Новинарска опсервација
- Евентуалниот договор за Украина може да биде само почеток на пошироко геополитичко прегрупирање. Вашингтон бара излез од војната и простор за маневрирање кон Кина, Москва се обидува да ги прошири своите опции, а Европа се соочува со ризик повторно да стане објект наместо креатор на големите стратешки одлуки
Војната во Украина влегува во фаза во која прашањето за нејзиниот крај сè повеќе се испреплетува со пошироката борба за глобално влијание. Главната теза на повеќе западни аналитичари е дека Вашингтон и Москва можеби се подготвуваат за прагматичен договор што би ги променил не само односите меѓу двете сили туку и позицијата на Европа во светскиот поредок.
Украина како почеток на новиот договор
Како важен сигнал се издвојува договорот за руските испораки на дизел, кој според Ројтерс треба да помогне во обновувањето на преговорите за Украина. Првиот танкер со 40.000 тони гориво тргна од руското пристаниште Приморск кон Њујорк, што покажува дека енергетските интереси можат да создадат простор за соработка дури и во услови на продолжен конфликт. Сепак, договорот за горивото не е доказ дека мирот е веќе на дофат. Тој е пред сè сигнал дека администрацијата на Доналд Трамп е подготвена да употреби економски инструменти за да ја врати Москва на преговарачката маса. Територијалните прашања, безбедносните гаранции за Украина и идниот однос меѓу Русија и НАТО остануваат суштински пречки.
Европа во расчекор меѓу енергетската зависност и политичката маргинализација
Најголемата дилема се отвора пред Европската Унија. По прекинувањето на значителен дел од енергетските врски со Русија, европските економии мораа да бараат поскапи или поинакви извори на снабдување. Истовремено, Унијата се обврза на целосно укинување на увозот на руски гас во текот на 2027 година, со преодни рокови што зависат од видот на договорите. Во такви околности, евентуалното враќање на рускиот гас на европскиот пазар би имало последици што ги надминуваат цените на енергентите. Прашањето е кој би ја контролирал инфраструктурата, кој би посредувал во трговијата и кој би ги остварувал најголемите економски придобивки. Метер ја отвора можноста американски инвеститори да преземат улога во обновувањето на енергетските врски меѓу Русија и Европа, претворајќи го гасот во инструмент на ново политичко и деловно влијание. Но тука треба да се разликуваат можностите од потврдените договори. Евентуалната американска контрола врз инфраструктурата „Северен тек“ останува сценарио, а не завршена трансакција. Сепак, самата можност ја открива суштинската дилема на Европа: дали енергетската безбедност ќе ја гради преку сопствена стратегија или повторно ќе зависи од договори во кои клучните одлуки ги носат други.
Москва и Вашингтон со ривалство во кое се отвора простор за договор
За Трамп, приближувањето кон Москва може да има неколку цели. Првата е да ја ограничи цената на продолжената војна и да го намали ризикот од директен судир меѓу нуклеарните сили. Втората е да отвори простор за американски економски интереси во енергетиката и пошироката билатерална соработка. Третата, можеби најстратешка, е да го промени меѓународниот маневарски простор на Русија во однос на Кина. За Москва, пак, обновувањето на каналите со Вашингтон би значело можност за ублажување на изолацијата, привлекување инвестиции и намалување на зависноста од еден доминантен економски партнер. Тоа не значи дека Русија би се откажала од стратешкото партнерство со Пекинг или дека двете сили би престанале да бидат конкуренти. Напротив, најреалистично е да се очекува прагматична соработка ограничена од меѓусебна недоверба. Дури и ако војната заврши со договор, основните несогласувања околу европската безбедност, влијанието во соседните региони и глобалната рамнотежа нема автоматски да исчезнат. Затоа, можниот пресврт не треба да се гледа како создавање ново американско-руско сојузништво, туку како обид двете страни да ги намалат трошоците на конфронтацијата и да добијат поголема слобода за дејствување на други фронтови.
Американската стратегија е доближување кон Русија, заради оддалечување на Пекинг од Москва
Зад руско-американското приближување се наѕира најважното прашање на идниот светски поредок, а тоа според многу аналитичари е всушност „односот меѓу Вашингтон и Пекинг“. Американската стратегија би можела да се обиде да ги намали заемноста на односите и нивниот подем меѓу Русија од Кина, со надеж дека Москва ќе заземе понеутрална позиција во идните американско-кинески судири. За Кина, руското партнерство има поширока вредност, и тоа енергетска, економска и секако безбедносна. Вашингтон, од своја страна, има интерес да го спречи создавањето уште поцврст блок меѓу Москва и Пекинг, особено во областите на високата технологија, вештачката интелигенција и воената соработка. Но останува неизвесно колку Русија би била подготвена да ги приспособи односите со Кина заради договор со САД.
Мирот не значи по дефиниција и нова светска стабилност
Во наредниот период се отвораат три можни насоки.
Имено, договор што ќе ја ограничи војната и ќе создаде простор за постепено намалување на санкциите; или продолжена конфронтација во која енергетиката ќе остане инструмент на комбинаторики; или пак привремено примирје без трајно или долгорочно решавање на прашањата што го предизвикаа конфликтот.
Најголемиот ризик за Европа е да се најде надвор од клучните преговори, а потоа ќе мора да се придржува на последиците од договорот. Но и Вашингтон и Москва би морале да сметаат на фактот дека трајниот мир не може да се изгради само преку поделба на интересите меѓу големите сили, без одржливи безбедносни гаранции во клучните воени жаришта, вклучувајќи ја и Украина. Во поширока перспектива, евентуалното приближување меѓу САД и Русија нема нужно да го запре преминот кон мултиполарен свет. Тоа може да ја промени неговата динамика, да ги прераспредели партнерствата и да отвори нови линии на конкуренција. Клучното прашање е дали големите сили ќе успеат да создадат (нови и одржливи) правила што ќе ја намалат опасноста од директен судир или ќе ја заменат старата конфронтација со нова поделба на сфери на влијание.
