Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при вонреден инспекциски надзор во месарница во Општина Василево открила нерегистрирана комора на приватен имот, во која биле складирани месни производи и внатрешни органи.
При контролата, официјалните ветеринари заплениле 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи. Целокупната количина била нештетно уништена на депонија, согласно законските процедури.
Поради утврдените неправилности, изречена е мерка за привремено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни за работа во нерегистриран објект и за неозначување на производите.
Од АХВ посочуваат дека случајот ја потврдува важноста на редовните и вонредните инспекциски контроли, со кои се надгледува работењето на операторите со храна и исполнувањето на законските услови за безбедност на производите што се складираат и се пуштаат во промет.
Во периодот од јануари до август 2026 година, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 74.838 инспекциски надзори. Во истиот период биле уништени 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз, бил забранет увозот на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, а во земјите на потекло биле вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.
Агенцијата најавува дека инспекциските контроли ќе продолжат низ државата, со приоритет на заштитата на здравјето на граѓаните и спречувањето на продажбата на небезбедна храна.

































