Нико Нестор, Славе Филев и Никола Чипан

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (411)

Серијал за пливачките маратони (2)

  • Првиот маратон се одржа во 1954 година, а победник беше големиот пливачки ас Нико Нестор. На следните маратони се појавуваа многу млади пливачи, од кои најдалеку стигна Дики Бојаџи, а потоа на сцена стапија една плејада одлични маратонци

Пливањето без сомнение е интересно и посакувано за целата популација, млада и возрасна, машка и женска. Тоа е факт, кој е особено воочлив во летните месеци, кога луѓето се насочуваат кон летните туристички дестинации и заминуваат да го поминат одморот во некое привлечно место покрај море или езеро. Пливањето и од медицински аспект е многу здраво и корисно за одржување на работната кондиција. Меѓутоа, гледајќи од спортски аспект, рекреативното пливање има наполно друга димензија, за разлика од она спортското, во кое постојано има една трка за што подобар резултат, за уривање рекорди, за шампионски титули на локално и на меѓународно ниво. Да се занимаваш активно со пливањето и да одбереш стил и дисциплина што најмногу ти одговараат е едно, а да го практикуваш пливањето повремено заради рекреација е наполно друга работа.
Меѓутоа, една работа во двата случаи е иста – поради разноликоста пливањето им дава шанса на сите што влегуваат во вода да го одберат стилот што најмногу им одговара. Во тој избор, сепак „машкото“ пливање, така во спортскиот жаргон го нарекувавме краулот, беше најприфатлива и најлесна варијанта за приспособување. Но тоа не беше случај со сите оние што влегуваа во водата. Некои за да се одржат и за да бидат посигурни запливуваа градно (прсно или на времето женско пливање), а оние повештите често запливуваа и батерфлај (пеперутка). Во сите овие стилови се одржуваат трки на повеќе дистанци, но за пливањето на подолги патеки, традицијата и искуството го покажуваат тоа, најприфатлив е слободниот стил. Ова е од проста причина што кога се плива долго ,овој стил најмалку заморува. Но често се случувало на маратоните некој од учесниците да заплива пеперутка или градно. Сепак, повеќето маратонци претпочитаа да пливаат слободен стил (краул) зашто така побрзо ги совладуваа метрите и километрите. Исто така, многу полесно се приспособуваа на честите непријатни ситуации предизвикани од немирните води и многуте струења.
Кај нас откако почнаа да се пливаат маратоните многу ретко можеше да се види некој да плива во друг стил освен краул. Но имаше и такви што се обидуваа, некогаш ќе успееја да ја препливаат предвидената дистанца, но почесто се откажуваа или, пак, многу заостануваа зад оние што пливаа во слободен стил. Инаку, кај нас во пливањето пеперутка беше најпознат и најупорен Ристо Бимбиловски, кој се обиде да го преплива дури и каналот Ла Манш, кој е предизвик за секој маратонец, но за жал не успеа. Едноставно не можеше да им се спротивстави на опасните води.
Овој вовед го дадов за да дојдам до она вистинското, а тоа се пливачките маратони по кои Македонија, најмногу по првите свои истакнати маратонци Нико Нестор, Дики Бојаџи и Климе Савин, беше препознатлива во светски размери. Оваа „тројка“ потоа повлече многу генерации млади пливачи, кои својата шанса за спортска афирмација ја најдоа токму во пливачките маратони.

