувам еден филм сам по себе да го промени општеството или политиките. Но може да смени нечија перспектива, да отвори разговор, да поттикне интерес или да инспирира некого да направи нешто конкретно. А кога тоа се случува постојано, преку различни филмови, фестивали и заедници, се создава простор за промена. За мене, тоа е една од причините зошто планинскиот филм е важен.

Какво е влијанието на фестивалот врз нашето општество, какви промени бележите од издание во издание?
– Мислам дека најголемата вредност на „Ехо“ е во тоа што веќе 17 изданија создава простор за средба на луѓе, идеи и приказни што инаку ретко би се сретнале на едно место. Тука се алпинистите, планинарите, љубителите на филмот, екологистите, уметниците, научниците, но и луѓе што можеби немаат никакво искуство со планината, а доаѓаат затоа што ги привлекла некоја приказна.
Низ годините се менува и се проширува начинот на кој публиката го доживува фестивалот. „Ехо“ не е само серија филмски проекции. Имаме гости од различни земји, презентации, разговори, работилници, преводи на книги и активности надвор од Скопје преку нашето патувачко кино.