Дмитриј Песков/Фото: Кремљ

Кремљ очекува новата политичка сила, која ќе ја преземе власта по победата на парламентарните избори во Србија, да ја продолжи конструктивната соработка со Русија. Москва е подготвена и натаму да ги развива односите со Белград, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, пренесува руската новинска агенција „Интерфакс“.

– Што се однесува до новата политичка сила која ќе дојде на власт како резултат на изборите, сакаме да изразиме надеж дека нејзините активности ќе бидат конструктивно насочени кон натамошен развој на односите и дека оваа нова политичка сила ќе разбере дека соработката со Русија е во интерес на Србија, бидејќи тоа, пред сè, ѝ носи придобивки на самата Србија – изјави Песков пред новинарите.

Тој нагласи дека Москва останува заинтересирана за продолжување и унапредување на билатералните односи.

– Ние, од наша страна, имаме намера и понатаму на секој можен начин да придонесуваме за развојот на односите со Белград – порача портпаролот на Кремљ.

Сепак, Песков истакна дека за успешна соработка е неопходна подготвеност од двете страни.

– Но, како што знаете, за танго се потребни двајца – додаде тој.

Изјавата доаѓа по изборниот пораз на Александар Вучиќ и победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија.

Со оваа порака, Москва изразува надеж дека политичките промени во Белград нема да доведат до нарушување на традиционалните односи меѓу Србија и Русија, истовремено нагласувајќи дека нивниот натамошен развој ќе зависи и од подготвеноста на новото српско раководство.