Фото: МИА / Архива

Ќе преземеме соодветни мерки, односно ќе ги разрешиме или казниме директорите доколку под нивно влијание се формирале платите, вели министерот за здравство Беким Сали во одговор на новинарско прашање.

За време на денешната посета на вакциналниот пункт во амбулантата „Пролет“, тој појасни дека сè уште се чека Фонд за здравствено осигурување да направи увид и да го достави финалниот извештај, не само за Детската клиника, туку и за четири други.
– Формирањето на плата на еден вработен врз основа на Колективниот договор е врз основа на повеќе индикатори. Дали е тоа пракса и во изминатиот период или само во делот на анализираниот период ќе го видиме со дополнителни анализи – додаде Сали.
Во однос на изградбата на новиот Клинички центар, Сали вели дека ја разгледуваат можноста да се намали казната од околу 8,5 милиони евра за италијанската компанија што требаше да ја гради клиниката.

– Секако нема да биде таа сума, бидејќи најчесто страната што побарува ги бара сите средства што ги предвиделе во нивните калкулации во однос на раскинување на тој договор. Не секогаш тие средства се исплаќаат од другата страна, во овој случај државата. Таа процедура по сите практики ќе продолжи и најверојатно ќе одиме на арбитража и ќе одземе подолг период и не знаеме кога ќе има краен исход – појасни Сали, во одговор на новинарско прашање при денешната посета на вакциналниот пункт во амбулантата „Пролет“.

Апелира да не се избрзува со барања информации за тоа колку државата ќе биде оштетена и оти се трудат да бидат рационални и максимално организирани во однос на заштита на државата.