Франција под Макрон
- Франција, една од носечките сили на Европската Унија, се соочува со длабока политичка и институционална криза, во која ерозијата на довербата, социјалното незадоволство и кризата на политичкото претставување ја доведуваат во прашање самата суштина на републиканскиот модел под водството, толкувањето и
обликувањето на Републиката од страна на Макрон. Емануел Макрон вети модернизација, стабилност и европско лидерство. Но неговото политичко наследство сè повеќе се мери со продлабочените поделби дома и со контрадикциите на француската политика кон Европа, а особено кон Македонија
Диктатурите на XXI век не мора да дојдат со тенкови пред претседателските палати, ниту со спектакуларно укинување на уставите. Понекогаш доволно е „стравот да стане политичка програма“, исклучокот да се претвори во практика, а „незадоволниот граѓанин во безбедносна закана“.
Републиката не паѓа
со еден удар
Токму тука се наоѓа најсериозното предупредување за Франција под Емануел Макрон. Не станува збор за лесно изедначување на современата француска држава со диктатура, туку за прашањето колку долго една демократија може да ја одржува стабилноста со инструменти што ја поткопуваат довербата врз која почива. Кога социјалниот револт првенствено се третира како проблем на јавниот ред, политиката се повлекува пред полициската логика. Кога протестот се сведува на безбедносна закана, државата можеби успева привремено да ги испразни улиците, но не успева да ги отстрани причините поради кои граѓаните излегле на нив. А токму тоа е суштината на француската криза. Имено, држава што располага со моќни институции, но сè потешко создава чувство дека тие институции навистина им припаѓаат на граѓаните.
Макрон и политиката на наметнатата стабилност
Емануел Макрон дојде на власт како претставник на новата политичка генерација, со ветување дека ќе ги надмине старите поделби меѓу левицата и десницата. Наместо трајно да ги надмине, неговото претседателствување ги продлабочи постојните социјални, регионални и идеолошко-политички пукнатини во француското општество. Натаму, реформите на пензискиот систем, начинот на кој беа наметнати и конфронтацискиот однос со синдикатите и дел од јавноста станаа симболи на еден модел на владеење во кој институционалната процедура често добива предност пред политичкиот консензус. Членот 49.3 од францускиот Устав, кој во одредени околности овозможува усвојување закон без вообичаено гласање во Националното собрание, сам по себе не е недемократски инструмент. Но неговата употреба во прашања од огромно општествено значење ја отвори суштинската дилема за тоа дали законитоста е доволна кога значителен дел граѓани сметаат дека нивниот глас е игнориран. (Членот 49, точка 3 од Уставот на Франција, е уставна одредба што ѝ овозможува на француската влада да усвои закон без непосредно гласање во Националното собрание, со тоа што ја презема политичката одговорност за неговото усвојување. Тој е дел од членот 49 од Уставот на Петтата Француска Република од1958 година).
Тука се открива слабоста на макронизмот. Политичката ефикасност не може бесконечно да ја заменува политичката легитимност. Државата може да донесе закон, но не може со декрет да произведе доверба. Кога претседателот упорно настапува како носител на единствено рационалната политика, а противниците ги третира како пречка за модернизацијата, демократијата ризикува да се претвори во систем во кој граѓаните формално одлучуваат, но сè помалку влијаат.
Безбедност без доверба е само привремен мир
Француската држава има право и обврска да го заштити јавниот ред. Ниту насилството може да се оправдува со социјалното незадоволство, ниту полицијата и институциите треба да бидат лишени од средства за спречување безредија. Но вистинското прашање е што се случува кога исклучителните безбедносни механизми ќе почнат да ја заменуваат политиката. Привремените ограничувања, засиленото полициско присуство и поширокото користење на безбедносниот апарат можат да изгледаат како рационален одговор на криза. Опасноста се појавува кога нивната логика ќе се пренесе во секојдневното управување, а секој следен протест ќе се дочекува со однапред подготвена претпоставка дека станува збор за закана. Тогаш се создава тивка, но опасна промена. Граѓанинот повеќе не се гледа како политички субјект што бара одговорност, туку како потенцијален проблем што треба да се контролира. Таквата држава може да биде привидно мирна, а суштински нестабилна. Незадоволството не исчезнува; тоа се повлекува, се радикализира или бара излез низ политички сили што ветуваат уривање на постојниот поредок. Макроновата одговорност лежи токму во тоа што неговиот модел на управување не успеа убедливо да покаже дека реформите, безбедноста и демократското учество можат да се надополнуваат наместо да се судираат.
