Централната изборна комисија на Бугарија ги објави најновите податоци од претседателските избори одржани вчера. Според обработените 98,99 проценти од изборните протоколи, во водство се Илијана Јотова и Кирил Валчев, со освоени 34,7 проценти од гласовите, пренесе МИА.
За овој кандидатски двоец гласале 524.913 избирачи.
На второто место се Андреј Ѓуров и Георги Кандев, кои освоиле 483.846 гласови, односно 32 проценти од поддршката.
Третопласирани се Костадин Костадинов и Петар Волгин со 190.220 гласови, што претставува 12,6 проценти од вкупниот број гласови.
Опцијата „Не поддржувам никого“ ја избрале 66.843 гласачи, односно 4,4 проценти од оние што гласале.
Изборниот процес поминал во мирна атмосфера, но со многу ниска излезност, која останала под 20 проценти. Најголема излезност е регистрирана во Софија, каде што гласале 18,36 проценти од избирачите, додека најмала е забележана во Крџали, со 6,77 проценти.
Бидејќи ниту еден кандидатски двоец не го обезбедил потребниот резултат за победа во првиот круг, Бугарија ќе го избира својот седми претседател во вториот круг од претседателските избори, закажан за недела, 1 ноември.

































