Нови огласи за програмата ИПАРД 3 најави директорката на Платежната агенција Даниела Иротова-Лазарева, откако лани во декември европските пари за нашите земјоделци беа суспендирани поради голем корупциски скандал.
Директорката Иротова-Лазарева најавува дека во декември ќе се отворат огласи за мерките 1, 3 и 7, за што земјоделците и преработувачките компании можат да почнат со подготовка на потребната документација за аплицирање. За да се намали ризикот од можни нови злоупотреби на европски средства во наредниот период, Платежната агенција направила одредени измени на постапките и процедурата за аплицирање на ИПАРД 3 – Програмата, за што е потребно усогласување и одобрување од надлежните национални и европски тела.
Речиси една година ИПАРД 3 за Македонија беше под знак прашалник поради откривањето на големиот корупциски скандал, во врска со кој е обвинет поранешниот директор на Платежната агенција Илија Стоилев. Во тек е судски процес за примање и давање мито од над 50 илјади евра, противзаконито влијание и злоупотреба на службената положба.
-Сите договори по сите мерки се склучени, ранг-листите се објавени на страната на Агенцијата и ги охрабрувам сите кои што имаат можност за инвестиции, без разлика дали во производствени капацитети, подигање на нови земјоделски насади, да се подготвуваат. Во декември ќе ги објавиме сите средства со кои располагаме, во програмскиот период 2027 година – потврди Иротова-Лазарева за медиумите.
Вкупната предвидена помош за македонските земјоделци за периодот 2021-2027 година изнесува 128 милиони евра, од нив 97 милиони евра се европски средства, додека Македонија учествува со 31 милион евра, како национално кофинансирање.
































