Самостојна изложба на Дубравко Наумов

  • Проектот „Ноктурални проекции“ претставува едно артистичко истражување базирано на идејата дека навлаките за перниците се филтри на кои се задржуваат проекциите на будниот ум, вели Дубравко Наумов

Самостојната изложба „Ноктурални проекции“ на академскиот сликар Дубравко Наумов ќе биде отворена утре во 19.30 часот во Младинскиот културен центар во Скопје.
Кураторка на изложбата е Јасминка Намичева, а нејзината реализација е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Дубравко Наумов е роден во Скопје. Дипломирал сликарство на ФЛУ во Скопје во 1993 година, во класата на проф.Родољуб Анастасов, а подоцна и рекламен дизајн на реномираниот Колеџот за уметност и танц во Онтарио, Торонто, во 2006 година. Наумов во Канада работи како уметнички директор за реномирана компанија од Торонто. Во текот на својата уметничка кариера изложувал во Европа, Канада и САД. Живее и работи меѓу Скопје и Торонто.

„Ноктурални проекции“ е интригантен наслов, предизвикува различни толкувања… Што симболизира насловот, какво значење носи со себе?
– Насловот „Ноктурални проекции“ произлезе од концептот на овој ликовен опус и ја сублимира идејата што тој ја обработува, а тоа е несоницата. Сето она што го доживуваме во непроспиените часови: треперењата, препотувањата, менталната хиперактивност, сѐ што се случува длабоко во нашите умови и остава некаква трага. Има ли таа трага некаква форма или своевиден препознатлив запис? Каде е и каков е тој запис? Може ли тој запис да се визуализира и да се прикаже ликовно. Овој проект е токму обид за тоа.
Колку ноќта ви носи инспирација и што сакате да пренесете преку овие проекции?
– Идејниот концепт на овој ликовен циклус не ја романтизира несоницата и не ја позиционира непроспиената ноќ како инспирација за креативно творештво. Напротив, проектот ги регистрира токму времето на будниот ум поминато во неспиење и неговата активност, оптоварен со рафалната фреквенција на прашања, дилеми, анализи и многубројни обиди за нивните солуции.
Што ѝ подготвивте на публиката овој пат? Какви емоции, чувства, пораки испраќа изложбата?
– Менталната оптовареност при несоницата не секогаш е придружена со драматично мрачни и деструктивни мисли. Таа многу често е резултат на секојдневни проблеми или размислувања за иднината што не се нерешливи. Јас го обработувам токму процесот во кој оптоварениот ум создава тензија, но во исто време се бори за наоѓање повеќекратни солуции за многубројните стравови и неизвесности. На некој начин изложбата е еден вид интимен, интроспективен сегмент од психотерапевтски дијалог со публиката, искажан преку ликовен јазик.
Како се создаваше „Ноктурални проекции“ и кога би требало да напишете краток опис, како би го составиле?
– Секој ликовен проект почнува со истражување. Верувам дека сето она што се случува околу нас влијае на нашата личност и го обликува нашиот карактер. Некои животни сценарија ги прифаќаме свесно, а некои несвесно. Со некои се соочуваме директно, а некои ги потиснуваме, но тие се навраќаат во ноќните часови.
Проектот „Ноктурални проекции“ претставува едно артистичко истражување базирано на идејата дека навлаките за перниците се филтри на кои се задржуваат проекциите на будниот ум. Циклусот не се занимава со никакви научни докази ниту медицински експерименти. Идејата на проектот е базирана на своевидна интроспекција и се развива одвнатре, интимно, преку психолошки, филозофски и асоцијативни мисловни истражувања, визуелно преточени во ликовно обработени композиции.
Што ја прави оваа изложба поинаква од вашите претходни изложувања? Дали со „Ноктурални проекции“ заокружувате еден творечки период или можеби отвoрате ново поглавје во вашето сликарство?
– Овој ликовен проект е секако ново поглавје, нов предизвик. Станува збор за сосема нов ликовен израз и ново ликовно и тематско истражување. Основата на овој концепт тргнува од една секојдневна човечка појава, што го прави доста реален, додека самата реализација (сликаните композиции) е апстрактна. Тоа е сосема спротивно од моите претходни ликовни и концептуални истражувања, каде што преку фигуративен израз претставував една многу поезотерична егзистенцијална дилема за самопостоењето преку имагинарни, херметичко изолирани женски фигури-принцези, кои беа синоним за идејата за слободниот уметник, кој всушност не е слободен.
Вашето уметничко образование и кариера се движат меѓу Скопје и Торонто. Како животот меѓу овие два града влијаеше врз вашиот визуелен јазик и врз начинот на кој ја доживувате и изразувате уметноста?
– Корените на канадската уметност се во пејзажот. Од нивната фамозна „Група 7“ до денес можете да видите како таа релација со пејзажот се менува и трансформира низ генерации на уметници и не изчезнува. Но тоа е само генерална опсервација. Торонто е голем град, со константен прилив на нови имигранти од целиот свет, каде што се преплетуваат многу традиции, култури, јазици и религии. Таа мултикултурна атмосфера се огледа и во уметноста. На некој начин можете да видите еден пресек на светската уметничка сцена на едно место. Таа различност во уметничкиот израз на некој начин ве ослободува и е референца за тоа да не се повинувате на трендови и да продолжите по својот пат, токму онака како што вие мислите и чувствувате.