Украина може да биде местото каде што ќе започне новиот договор, а САД, Русија и Кина ќе бидат актерите што ќе ја определуваат неговата глобална архитектура. Европа… тешко.
Но, во светот што се оформува, мирот ќе биде важен само ако не стане друго име за привремено примирје пред следната геополитичка пресметка.
Каков став деновиве му соопшти на Путин неговиот најблизок економски советник?
- Кирил Дмитриев верува дека Европа порано или подоцна ќе се сврти кон Русија. Тој е еден од најблиските економски соработници на Владимир Путин, кој испраќа и јавна порака дека „европските држави, притиснати од високите енергетски трошоци, неизбежно ќе побараат обновување на деловните врски со Москва“
Евентуалното приближување меѓу Вашингтон и Москва би можело да отвори простор и за европските компании, кои не би сакале да останат надвор од новите деловни можности. Тоа е меѓу другото становиште на еден од најблиските економски соработници на Владимир Путин, Кирил Дмитриев. Тој во јавноста излезе и со едно интересно реторичко прашање, имено „ако САД можат да преговараат со Русија, зошто Европа би останала зад трајно затворена врата за соработка“.
Според некои аналитичари, оптимизмот на Дмитриев има и своја политичка функција.
-Со тврдењето дека европските граѓани ќе ги принудат своите влади да ја сменат политиката, Кремљ сака да покаже дека санкциите и енергетското одвојување имаат цена што Западот нема бесконечно да биде подготвен да ја плаќа. Но евентуалното обновување на односите не зависи само од цената на гасот туку и од војната, санкциите и идната безбедносна архитектура на Европа. За Путин, секоја нова дупка во „европското швајцарско сирење од бриселските политики“ е потенцијална стратешка добивка. А за Дмитриев, економските договори можат да бидат патот преку кој Русија повторно ќе добие пристап до европските пазари – толкуваат наши соговорници, дипломати од кариера. М.В.
Европа ја спушта топката со Москва во пресрет на зимата
- Од конфронтација кон прагматизам – европските лидери сè повнимателно ги одмеруваат потезите кон Русија, свесни дека политичката решителност има и своја (пре)висока економска цена
Европскиот „фронт“ против Москва сè уште е формално координиран, но зад декларативната цврстина сè поочигледно се отвора простор за тактичко, а можеби и стратегиско повлекување на Брисел.
Нов сигнал од Белгија
Најновиот сигнал доаѓа од Белгија, каде што премиерот Барт де Вевер е уверен дека Европската комисија нема повторно да ја отвора идејата за користење на замрзнатиот руски имот за финансирање на Украина. Во прашање се околу 185 милијарди евра руски средства што се чуваат во белгискиот финансиски депозитар „Евроклир“, дел од пошироката сума замрзнати руски средства во Европската Унија. Планот тие да се искористат за поддршка на Киев наиде на сериозни правни и финансиски пречки, а Белгија предупреди дека последиците од таков чекор би можеле да бидат долгорочни и скапи. Наместо спорниот механизам, европските лидери се согласија на кредитен пакет од 90 милијарди евра за Украина.
Дилемите за подинамично затоплување на релациите Брисел-Москва остануваат
Според мислењето на неколку наши соговорници, дипломати од кариера, за жал ниту ова решение не ги отстранува докрај дилемите за дипломатско и реално приближување на Брисел и Москва. Имено, Киев сѐ уште бара дополнителни средства, додека во европските престолнини расте свеста дека солидарноста мора да се усогласи со домашните буџети, финансиската стабилност и правните ризици.
– Токму тука се појавува суштинската промена. Не станува збор за помирување со Москва, туку за сè поголема воздржаност во изборот на средствата со кои Европа сака да ја притиска Русија. Белгискиот премиер инсистира дека замрзнатите средства треба да останат недопрени до мировен договор, кога нивната судбина би можела да стане дел од поширока спогодба. Во меѓувреме, во ЕУ веќе очигледно паѓа единството. Помал дел земји и натаму бараат порадикално користење на руските средства за помош на Украина, додека други предупредуваат дека правниот преседан би можел да ја наруши довербата во европскиот финансиски систем – велат нашите соговорници.
Претстојната зима дополнително ја усложнува равенката
Енергетските трошоци, притисокот врз индустријата, буџетските ограничувања и заморот од долготрајната војна ги принудуваат европските влади повнимателно да ја пресметуваат цената на конфронтацијата. Во такви услови, зачувувањето канали за идни преговори може да добие поголема тежина, дури и без формална промена на политиката кон Кремљ.
– Секое ретерирање во Брисел не треба веднаш да се гледа како пресврт кон Русија. Но јасно е дека европската стратегија влегува во пофазна и попрагматична етапа, а најризичните потези на Брисел се преиспитуваат. Прашањето е дали оваа претпазливост ќе остане само финансиска и правна калкулација или ќе стане почеток на пошироко дипломатско одмрзнување – размислуваат нашите соговорници.
Зимата можеби нема да донесе помирување меѓу Европа и Москва, но би можела да ја засили потрагата по излез од конфликтот. Тоа сѐ повеќе го најавуваат низ различни сигнали и Брисел и Москва. А во дипломатијата понекогаш токму повлекувањето еден чекор наназад е начин да се отвори простор за следниот потег, се разбира деескалирачки. М.В.
