Француската криза е и европска криза
Франција не е периферна членка на ЕУ. Таа е една од нејзините клучни политички, дипломатски и воени сили, постојана членка на Советот за безбедност на ОН и една од државите што го обликуваат стратешкото насочување на Унијата. Затоа слабеењето на нејзиниот политички авторитет не е само домашна работа на Французите. Тоа отвора и поширока дилема за способноста на Европа да дејствува како заедница на стабилни демократии во време на војни, геополитички ривалства и растечки внатрешни поделби. Европа не може убедливо да бара од другите држави почитување на владеењето на правото, демократските стандарди и институционалната стабилност, ако нејзините водечки политичари ја сведуваат демократијата на процедура, а политичкиот дијалог на пречка за извршната власт. Уште помалку може да гради заедничка иднина врз уверувањето дека европската интеграција е само прашање на исполнување услови што ги дефинираат најмоќните членки. Вистинската европска сила не произлегува од способноста на една држава да им ги наметне своите приоритети на другите, туку од способноста да создаде доверба дека заедничките правила важат еднакво за сите. Ако Франција ја губи довербата на сопствените граѓани, а истовремено ја губи и убедливоста пред европските партнери, тогаш кризата на француското лидерство станува проблем на целата Унија.
Политичкото наследство на Макрон: Моќ без убедливост
Макроновата слабост не е само во спорните реформи или во неуспехот да ги помири различните делови на француското општество. Таа е и во растојанието меѓу амбицијата за европско лидерство и способноста тоа лидерство да се претвори во доверба. Кога политичарот бара од сопствените граѓани да прифатат непопуларни одлуки во име на нужноста, а од помалите европски држави очекува болни компромиси во име на заедничката иднина, неизбежно се поставува прашањето „каде завршуваат заедничките интереси, а каде почнува волјата на помоќниот“
Токму тука еродира авторитетот. Не затоа што секоја политика на Макрон е погрешна, ниту затоа што сите европски проблеми произлегуваат од Париз, туку затоа што политичката амбиција без доволна демократска и дипломатска убедливост произведува отпор наместо сојузништво. Франција денес има потреба од обновување на сопствениот општествен договор, а Европа од преиспитување на моделот во кој интеграцијата премногу често се претставува како процес на исполнување услови, наместо како заеднички проект заснован врз рамноправност.
Во тој контекст, ние во Македонија, пак, имаме неприкосновено право да бараме европска перспектива што нема да биде условувана со постојано отворање прашања за нашата национална посебност. Француската Република не се брани од сопствениот народ со тоа што ќе го замолчи, ниту Европа се обединува така што од помалите нации ќе бара да платат со сопствениот идентитет.
Ако тоа е лекцијата од француската криза, тогаш неа треба да ја разбере и Париз. Политичката моќ може да наметне одлуки, но само легитимноста создава трајна стабилност. А европското лидерство што ја заборава таа разлика порано или подоцна почнува да ги губи и сопствениот авторитет и довербата на оние што сака да ги предводи. Тоа се гледа преочигледно на примерот на Макрон. Р.С.
Македонија и цената на француската двојна логика
Најочигледната противречност во „европската“ политика на Макрон се покажа и во односот кон Македонија.
Францускиот предлог од 2022 година, прифатен како основа за надминување на спорот со Бугарија и за продолжување на европскиот пат на земјата, отвори длабока политичка и општествена рана. Наместо убедливо да ја отстрани пречката пред интеграцијата, тој го внесе билатералниот спор во рамката на европскиот процес и создаде нови стравувања за идните условувања. Проблемот не е во тоа што Франција има право да предлага решенија. Проблемот е во политичката порака што ја испрати дека дури и по исполнувањето тешки компромиси, европската перспектива може да остане зависна од дополнителни барања што ги засегаат чувствителните прашања на идентитетот, историјата и јазикот. За најголем дел од македонските граѓани ова не беше техничка расправа за европски процедури. Тоа е прашање на достоинство, суверенитет и еднаквост во меѓународните односи. Македонскиот јазик и идентитет не се административни ставки што можат да се преуредуваат според политичките потреби на моментот. Тие се дел од историското и современото постоење на една нација и нејзината држава. Затоа, критиката кон политиката на Макрон е суштинска!
Кога европската интеграција по Макроновиот рецепт се претвора во процес на постојано условување, тогаш европските вредности ризикуваат да станат реторичка покривка за асиметријата на моќта. Не е потребно да се тврди дека Франција формално се обидела да ја избрише Македонија како држава за да се разбере сериозноста на проблемот. Доволно е да се забележи дека компромисот што требаше да го деблокира европскиот пат остави отворени прашања за заштитата на идентитетските посебности и за границите на дозволеното условување. И тоа упатени од европската колепка на демократијата – од Франција!
Македонија е земја што со децении вложува политички капитал во интеграцијата, направи болни компромиси и очекува Франција и европските институции да бидат гаранција за предвидливост, а не извор на нови неизвесности. Р.С.
