Нико Нестор прв победник

За почеток маратонските пливања во Македонија се одржуваа само на Охридско Езеро, и тоа на дистанца од околу 2,5 километри на патеката од Горица до Охрид. Оваа делница најмногу одговараше и им беше некако најприфатлива на пливачите. Инаку, иницијатор за овој мал пливачки маратон беше, за жал покојниот, Леко Радиќ, кој беше активен пливач и кому поддршка му дадоа речиси сите пливачи од Охридски бранови. Меѓу оние што веднаш го поддржа беше и Славе Филев, кој не само што беше добар пливач туку подоцна стана и познат тренер. Негов најголем ас беше никој друг туку Нико Нестор, првиот Македонец што го преплива каналот Ла Манш.
– Ова беше само почеток, што се вели проба за она што допрва требаше да дојде. Со првиот маратон во 1954 година, кој предизвика големо интересирање кај охриѓани, почна да се плете приказната за Охрид и за неговите маратони. На стартот на првиот мал маратон се појавија осум пливачи, меѓу кои бев и јас. Интересно е оти бев единствен што пливаше пеперутка, многу потежок и побавен стил од слободниот. Имаше уште еден пливач, Ристо Пљачков, кој се реши да ја преплива делницата со еден малку познат стил, би рекол локален, охридски, со „фрлање раце“! Тој го исплива маратонот и беше осми. Јас во оваа прва трка бев претпоследен, но и единствен што пливаше пеперутка. Другите маратонци пливаа во оној типичен стил за долгите патеки, краул – се сеќаваше и ми зборуваше во емисијата посветена на МСЛ Леко Радиќ.
Резултатите од овој прв маратон Леко Радиќ ги запиша и во неговата книга посветена на историјата на македонското маратонско пливање. Инаку, победник на овој прв маратон беше прославениот ас Нико Нестор, со резултат од 42,20 минути, втор низ целта помина Славе Филев, со задоцнување од 3,30 минути, додека трет беше Никола Чипан, кој имаше резултат од 49 минути.
Со оглед на тоа што ова беше прв официјален маратон на Охридско Езеро еве го пласманот и на другите пливачи. По Чипан, четврти беше Перо Ристески, а потоа следуваа Димче Кароски, Томчо Балабан и веќе претходно споменатите Леко Радиќ (пеперутка) и Ристо Пљачков, со малку чуден и за многумина непознат стил со „фрлање раце“.

Девојките ќе чекаат до следниот маратон

Охридските пливачки работници планираа на првиот мал маратон да има трка во женска конкуренција. Но, со оглед на тоа што брзо им дојде терминот за машкиот маратон, едноставно организаторите се најдоа во цајтнот и немаа време да ги завршат неопходните подготовки за женскиот маратон.
Во емисијата со Леко Радиќ на Наша ТВ го запрашав дали сериозно се размислува во иднина да стартуваат и девојките, а тој во негов стил рафално одговори: „Да. Овде имаме повеќе девојки заинтересирани за пливањето на долги патеки, па .така. оние што веќе тренираат за трките на 1.500 метри, ќе бидат истите тие што ќе почнат да ја пишуваат и македонската историја за женските пливачки маратони“.
Штом ова го кажа Леко, со оглед на неговата настојчивост, сите знаеја оти ова ќе се оствари.
Инаку, првиот маратон од Горица до пристаништето во Охрид предизвика големо интересирање. Дури и самите организатори биле изненадени од тоа со колкави симпатии охриѓани, а и гостите што во тој период престојувале во нашиот најпознат туристички центар, биле одушевени од глетката што ја доживеале за време маратонот.
„На кејот имаше многу гледачи, дури и јас кога се доближив до брегот бев изненаден, истовремено и мотивиран да забрзам со завеслувањата за да стигнам што побрзо до целта. Имав уверливо водство и бев сигурен дека ќе победам. Другите натпреварувачи, меѓу кои и мојот подоцнежен тренер Славе Филев, беа далеку зад мене. Славе беше на три-четири минути зад мене, а другите нешто повеќе“.
Ова беше дел од изјавата на првиот победник на Малиот охридски маратон, Нико Нестор, која ја извадив од долгиот разговор што го имав со него подготвен за емисијата за Македонските спортски легенди на Наша ТВ. Инаку, основно во овој разговор беше кажувањето на, сега веќе покојниот Нестор, за препливувањето на каналот Ла Манш во 1959 година. Со овој подвиг, кој претставуваше вистинска сензација во тоа време, името на Нико Нестор вечно ќе се споменува, не само во пливачката туку и воопшто во македонската спортска историја. Тој во тоа време беше величан и славен како голем спортски херој. Ретки беа пливачите што во тоа време успеваа да им се спротивстават на немирните води на каналот, а токму еден од нив беше и нашиот Нико Нестор.
Инаку, првиот пливачки маратон од Горица до Охрид беше полн погодок. Овој настан беше обележан како многу интересен и од туристички аспект, во сите весници што излегуваа на територијата на поранешна Југославија. На тој начин им беше оддадено и признание на организаторите, што за нив, пак, беше голем мотив и понатаму да продолжат со исто темпо.
Идната недела ќе читате и за девојките што беа учеснички на првиот женски пливачки мал маратон, а ќе се потсетиме и на најдобрите во машка конкуренција, меѓу кои блесна идниот светски првак во маратонско пливање Дики Бојаџи.