- Асоцијацијата на македонски лекари и стоматолози во Германија го најавува својот прв научен конгрес на 7 ноември. Според д-р Блашко Димковски, еден од основачите, во нивната мрежа се поврзани околу 500 колеги, а целта е професионалното искуство стекнато во странство да придонесе и за медицинската едукација и размената на знаења во Македонија
Меѓусебна професионална поддршка, размена на искуства и посилни врски со колегите во Македонија се целите со кои се поврзуваат македонските лекари и стоматолози во Германија. Нивната асоцијација на 7 ноември во Золинген ќе го одржи својот прв научен конгрес, под мотото „Медицината поврзува 2026 – Интердисциплинарни одлуки и безбедност на пациентите“.
Настанот треба да ги обедини колегите од различни медицински области, но и да отвори простор за разговор за идните активности и можностите за соработка со здравствените установи во матичната земја.
Според д-р Блашко Димковски, кој ја основал асоцијацијата заедно со д-р Борко Иванов и д-р Душко Димитриевски, иницијативата произлегла од потребата за поврзување на лекарите што својот професионален пат го продолжиле во германскиот здравствен систем.
– Многу од нас ја напуштија родната земја во потрага по подобри услови за професионално усовршување, но тие патишта за никого не беа лесни – вели Димковски.
И по интеграцијата во германското општество, додава тој, останале потребата за дружење со колегите и желбата за споделување на искуствата од професионалниот развој. На иницијативата на тројцата основачи ѝ се приклучиле и други лекари и стоматолози.
Димковски наведува дека во нивната мрежа денес се поврзани околу 500 колеги од различни области на медицината и стоматологијата, кои се во различни фази од професионалната едукација и кариерата. Мисијата на асоцијацијата, според него, е да им помогне во професионалниот развој, интеграцијата и секојдневната работа, истовремено негувајќи ја врската со Македонија.
За земја што со години се соочува со заминување на медицински кадар, едно од прашањата е како искуството на лекарите во странство може да придонесе и за домашното здравство. Димковски смета дека можностите се во медицинската едукација, научната соработка и размената на современи клинички практики.
– Професионалното искуство стекнато во странство има вредност и надвор од индивидуалната кариера. Тоа може да придонесе кон унапредување на медицинската едукација, развој на научната соработка и примена на современи клинички практики – посочува тој.
За овој потенцијал да добие практично значење, според него, потребни се континуиран дијалог, институционална поддршка и јасно утврдени можности за заедничка работа.
Како дел од настојувањата за поврзување со домашните институции, Димковски ја наведува средбата со министерот за здравство Сашо Клековски, одржана на 8 октомври во македонската амбасада во Берлин, по покана на амбасадорот Села. На средбата, според Димковски, се разговарало за можностите за структурирана соработка и трансфер на знаења со здравствените институции, коморите и здруженијата во двете земји.
Тој посочува дека веќе постои директна соработка со лекари од Македонија, кои се дел од организациските и научните одбори. Размената на лекари, дополнителната едукација и континуираната соработка со македонските клиники се меѓу темите за кои се разговара.
Замислата е колеги од Македонија да учествуваат на конгресите на асоцијацијата, а македонските лекари што работат во Германија да доаѓаат на конгреси и семинари во татковината. Во план се и стручни предавања, семинари и обуки за континуирано усовршување.
Димковски нагласува дека успехот на ваквото поврзување зависи и од личната ангажираност на лекарите. Потсетува дека образованието стекнато во Македонија им овозможило да бидат конкурентни и да го продолжат усовршувањето во друга држава, поради што смета дека постои простор за поголем заеднички придонес.
Првиот конгрес ќе опфати повеќе медицински области, со акцент на интердисциплинарното одлучување, превенцијата, препознавањето на ризиците и безбедноста на пациентите.
Д-р Блашко Димковски, специјалист по медицина на трудот, лекар на железницата, овластен лекар за радијациска заштита и сопственик на ординацијата „NDC Arbeitsmedizin“ во Моерс, ќе зборува за перзистентното оптоварување со хром и покрај преземените заштитни мерки. Предавањето ќе ги опфати анализата на причините од аспект на медицината на трудот и можните превентивни стратегии.
Дебелината и предијабетесот ќе бидат тема на д-р Христина Влавческа, лекарка на специјализација по ендокринологија при Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и нарушувања на метаболизмот во Скопје. Нејзиното предавање ќе се осврне на местото на агонистите на GLP-1 рецепторите во согласност со насоките и од аспект на диференцијалната дијагностика.
Д-р мед. Борко Иванов, специјалист и виш лекар на Клиниката за срцева и торакална хирургија при клиниката „Хелиос“ во Зигбург, ќе зборува за предоперативната процена на ризикот во срцевата хирургија, препознавањето на компликациите и зголемувањето на безбедноста на пациентите. Во неговото излагање ќе бидат опфатени и современите пристапи во срцевата хирургија, прецизноста, иновациите и минимално инвазивните постапки.
Д-р Лепосава Михајловска, специјалистка по интерна медицина и кардиологија и виш лекар по кардиологија и инвазивна електрофизиологија во Кампус Бад Нојштат, ќе се осврне на вентрикуларните екстрасистоли. Предавањето ќе го отвори прашањето кога тие претставуваат безопасен наод, а кога можат да бидат рано предупредување за кардиомиопатија.
Проценката на ризикот и постапувањето при тежок дишен пат во периоперативната медицина ќе бидат тема на д-р Наум Гештаковски, специјалист по анестезија и интензивна медицина во Христијанската клиника во Падерборн. Покрај пристапот во согласност со насоките, во фокусот ќе биде и безбедната тимска комуникација.
Прив.-доц. д-р мед. Катерина Хуфендик, FEBO, виш лекар и раководител на поликлиниката при Клиниката за очни болести на Медицинскиот универзитет во Хановер, ќе настапи со предавањето „Од окото до уметноста, перцепција и невроестетика“.
Според Димковски, конгресот добил акредитација со шест единици за континуирана медицинска едукација од надлежната лекарска комора во Диселдорф. Тој ја оценува акредитацијата како значаен чекор за асоцијацијата и за професионалното организирање на македонската медицинска дијаспора.
Покрај научните предавања, организаторите најавуваат и дискусии во кои учесниците ќе можат да дадат предлози за понатамошните активности на асоцијацијата.
На конгресот се очекуваат лекари и гости од различни делови на Германија. Според најавата на организаторите, предвидено е присуство на официјални претставници на македонската амбасада и на директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов. Најавено е и медиумско следење од Македонската телевизија и „Дојче веле“, а во музичкиот дел по стручната програма ќе настапат Сања Левкова и Елена Петреска.
Долгорочната намера на асоцијацијата е ваквите средби да прераснат во редовна професионална размена. Конкретните форми на соработка со македонските клиники, размената на лекари и дополнителната едукација допрва треба да се разработуваат.
Димковски очекува дека размената на искуства и континуираниот дијалог можат да придонесат за приближување на медицинските стандарди и за посилни професионални врски меѓу колегите во двете земји.







































