Претседателот Стево Пендаровски, денеска на плоштадот „Ибрахим Ругова“ во Приштина, на официјална церемонија со државни и воени почести беше пречекан од претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу.

Во рамки на официјалната посета, претседателот Пендаровски оствари тет-а-тет средба со претседателката Османи-Садриу, беше одржан пленарен состанок на македонската и косовската делегација, по што двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција.

– Северна Македонија и Република Косово, како директни соседи природно се упатени да соработуваат меѓу себе. Овој факт е препознаен од сите политички фактори во двете држави, а, јас во текот на разговорите ја истакнав и мојата подготвеност да го интензивираме дијалогот и на највисоко политичко ниво. Северна Македонија и Косово се и важни трговски партнери. Неодамна се одржа првата заедничка седница на владите на двете земји, во Скопје, при што беа потпишани 11 билатерални договори. Очекувам нивната реализација да значи унапредување на економските врски и конкретна придобивка во интерес на нашите граѓани – истакна Пендаровски.

Во однос на надворешната политика, кажа дека двете земји споделуваат заеднички стратешки цели.

– Северна Македонија ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и во тој контекст стоиме на располагање да ги пренесеме нашите искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО-алијансата. Членството во овие две организации значи натамошна стабилизација и просперитет за регионот. Со претседателката на Косово разговаравме и за дијалогот Приштина – Белград. Сите сме свесни дека ова е еден многу тежок и компликуван процес, но верувам дека сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко ќе го поддржат решавањето на спорот, кој на крајот ќе значи иреверзибилна пацификација на регионот. Дозволете ми во оваа пригода да го реафирмирам нашиот став, а тоа е дека Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави. Во таа насока, го поздравуваме и постигнатиот договор за деескалација на тензиите во северно Косово постигнат со посредство на Европската Унија – кажа Пендаровски.

Според претседателот, дијалогот е единствениот механизам, преку кој, како што рече, по распадот на поранешна Југославија земјите од регионот успеале да постигнат напредок на многу полиња. Затоа, како држава, додаде Пендаровски, ги поддржуваме напорите на нашите европски и американски сојузници насочени кон изнаоѓање решенија за отворените прашања.

При посетата на Пендаровски било разговарано и за можностите за унапредување на правата на етничките Македонци кои живеат на Косово, а биле разгледани и можностите за отворање на нови гранични премини.